Божикни каланди кај Старецот Епископ г. Партениј

Во претпразничниот амбиент на Бигорскиот Манастир, под звезденото небо на Бадниковото навечерие, вчеравечер се случи едно прекрасно музичко и молитвено собитие. Имено, певците и оркестарот од реномираниот хор по источно-православно пеење и музика „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, со своите слаткозвучни гласови и мелодични инструменти, создадоа атмосфера на небесна хармонија и духовно радование.

Со насмеани лица и распеани гласови тие влегоа во игуменската одаја, носејќи го со себе преданието и топлината на православната христијанска вера. Нивната цел беше да го изненадат и израдуваат нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој со своето духовно татковство, мудрост и грижа, им ја осветлил патеката на благодатниот живот во Христа на повеќето од нив.

И како што веселите звуци на Божикните каланди се разлеваа низ манастирските ѕидови, секоја нота го допираше срцето и душата на присутните. Песните, исполнети со Божикните пораки на радост, благовестие, љубов и мир, ги претворија тие мигови во едно незаборавно духовно искуство и најава за благовестието од Рождеството Божествено.

Старецот, пак, со длабока благодарност, смирение и трогнатост, ги прими овие скапоцени музички дарови, плод на неговите долгогодишни трудови и заложби. Неговите очи, насолзени од радост, им испраќаа големи благослови на бадникарите, додека неговото срце беше исполнето со љубовта што му ја подарија овие благочестиви христијански души. Во своето обраќање кон нив, дедо Партениј не можеше да ја сокрие својата возбуда и радост поради обновувањето на оваа преубава бадникова традиција:

„Најмили мои, од сѐ срце ви благодарам што вечерва ме изненадивте на овој начин! Навистина, подобро и не можеше! Вашата љубов длабоко ме трогнува. Токму пред да дојдете, раскажував како беше во манастирот првите години откако дојдовме: од Нова Година според новиот календар до Божиќ според стариот, немаше жива душа, џан-џин како што велат старите. Но не само тука, туку и во целата наша татковина црквите беа речиси празни за Божик. И што смисливме ние? Решивме да правиме бдение на граѓанска Нова Година, за така да привлечеме народ за Христа. На луѓето тоа им се виде атрактивно. На некои им се беше смачило да слават по кафани и по ресторани, па откако чуле дека в манастир за Нова Година имало нешто, некакво бдение, им стануваше интересно и така доста млади почнаа да доаѓаат на тоа бдение. Втората година веќе го наполнивме параклисот на Свети Георгиј Кратовски, кој е, како што знаете, како една одаја помала од оваа. И си рековме: Слава Му на Бога, види колку народ дојде, така што наредната година ќе треба да одиме в црква. И продолживме да правиме така секоја година, бдение за Нова Година според новиот календар и сѐ повеќе и повеќе млади луѓе доаѓаа, се придобиваа за верата. И почнаа да ги полнат храмовите, не само в манастир, туку и по градовите.

Па така, по десетина години одлучивме дека нема повеќе да правиме бдение за Нова Година според новиот календар, бидејќи тоа не е во нашата традиција, не се слави Св. Василиј тогаш, нема голем празник. Го укинавме бдението за Нова Година и го воведивме за Божик. Веќе имавме доволно луѓе, за да дојдат на бдение за Рождеството Христово. Не да се радуваме само ние, туку да се радуваат сите, затоа што Христос се роди. Оти, оној кој познал колку е Христос сладок и убав, тој сака сите луѓе, цел свет да го повика кон Христа.

Потоа си рековме: ајде сега да обновуваме повеќе нешта што ќе бидат интересни за народот, а што ќе се поклопуваат со нашата традиција. На тој начин почнавме со обновувањето на каландите, ангажиравме духовни чеда коишто се естрадни уметници, музичари, свирачи и сл. Се возобновија многу каланди, особено помогнаа и децата од вашиот Хор, протопслатите, како и други хорови и поединци со добра волја во земјава и сега, гледајте до каде стигнавме денес – да се слави Божиќ насекаде, и во Црквата и надвор од храмовите, како што било некогаш. Оти, целта на каландите е токму таа: да ги повикуваат луѓето литургиски да го прослават Рождеството во храмот.

И сега, можете да разберете колку ми е мило и трогателно што го гледам сето ова по 27 години! По толку многу макотрпна работа и жртва. И немојте да мислите дека сакам со нешто да се пофалам дека ние почнавме со ова. Не, напротив. Ја знаете приказната во Евангелието за Царството Небесно, коешто Господ го спореди со човек кој најмувал работници за својата нива. Излегол во првиот час и ги собрал сите што ги нашол без работа и се погодил со нив за цената. Потоа излегол и во третиот час и повторно нашол луѓе без работа, па ги викнал во својата нива. Истото го направил и во шестиот час, на веќе изминат половина ден, и во деветтиот, па дури и во единаесеттиот час, кога денот веќе привршувал. И тогаш нашол луѓе без работа и ги викнал на својата нива. Накрај, кога завршил работниот ден, ги повикал за да ги исплати за сработеното, почнувајќи од последните. Тогаш оние што дошле на првиот час си помислиле дека, штом на последните им дава толку колку што им ветил ним на почетокот, којзнае колку ќе им даде сега на нив, кои работеле цел ден. Но кога господарот и ним им дал исто колку и на последните, тие почнале да се бунат: „Оние последните работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тегобата на денот и жегата“. А тој им одговори и му рече на еден од нив: „Пријателе, не те онеправдувам: нели се погоди со мене за динариј? Земи си го своето и оди си; и на овој, последниов сакам да му дадам колку и на тебе; зар немам право да чинам со своето, што сакам? Или ти е окото завидливо, оти сум добар?“ (Матеј 20,12-15) Затоа, не плашете се! И на крајот да дојдеш со покајание пред Бога, Он ќе те прими и ќе те награди изобилно. Пред Него и првиот и последниот се исти. Он на сите иста награда ќе му даде, и на тие што биле со Него од почетокот, и на оние што Го нашле на крајот. А да си со Него е најубавото нешто! И сите кои се трудат да љубат, ќе го гледаат лицето Божјо, сите ќе ја имаат истата голема плата, таму каде што е Царицата Мајка Богородица, каде што е великиот Свети Јован Крстител, Свети Николај и сите Светии, и оние од родот наш, Светите  Климент и Наум и многубројните други. Дај Боже сите ние таму да се најдеме! Без разлика кој од каде и кога е повикан. Можеби некои од нас се повикани во единаесеттиот час. Можеби и целиот свет веќе го живее единаесеттиот час и сите ние сега живееме во тоа време. Но, Господ за сите има иста плата и иста награда, така што да се потрудиме да Го љубиме Него и нашите со-луѓе. Господ бара да Го љубиме и да се покаеме за сѐ што сме згрешиле, за сѐ со што сме Го натажиле Него и нашите ближни, оти нема човек кој не греши, но важно е да се покаеме. Важно е да Му кажам: „Христе, Ти си ми над сѐ! Ти ги знаеш моите грешки, многу од нив направив и без да сакам, но според слабостите свои ги сторив и паднав. А сега, Ти дојди и исцели ме со Својата љубов и помогни ми, оти Те сакам“. Неопходно е да сакаме да се поправиме и да бидеме со Бога, оти Он не може ништо да направи против нашата волја; мора ние да сакаме да се смениме и тогаш ќе настапи чудото на промената. Еве, пред да дојдете вие им раскажував на луѓето тука за едно семејство што дојде вчера на исповед. Тие имаат едно детенце и Го молат Бога да имаат уште едно. Меѓу другото, сопругот ми рече: „Оче, јас многу грешев во животот. Покрај другото, грешев и со тоа што не Го признавав Христа, не верував во Бога воопшто и велев дека не постои, а така им зборував и на своите соученици, им проповедав дека Бог не постои. И живеев надвор од Бога, сѐ додека еден ден не Го најдов Христа овде кај вас в манастир“. В манастир Го нашол Христос. И тој е веќе дете на Црквата. На едната, света, соборна и апостолска Црква.

Вистинската Црква Божја не ги дели луѓето ни по националности, ни по епархии, ни по градови, ни по парохии, ни според било што друго од овој свет. Сите ние сме едно, сите сме органи на едно Божествено тело, на Црквата која е тело Христово. Каква убавина, каква заедница! На колку возвишена заедница Бог нè повикал – да бидеме како органите во едното тело, сите да функционираме беспрекорно, без разлика на нашите различности. Ние сите имаме различности меѓу себе, како што и органите на телото се разликуваат, но телото функционира беспрекорно само кога органите добро си ја вршат својата работа, секој според своето место. Сите органи со својата функција и нема бунт меѓу органите, како што вели Светиот Апостол Павле.

И не заборавајте, секогаш да си велиме на себе: јас сум тој кој треба да се заборава за сметка на другиот, за сметка на заедницата; јас треба прв да одам напред во жртва за сите. Доколку не го прави тоа еден Христијанин, тој е уште далеку од Христа. Човек што не знае да се жртвува за другите, да ги покрива и да ги љуби, нема остварено личносна врска со Христа, а прашање и дали воопшто се моли. Оти, човек кој вистински се моли, кој заедничари со Христа, кој е во постојано послушание кон Црквата, тој не ги суди другите, не ги ограничува, не ги притеснува, не ги натоварува, туку секогаш се жртвува за сите.

Ви благодарам уште еднаш за жртвата што дојдовте и за оваа Божикна радост што ми ја приредивте! На сите ви посакувам добар Божик! Да ми сте благословени!

Вчерашната вечер не беше само одбележување на Бадник, туку и потсетник на силата на заедништвото, преданието и верата. Певците и оркестарот од хорот „Митрополит Козма Пречистански“, со својата уметност, го одржуваат жив духот на православното христијанско прадание, заедно со многубројните коледари од Здружението „Бадникови поворки“ ширум Македонија.