На наша голема радост, здружението „Бадникови Поворки“, пред малку го објави видео записот од Божикната каланда „Христос се роди денес“.
Ви го пренесуваме описот од Здружението и прекрасниот спот:
Во најрадосно исчекување на утрешните Бадникови поворки и во пресрет на Празникот на светлото Христово Раѓање, време е да ви ги растрепериме душите. Време е да го исполниме ветувањето и да ви ја подариме најново возобновената божикна песна “Христос се роди денес” овој пат посветена на возрасните. Искрено се надеваме дека тие, гледајќи го спотот, навистина ќе посакаат да ја прифатат возобновата на древните божикни традиции со кои побожно се славело Рождеството Христово.
Во оваа пригода, дозволете ни да изразиме и бескрајна благодарност до Бигорскиот манастир со чиј благослов и соработка го изработивме овој и сите претходни проекти, како и до маестро Владимир Димовски за аранжманот на музиката; до оркестарот музичари: виолина – Владимир Костов, Елена Талевска, Петар Тасески, Ѓоргина Поповска, Марија Јанчулеска, Владимир Цветковски, Коста Андоновски, Бранислав Автовски, Момчило Куфојанакис, Игор Милевски; виоли – Марија Димитријевиќ, Александар Стојчевски, Александар Лаовски; виолончело – Кирил Јосифов, Паскал Краповски, Љупка Манчевска Каевиќ; контрабас – Митко Иванов; кларинет – Петар Христов, канон – Тимко Чичаковски; харфа: Симона Богоевска. Диригент и синтисајзер: Иван Еминовиќ.
Режијата, монтажата и продукцијата на видео записот беа во рацете на Даниел Јовески; песната е во изведба на Вера Милошевска и традицискиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, а е снимена во студио „Фаме’с“, микс – Игор Василев и едит – Теодора Арсовска. До сите нив неизмерна благодарност, почит и љубов.
Во севкупното остварување на овој проект учествуваа над 80 души, меѓу кои и познатите македонски актери: Јоана Поповска, Дубравка Киселички, Владо Јовановски, Горан Илиќ, Љупчо Бојковски, Владо Дојчиновски. Прекрасната костимографија ја направи Жаклина Крстевска Караѓозоска, а за шминката се погрижија Викторија Бурсак и Маргарита Миновски.
Освен на сите гореспоменати учесници, кои несебично и со многу љубов се вложија во ова дело, би сакале најтопло да им се заблагодариме и на многубројните помагатели: Владимир Анастасов, „Ноа бар“, Општина Охрид, Музеј на град Охрид, МВР Скопје, СВР Охрид, Пекарница „Жито Леб“, хотел „Нова Ривиера“ со директорот Јане Тодоровски. Во продолжение, ви го приложуваме и текстот на песната која што умее веднаш да го разбуди празничниот дух:
Христос се роди денес
Добровечер, домаќини, ако има во вас желба,
да раскажам за светото раѓање на Христа Бога.
Христос се роди денес во Витлеем јудејски,
небесата се веселат, сета твар се радува.
Во пештера се раѓа, во јасли на животните,
Царот на небесата и Творецот на вселената.
Мноштво на ангели пеат: „Слава во висините“
и достојна за восхит е верата на пастирите.
Од Персија доаѓаат, тројца мудреци со дарови,
ги води светла ѕвезда, без да ги задоцнува.
Во овој дом што пееме, камен да не падне,
домаќинот на куќава, долго жив да биде.
И добра ноќ, одморете, па во црква брзо појдете,
на светата Литургија со многу побожност и радост.
И дома штом се вратите, на трпеза да каснете,
дајте и на сиромаси, за никој да не снема.
Дајте ни нам што пееме, колку има во вас желба,
и Христос Бог наш секогаш помошник да ви биде.