Драгоцена посета и радост за Бигорски

Во продолжение на радоста од Благовештението и празничното торжеството во Манастирот на Богомајката Пречиста, ни беше подарена уште една благодатна и историска посета, овој пат во нашата древна Свештена Бигорска Обител. Имено, во попладневните часови од празникот, почитувачите и ценети гости и великодостојници од Вселенската Патријаршија, Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, и од Црквата на Грција, Митрополитот на Дидимотика, Орестијада и Суфли г. Дамаскин, по нивното сослужение во градот Охрид, во Света Софија, со надлежниот пименарх и Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, благоволија да дојдат во нашиот свет манастир на Чесниот Претеча Господов. Посетата на двата архиереи, од кои Светиот Дидимотиски за прв пат, донесе голема радост во манастирот, каде што со свечениот ѕвон на кабаните, кадилниците и пеењето, внесоа вистинска благовештенска радост, така што срцата на сите нас се исполнија со свештен трепет и благодарност.

Нашиот возљубен Старец, Игуменот на Обителта и Епископ Антаниски г. Партениј го покажа своето аристократско во духот гостопримство и срдечност кон возљубените гости. По свеченото манастирско иподохи, тој се обрати поздравно со зборовите:

„Ваши Високопреосвештенства, свет Митрополите на Имврос г. Кириле и свет Митрополите на Дидимотика, г. Дамаскине

Возљубени браќа монаси,

Возљубени во Христа браќа и сестри поклоници,

Дозволете ми од сè срце да ги изразам својата огромна радост и својата понизна благодарност кон Великиот Дародавец, Бог и Спасител наш, Господ Исус Христос, што тука, во овој наш свештен храм, денеска е присутен нашироко ценетиот јерарх, Високопреосветениот Митрополит г. Дамаскин, кој е еден избран брат во Христа и голем спомагател во процесот за признавањето на нашата најсвета Црква.

Тој е заедно тука со подеднакво ценетиот, почитуван и исклучителен брат во Христа, Високопреосветениот Митрополит на Имврос и Тенедос, г. Кирил, со кого неколку дена се наоѓаат во посета на нашата Татковина. Имено, тие најнапред беа гости во Светата Обител Пречиста Кичевска, каде што со својата посета предизвикаа една необична радост. Радост којашто го исполнуваше дури и воздухот! Чувствувам дека и предците се радуваат за ова наше заедничарење во Христа, коешто беше долгоочекувано за сите нас, а за кое, како што, впрочем, кажа и самиот свет владика Дамаскин во своето обраќање во Манастирот Пречиста – беа потребни многу трудови и жртви.


И навистина, ова братство на својот грб почувствува колку силна, напрегната и тешка беше борбата, која доби на интензитет особено во последните пет години, по што нашата Црква конечно беше примена во канонско и евхаристиско единство. Знаете, ние ги остававме многубројните наши обврски и послушанија низ Манастирот, само и само за да се помогне да се случи тоа свето црковно единство. И Сесветиот Татко наш, Татко на сите Православни, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, гледајќи ја големата борба на јерархијата и на народот овде и чувствувајќи ја болката на нашата оставеност, ја исцели лутата долгогодишна раната на славната Охридска Архиепископија. Тоа беше бездруго настан очекуван и посакуван од поколенија и поколенија наназад. Нашите предци знаеле колку била славна и убава Охридската Архиепископија и како таа била особено поврзана со Вселенската Патријаршија во Константинопол. Впрочем, историски гледано, повеќето Архиепископи на Охрид потекнувале токму од Престолнината, од Царицата на градовите, како, на пример, блажениот Теофилакт Охридски, тој голем црковен деец, светски познат егзегет, писател, којшто, меѓу другото, ги напишал и житијата на нашите возљубени сенародни Светии, Охридските чудотворци Климент и Наум, со кои ние денес се фалиме и чиишто житија постојано ги препрочитуваме и славиме. Практично, Константинопол и Охрид се поврзани со папочна врска, субјекти се и чинители на едно и исто свештено предание, на една и иста духовност, на една и иста цивилизација. Сега блажениот Теофилакт, заедно со сите други блаженоупокоени и свети Охридски Архиепископи, но пред сè со овие двајца наши омилени закрилници, Светите Климент и Наум Охридски, се радуваат од Небесата и славословат. Нивните молитви и благослови се чувствуваат, заедно со радостите на предците, и тие од Охрид и тие од Константинопол. И овие избрани и храбри мажи, возљубените браќа кои сега се со нас и помеѓу нас, следејќи го призивот, но и благородниот дух на предците, несомнено принесоа многу голема жртва, вложија огромни труд и љубов, за да ни помогнат, за да му помогнат на Христовиот народ овде. Притоа ниту очекуваа, ниту добија некаква придобивка или некаков надоместок за својот труд од овој свет. За ваквите благочестиви работници, награда е тоа што искрено ја љубат Црквата и нејзиното добро успевање – тие, всушност, ја очекуваат отплатата за својот труд од Господарот Кој ги одбра и најми. Заради ова тие станаа наши вистински браќа и добротвори и ги заслужија нашата почит и нашата љубов.

Се разбира, тука не смееме да ги изоставиме и другите чинители во овој процес, архиереите од нашата Црква, позначајни и со поголемо достоинство од мене, какви што се нашиот секогаш почитуван надлежен Митрополит г. Тимотеј, почитуваниот Митрополит Струмички г. Наум, и, секако, нашиот почитуван Архиепископ г. г. Стефан, коишто, исто така, се вложија себеси во ова историско дело, многу се потрудија и мудро постапуваа, поради што стасавме до тоа денес да се радуваат Небото и Земјата. Надоврзувајќи се на овој контекст што го поставив, најсмело ќе кажам дека вакви мажи денес, во ова време, ретко се наоѓаат, и тие се вистинска утеха за современиот човек. Нам ни е познато дека оние другите, понесените од сопствената суета и славољубие, кои сакаат да бидат истакнувани и да си придаваат дела и заслуги, ги има во изобилство, но познато ни е и тоа дека благословот го понесуваат само облечените во свадбената облека, во денот кога сè ќе биде откриено и узнато.   

Не сакам повеќе да ги заморувам нашите скапоцени браќа и гости, бидејќи денеска тие служеа Божествена Литургија во Света Софија Охридска, а изминатата ноќ беа и на бдение во Манастирот Пречиста. Затоа, уште еднаш, на Светиот Дидимотиски г. Дамаскин, кој првпат доаѓа овде, му посакувам едно големо и топло добредојде. И не само мојата смиреност и моето братство, туку, чувствуваме, тој со голема љубов е пречекан и од самиот Свети Јован Крстител и од сите Светии на Охридската Архиепископија, примен е со благодарност и љубов за сè што направи, заедно со Светиот Имвроски г. Кирил.

Добро ни дојдовте, владици свети!“


Драгиот архиереј од Црквата на Грција, Митрополитот г. Дамаскин, видно допрен од велелепието на манастирското гостопримство и благородното дело на нашиот возљубен Старец и чувствувајќи го благодатното присуство на Претечата Господов и големата Божја благодат во бигорскиот храм, благодарејќи и отпоздравувајќи, ги упати следниве зборови:

Преосвештен и возљубен свет брате,

Со особена трогнатост, но и со радост денес се наоѓам кај вас, во посета на овој древен и историски Манастир на Свети Јован Претеча, овде во Бигорски. Трогнат сум и среќен, затоа што денес се среќавам, а и вчера имав можност да ве сретнам Вас, мојот драг брате, но истовремено и да го запознам Вашето братство кое заедно со Вас, како жици на китара, работат и ѝ служат на Светата Црква во ова благословено место и под особените услови овде.

Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил и мојата маленкост се наоѓаме овде, секако, за да го сопрославиме со Вас празникот на Крстопоклонението, да се поклониме на Чесниот Крст на нашиот Господ, но и да го сопрославиме Богородичниот празник Благовештение на Богородица. И двата овие празника кои годинава се совпаѓаат, ни ја даваат оваа духовна можност, да се најдеме блиску еден до друг. Да комуницираат и нашите очи и нашите срца. Многу е важно во овие тешки денови и тешки времиња да се потсетиме на она што го вели Господ: „Брат од брата си помаган е како утврден град“ (Изр. 18,20). Имаме потреба да бидеме блиску еден до друг, да се движиме заедно, да ги оставиме настрана сите слабости на минатото и да се најдеме блиску еден до друг, бидејќи како што гледаме „мнозина околу нас се наши непријатели“. И за жал, не само што се многу, туку и растат и се намножуваат. Ова треба да го сфатиме: не можеме да продолжиме да живееме одвоени едни од други. И ако ми дозволите, сметам дека најголем грев е рамнодушноста. Да се биде рамнодушен кон својот брат, кон човекот до кого се наоѓаш. Значи, мислам дека не можеме да бидеме рамнодушни. И тој интерес и тоа разбирање го покажа Неговата Божествена Сесветост, нашиот Вселенски Патријарх кога, пред околу две години, отстрани секаква резервираност и го благослови евхаристиското општење со Охридската Архиепископија и со јерархијата, со свештениот клир и благочестивиот и христољубив народ на оваа Црква.

Утрово служевме заедно со локалниот Митрополит г. Тимотеј и заедно сослужувавме во свештениот паладион на Охридската Црква, во храмот на Божјата Премудрост и особено бев трогнат, и му го исповедав тоа на Светиот Имвроски и Тенедски дека, со оглед на тоа што не можеме да богослужиме во Света Софија Константинополска, служевме барем во Света Софија Охридска, нешто што до неодамна беше незамисливо, да сосолужуваме во овој прекрасен, голем катедрален храм. Како што реков претходно, тоа е најсветото, најсвештено нешто што го има Црквата, Охридската Архиепископија. Бидејќи во овој Храм е концентрирана целата историја на оваа Црква.

Сакам повторно јавно да ја изразам својата радост што сум со вас. Да ви  заблагодарам за почесната покана да бидам овде овие дена. Да ве уверам дека интересот и љубовта на сите нас, а особено на нашата Вселенска Патријаршија се несмалени за Црквата на Охрид и сите ќе ја обединиме нашата молитва, за желбата на Патријархот и желбата на сите луѓе наскоро да стане реалност.

Навистина, и јас би сакал да го изразам своето лично искуство, да им кажам на драгите браќа дека долги години го следам напредокот на Братството преку интернет. Затоа што преку интернет сега ги добиваме информациите, и навистина, иако го следев напредокот на братството, денес дојде до тоа реалноста да се надополни и да преврти сѐ што мислев, бидејќи е многу повеќе од она што се гледа преку интернет.

И пред сѐ, дозволете ми да кажам, свет Игумене и почитуван брате, тоа е овој народ, тоа се овие души, овие луѓе кои се инспирирале од Вашата вера, се вдахновиле од Вашиот пример, Го засакале Христа, ја засакале Богородица, зеле пример од Светиот Претеча. И ја гледаме Божјата благодат како река, исто како реката долу што тече брзо, така е и животот на Христијаните во овој регион, во оваа земја. Тоа е една река. Една река во која сите се вливаме, за да стасаме до Христа.

Со овие размисли Ве поздравувам и многу Ви благодарам за денешниот прием и гостољубието. Од сѐ срце посакувам Архангелот Гавриил секогаш да ја известува вашата служба, Архангелот Гавриил да го смирува вашиот живот и Архангелот Гавриил со посредство на Светиот Претеча – затоа што и Претечата е ангел, како ангел се слика – и на Пресвета Богородица, да ги благословува Вашите дела и Вашиот народ. Нека Бог нè удостои во некој момент да дојдам повторно, да богослужиме, како и Вие да дојдете во мојата скромна и погранична епархија, да сослужуваме за слава Божја и на Светата Христова Црква“.


Навистина беше ретка можност да се присуствува на еден таков редок, свечен и достоинствен чин и молитвословие кое буди возвишени чувства и благодарност кон Бога и кое ја збогатува манастирската хроника и историјата на нашата Света Црква.

Скапоцените и многучесни гости, светите архиереи г. Кирил и г. Дамаскин престојуваа во посета на нашата Свештена Обител неколку дена и откако вчера остварија средба и со Блаженејшиот Архиепископ г. г. Стефан во неговото седиште во Скопје, денеска си заминаа и откај нас, оставајќи ги, сепак, во нас своите обилни благослови, молитвите, благородството на духот и добрината, како најскапоцен подарок.

Тие оставија и писмено сведоштво во книгата за впечатоци, коешто ви го пренесуваме во целост:

🕊︎ Пронижувајќи го душеполезниот и најумилителен период на Светата и Велика Четириесетница, Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос Кирил и мојата маленкост дојдовме како поклоници во Бигорскиот Манастир на Претечата, угостени од неговиот Игумен, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј и братството при него и Го славословиме дародавецот Господ за Неговите дарови и добротворенија. Присуството на Преосвештениот и манастирските братства, кои богољубиво и богоугодно ги води, токму во оваа осетлива област, претставува благослов Божји за верниот народ, за помесната Црква и општо за земјата. Нивниот придонес и служење се скапоцени. Благодарение на нивната борба и љубочесните трудови, „преминот“ од мрачното минато ја предава штафетата на надеждоносната иднина на Воскресението. 🕊︎ 

Благодариме топло. Благословуваме од срце. Го славиме името Божјо.

09.04.2024 📿︎

Дидимотиски, Орестијадски и Суфлиски Дамаскин

Имвроски и Тенедоски Кирил