Со серадосно ликување, Светата Бигорска Обител, заедно со притекнатите верници, достоинствено го дочека својот Старец и игумен, Архимандрит Партениј, кој денес едногласно беше избран за нов епископ од страна на светите архијереи на Свештениот Синод на МПЦ-ОА. По повод свечениот пречек, Старецот низ солзи ги упати кон нас овие татковски зборови:
Мили мои, во овој миг сум особено возбуден, не толку поради денешната одлуката на Светиот Синод да бидам избран за архиереј, колку од вашата љубов. Ве молам да ми простите што во моментот не можам нешто особено да ви кажам, затоа што не можам да ги спречам солзите и чувствата…
Нема ништо поголемо од безусловната љубов, којашто не бара корист, не бара правда. Љубов, којашто не е лицемерна, која не е човекоугодничка, туку е, едноставно, љубов заради љубов, добрина заради добрина. Токму на темелите на оваа љубов е изградено нашето братство, нашите сестринства, како и нашиот однос со сите духовни чеда и посетители во манастирите. Таа љубов ја сметам како најголемо богатство. Додека се враќав наваму, постојано размислував за фактот дека нема ништо поскапоцено од тоа некој да те сака безусловно. Да те љуби заради самиот тебе, да те почитува заради Бога. Не затоа што имаш некаков чин, затоа што, можеби, си некој и нешто во општеството, туку чисто заради тебе самиот, како Божјо создание. А уште повеќе трогнува љубовта некој да те сака и почитува како татко. Ви благодарам, наjвозљубени мои, што вие токму така и ме сакате – како татко. Тоа најмногу ми значи. Зашто, јас, како човек, имам многу слабости, но навистина се трудам да ве сакам како мои деца. Вие сте моето најголемо богатство. Еве, и денес вие го покажавте тoa со овој прекрасен пречек што ми го приредивте, со овој изблик на вашата некористољубива љубов. Што друго би можело да ме израдува толку, освен вашата љубов?! Љубовта во Христа. Неслучајно Апостолот Павле вели дека таа, љубовта, е најголема од сите (1. Кор. 13,13).
Денес мојот избор од Светиот Синод, тој голем крст кој ми се возложи денес, се случи токму на денот кога го славиме Апостолот на љубовта, Свети Јован Богослов, кој во своето Прво соборно послание засведочи дека Бог е љубов (1. Јован. 4,8). Тој беше апостолот кој на Тајната Вечера, како возљубен ученик Христов, се беше навалил на градите Господови и оттаму нацрпи неискажливо богословие и се нарече првиот ‘богослов’. Тој ни покажа од каде се црпи вистинската теологија: од пожртвуваната љубов кон Бога, којашто нè учи и ние меѓусебно да се сакаме вистински и нелицемерно. Истиот тој тајновидец, на друго место во истото Послание, вели: Ако некој рече: ‘Го љубам Бога’ а го мрази својот брат, тој е лажливец: зашто, кој не го љуби својот брат, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не го видел? И таа заповед ја имаме од Него: кој Го љуби Бога, да го љуби и братот свој (1. Јован. 4,20-21).
Монаси мои, монахињи мои, сило моја! Чеда мои духовни! Ве замолувам оваа љубов, со која досега ги градевме нашите заедници, да се умножува меѓу вас, да трае и да се шири. Молете се Господ да нѐ чува од лицемерното човекоугодништво, бидејќи неминовно е тоа да се појави. Честопати се случува некои лицемерно да им угодуваат на луѓе со чинови, но вистинската љубов, сепак, се препознава. Ве замолувам сите да се молите Бог да ни дава искрена љубов, која ја одмара душата на човекот и нѐ гради како богоподобни личности во Христа.
Уште еднаш, бескрајно ви благодарам! Ќе го повторам уште еднаш она што им го кажав на браќата на синаксис – дека без вас јас ништо не сум… Затоа, мили мои чеда, монаси, монахињи и мирјани, ве замолувам секогаш да ми помагате во носењето на тешкиот крст и ако грешам, поткрепувајте ме со вашата љубов, помогнете ми полесно да ги наминувам своите човечки слабости. Да ги носиме крстовите еден на друг, за накрај да имаме добар исход и добар одговор и да останеме со бел образ до крајот на нашите животи.
Простете ми, ви зборувам од срце. Навистина, се чувствувам немоќен да ви се залбагодарам за вашата љубов. Просто, немам зборови да го направам тоа… Ви се поклонувам на сите вас, особено на нашиот сепочитуван пастир и владика, митрополитот Тимотеј, чијашто архиерејска закрила ја чувствуваме секогаш во нашите обители!
Од името, пак, на нашата монашка заедница, кон Старецот се обрати најстариот собрат, јеромонахот Доситеј:
Возљубен наш Старецу,
Драги во Христа наши браќа и сестри,
Дозволете ми, од името на братството и сестринството да ја изразам нашата сеопшта радост, од евангелските зборови, од зборовите на благата вест за предлогот да бидете удостоен со возвишениот епископски чин, за коj сметам дека е соодветствува на Вашиот духовен раст.
Во овој миг, во моето сеќавање ми доаѓа моментот кога Вие мудро и просветлено благословивте на балдахинот пред манстирската капија, со позлатени букви да бидат врежани зборовите: Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Впрочем, со овие зборови нашиот Спасител Христос бил пречекан во Ерусалим по воскресението Лазарово, на шест дни пред Пасха.
Молете се, отче свети, да не се покажеме и ние како неразумната толпа, која неколку дена после овој пречек, Го предаде Христа на распетие. Вие, пак, знаете дека без Голгота нема Воскресение; дека без крстното страдание нема воскресенска радост. И не само што знаете, туку Вие така и живеете – крстовоскресно, со радосна тага и таговна радост, со хармолипи.
Браќа и сестри, да се молиме сите едномислено на предвечниот Совет на Светата Троица, со Својата Божествена премудрост да го чува и просветлува нашиот Старец и да му дава благодатни сили, за да го понесе и издржи бремето на архијерејскиот крст и да го удостои со спокојството што Господ Исус Христос им го вети на оние што се впрегнуваат во Неговиот благ јарем и со трпение го носи Неговото лесно бреме (сп. Матеј 11,28-30).
Накрај, од името на сите нас, му се заблагодарувам на нашиот почитуван надлежен архијереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, а и на сите архијереи од Светиот Синод на МПЦ-ОА, што вдахновени од наитието на Светиот Дух, ја донесоа денешната одлука, отец Партениј да биде вброен во редот на Христовите првосвештеници.
На многаја и благаја лета, наш Владико!
Достоен! Достоен! Достоен!