Деновиве осветениот простор на нашата Свештена Обител беше украсен од присуството на триесетина млади благочестиви и уметнички души од Р. Грција, кои допатуваа кај нас за поклонат на големата Бигорска светиња, но и да ни приредат едно несекојдневно и топло музичко доживување. Станува збор за младинскиот градски филхармониски оркестар на општината Амфилохија, кој, предводен од виртуозниот маестро г. Георгиј Цогас, одржа еден прекрасен благозувчен концерт во дворот на Манастирот. Имено, во таинствената прегратка на ноќта, под нежниот сјај на сребрената луна, среде ѕидовите на илјадалетното Светилиште, овие млади вљубеници во убавото и возвишеното, со души совршено вклопени во ритамот на амбиентот, ни отсвирија повеќе композиции од најпознатите современи грчки композитори на традиционална музика.
Во тие инспиративни мигови, Манастирот ги прегрнуваше успокојувачките тонови на музиката, кои заедно со целокупната атмосфера создаваа едно ремек-дело кое ги надминуваше границите на времето и просторот. Тоа беше една музичка ноќ што допира до длабините на човечката душа, оставајќи ги сите присутни одушевени и облагородени. И додека рефлексиите на симфоничните тонови, беспрекорно склопени со нежните и префинети гласови на вокалите се врежуваа во слухот и во срцата на слушателите, меѓу кои имаше и монаси од Косово, громогласните аплаузи од публиката во знак на восхит и благодарност, го надополнуваа ритамот на таа благословена ноќ.
Освен музичкиот дел, концертот го направија уште повеличествен и обраќањата на маестро Георгиј Цогас, на претставниците на општината Амфилохија и се разбира, на домаќинот на овој возвишен настан, Старецот и Епископ Антаниски г. Партениј, Игуменот на Свештената Бигорска Обител.
Маестро Георгиј на почетокот од концертот срдечно му се заблагодари на Преосветениот Епископ г. Партениј за укажаното топло гостопримство кон членовите на неговиот оркестар и истакна дека за него овој настап претставува особена чест и исклучително искуство. Тој, исто така, го престави својот оркестар, кој има настапувано на многу места во Грција и во Европа, вклучително и во Вселенската Патријаршија во Константинопол.
Потоа кон присутните се обрати и директорката на Центарот за социјален развој на општина Амфилохија, г-ѓа Зои Друци:
„Преосветен Епископе Антаниски, господине Партение,
Игумене на Свештената Обител на Чесниот Претеча – Бигорски,
Ваши Високопреподовија и Преподобија,
Сакам срдечно да ви се заблагодарам за вашата љубезна покана, бидејќи моето вечерашно присуство овде, во придружба на музичарите на нашата Општинска филхармонија, ми дава нешто многу повеќе од посебна радост. Тоа ме прави да чувствувам едно ретко духовно издигнување.
Сакам да ви се заблагодарам и за исклучителното гостопримство што ни го пруживте, кое веќе направи да се чувствуваме дел од вас, учесници во едно искуство што ќе биде навистина незаборавно за сите нас.
Нашиот Филхармониски оркестар е основана во 1980 година и е составен од музичари- волонтери од сите возрасти. За сите жители на општина Амфилохија, а исто така и за нас, членовите на Центарот за социјален развој на општина Амфилохија, тој претставува голема чест, кој со професионалноста што ја покажува, како и со својата уметничка извонредност, резултатот на едно макотрпно и систематско проучување, ја „освојува“ секоја публика пред која е поканет да настапува…
Ви посакувам да уживате во концертот што ви го подготвивме и се надеваме дека ќе бидете подеднакво фасцинирани од нашиот музички состав!“
Меѓу гостите беше присутен и заменик-градоначалникот на Амфилохија г. Марко Кацулис, додека соработникот на градоначалникот г-ѓа Варела Ангелики го прочита поздравното писмо од градоначалникот г. Георгиј Кацулас, во кое меѓу другото, стои:
„Преосветен Епископе Антаниски г. Партение, Игумене на Свештената Обител на Чесниот Претеча – Бигорски,
Ваши Високопреподобија и преподобија,
Го просам вашиот благослов и ве молам да ми простите што поради многуте и постојани обврски што ги имам кон општината Амфилохија, не бев во можност да ја посетам вашата Свештена Обител и покрај мојата лична желба да го направам тоа.
Сепак, нашата општина е добро претставена од претседателот на Центарот за социјален развој на општина Амфилохија, г-ѓа Зои Друци, членовите на Управниот одбор на Центарот, но и од нашата сакана Општинска филхармонија, раководена од архимузичарот Георгиј Цогас.
Филхармонијата на општина Амфилохија, составена главно од млади деца од нашето поднебје и пошироко, последниве години покажа особена екстровертност, одржувајќи низа концерти во странство, вклучително и во Фанар. Надворешен успех, кој се јавува како резултат на методично изучување што го приложува музичкиот учител господин Цогас.
Благодарение на неговото раководство, како и на нивните лични напори, нашите деца стекнаа посебна вештина со музичките инструменти, вештина и уметност што наскоро ќе можете сами да ја процените, со сопствениот слух…
Денес, присуството овде, во Свештената Обител на Чесниот Претеча, на членовите на Филхармонијата и на Управниот одбор на Центарот за социјален развој на општина Амфилохија, е уште еден силен показател за начинот на кој го доживуваме нашиот однос со православната вера и со Бога.
Се надевам дека музиката на Филхармонијата ќе биде за вас едно пријатно, привремено одвлекување од вашите секојдневни активности, на ист начин како што за нашите музичари нивното доаѓање овде е истовремено и духовно и културно патување, што ќе го запазат во своите срца засекогаш.
Сакам уште еднаш да ви се заблагодарам за гостопримството укажано кон нас и да ви посакам на сите благослов од Бога.
Со почит,
Градоначалникот на Амфилохија, Георгиј Кацулас“.
Уметничкото торжество го заокружи обраќањето на нашиот возљубен Старец, Епископот Анатаниски г. Партениј, кој вдахновен од прекрасниот и мотивирачки настап на Филхармонискиот оркестар од Амфилохија, срдечно им се заблагодари на нашите ценети гости што ни ги разубавија овие дена со своето радосно присуство:
„Чесни отци од православната Црква на Србија,
Преподобни браќа монаси и сестри монахињи,
Почитуван маестро Георгие Цогас,
Почитувани претставници на општината Амфилохија,
Драги членови на филхармонискиот оркестар на општината Амфилохија,
Мили браќа и сестри,
Ни преставува навистина посебна чест и срдечна радост што градскиот филхармониски оркестар на Амфилохија нè удостои да биде со нас овде, во оваа благословена вечер. Сигурен сум дека ќе се согласите со мене дека тие ги погалија нашите срца со својата уметност и благородство. Несомнено, вечерашниов концерт е посебен за нас, не само од музички и уметнички аспект, туку, пред сè, затоа што го доживуваме како една братска прегратка од нашите браќа во Христа од Р. Грција; прегратка и од одек од нашата заедничка цивилизација на Ромејството, којашто е една духовна широчина и слобода во Христа и нè обединува сите нас, православните. Оти, тоа е цивилизација која за основа ја има православната христијанска вера, којашто но е заедничка на сите. Токму таа им го даде најважното на народите од византискиот комонвелт – да се најдат во вечниот Христос, но и да ги сочуваат и овековечат и своите народни особености, својот идентитет; да бидат дел од една космополитска цивилизација, без притоа да го изгубат својот културолошки бит и посебност.
Исклучителна почест за нас вечерва е тоа што маестро Георгиј Цогас е личен пријател и духовно чедо на еден наш голем заеднички пријател – татко и благодетел на нашата Црква и на нашиот народ, Вселенскиот велик Патријарх г. г. Вартоломеј, кој со своите дела, со својата татковска љубов, со своето широко отворено срце најмногу помагаше и дефинитивно ја прими нашата Црква во канонско единствено со целата православна полнота. Имено, Вселенскиот Патријарх беше двигателот кој го поттикна и дијалогот со нашите браќа од православната Црква на Србија, па така, нашата света Охридската Архиепископија конечно се најде во заедница со сите останати. Ова не се само куртоазни зборови за Вселенскиот Патријарх, туку произлезени од искрени, синовски, благодарствени чувства. Со чиста совест пред Бога и пред луѓето можеме да посведочиме дека Сесветиот Патријарх, дури и во времето кога се наоѓавме надвор од православната заедница и кога бевме, да кажам, изолирани и понижувани, тој го покажа своето големо татковско православно срце. Неговиот благослов ги отвораше вратите за нашиот православен народ насекаде: и во православните образовни институции, и на Света Гора, и во други православни институции; со негов благослов, нашите свештеници и монаси можеа да се причестуваат секаде низ храмовите под јурисдикција на Вселенската Патријаршија. Тој постојано се трудеше и испраќаше писма онаму каде што беше потребно, та да ги омекне срцата на оние од кои зависеше решението на проблемот. Со сето тоа Патријархот Вартоломеј покажа дека е достоен наследник на своите претшественици Ромеи, светите патријарси на Константинополскиот престол. И еве, повторно од славниот Константинопол дојде триблажената прегратка на единството во Христа и ние нешто повеќе од една година го чувствуваме благословот од тоа и со радост Му благодариме на Господа.
Навистина, нема поскапоцено нешто за нашите народи од нашата христијанска вера и од православното предание. Тоа е она што нè поврзува сите православни и нè прави браќа. Пред да започне концертот имавме средба со претставниците од општината Амфилохија и еден од нив ми рече дека ваков манастир ретко се среќава. Му одговорив дека, да, манастирот е вистина убав, со голема историја и традиција, но му посочив, исто така, колку големи и убави манастири има и во Грција, како и тоа дека таму, особено на Света Гора, никогаш не беше прекинато православното монашко предание. Па, кога требаше повторно да се запали огнот на општежителното монаштво кај нас, ние пак отидовме во тоа големо светило на Ромејството, во Градината на Пресвета Богородица, за со благослов на Сесветиот Патријарх, да го пренесеме тоа свештено завештание од ромејската цивилизација. Следствено, нашите православни браќа Грците, кои го наследиле јазикот на Отците на Црквата од Исток и на Ромејството, имаат особена одговорност кон целиот свет. Оти, Ромјеството е тоа што го преобразуваше светот во Христа и го вдахновуваше со највозвишени дела на човековиот дух. Затоа, и денес треба да се чува и да се пренесува тоа духовно и цивилизациско предание. Еве, да го земеме за пример Бигорски, но и другите манастири кај нас во времето на безбожниот материјализам. Иако со големо историско значење, беа опустени, без предание, без монаштво, без проповед, без дух. Да не го сочуваа православните Грци ромејскиот дух на Православието, од каде ние повторно ќе нацрпевме од живата вода на Евангелието, кога сиот останат православен свет се наоѓаше во мракот на комунизмот?
Накрај, уште еднаш им благодариме на овие прекрасни млади души, коишто братски нè прегрнаа со својата љубов и ги одморија нашите срца со својот музички талант и уметнички шарм. Преку нив им благодариме на сите браќа во Христа од Елада и ги молиме силно да го чуваат жарот на православната вера. Да Му благодариме на Бога и да се молиме, за овие духовни прегратки помеѓу нашите братски народи никогаш да не престанат, туку уште повеќе да се умножуваат и нашето пријателство да станува сè поголемо. За многу години!“