„Радувај се, умилителна Мајко, Слаткољубива, Која ги милуваш срцата наши со сладост небесна!“
Како што секое богослужение во Светата Православна Црква завршува со пофална химна кон Пречистата Дева Марија, така и оваа Света и Велика Четириесетница, доаѓајќи кон својот крај, доби благословена круна – благодатна посета од Пресвета Богородица, преку нејзиниот познат чудотворен образ „Гликофилуса“ од Света Гора Атонска.
Имено, денеска во нашата Свештена Бигорска Обител пристигна верна изобразба на чудотворната икона на Пресвета Богородица Гликофилуса (Слаткољубива, или Умиление), којашто се чува во светогорскиот Манастир Филотеј. Иконата од Солун ја донесе лично нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, и таа беше пречекана со срдечна радост, со тропари и воспеви посветени на Царицата Небесна. Нашиот возљубен Старец, заедно со монашкото братство и притекнатите верници, со неизмерна радост и благоговение ѝ приредија свечен пречек на оваа свештена икона, чијашто тивка мајчинска милост и сладост го исполнуваше воздухот во Бигорски и се чувствуваше длабоко во душите на сите.
Иконата, идентична реплика на првообразната Гликофилуса од Света Гора, е дело на реномираната црковна работилница на г. Јоргос Триандопулос од Солун, насликана од зографот Антониј Карапетјан и рачно украсена со сребрен оков, позлата и полудраги камења. Дарител на оваа прекрасна икона е едно благочестиво христољубиво семејство, чиишто членови сакаа да останат анонимни. Овие благословени души, знаејќи ја огромната синовска љубов што нашиот Старец ја негува кон Мајката Царица, посакаа да му ја подарат оваа драгоцена светиња, за нивно духовно здравје и вечен спомен, како и за благодатна поткрепа на нашето монашко братство. Нека дародавецот и сезналец Бог ги запише нивните имиња во Книгата на живите!
По свечениот пречек на иконата, Старецот се обрати со кратко обраќање, исполнето со љубов и благодарност кон Пренепорочната Дева:
„Возљубени мои во Христа, смирени поклоници на Највозљубената,
Оваа благодатна посета на Пречистата Владичица наша за којашто сме сведоци сега, на крајот од Великата Четириесетница, е утеха и потврда дека Царицата на ангелите не нè остава. Таа, како најнежна Мајка, доаѓа да го допре срцето наше, да го омекне со сладоста на своето родителско милување, да ја влее во нас тивката сила на надежта. Таа е Гликофилуса, Слаткољубива, Умиление – Онаа Која со мајчинска грижа го љуби човештвото. Онаа Која го доближува недостижното, ја прави Божјата љубов допирлива, срцевидлива, опиплива, вкуслива. Прегрнувајќи ја денес нејзината света икона, ние се сместуваме во нејзините прегратки, оти Таа е Која ги зема нашите солзи, нашите радости, нашите таги и воздишки и ги принесува пред лицето на Синот свој и Бог. И потоа, за возврат ни ги носи Неговите прошка и милост.
Нека нејзините молитви нè подготват за добар и богоугоден вход во најсветата Страсна Седмица, за достојно да застанеме пред Крстот Христов, да се сораспнеме со Господа и да ја дочекаме со радост славната Пасха Господова – Воскресението Христово“.
Амин.
Краток историјат на иконата на Пресвета Богородица „Гликофилуса“
Нејзината чудесна историја е поврзана со трагичниот период на иконоборството. Во почетокот на 9. век, во Константинопол, една побожна жена по име Викторија, ја чувала во својот дом иконата на Пресвета Богородица Гликофилуса. Стравувајќи од гневот на иконоборците кон светите икони, но и од казните што им ги наметнувале на Христијаните кои чувале или криеле икони во своите домови, таа решила да ја сокрие иконата, за да ја спаси од уништување.
Не знаејќи што подобро да направи, отишла на морскиот брег и со голема усрдност се помолила пред иконата, молејќи ја Богородица да ја заштити некако од пропаст. Откако последен пат се поклонила, ја пуштила иконата во морето… И, о чудо! – иконата застанала исправена на површината од морето и почнала да плови.
По некое време, иконата на Пресвета Богородица Гликофилуса пристигнала во пределите на Светата Гора Атонска, токму каде што денес се наоѓа арсаната (пристаништето) на Свештената Обител на Преподобниот Филотеј.
Еден и половина век подоцна, откако веќе бил изграден Манастирот, иконата повторно се појавила во морето, облеана во небесен сјај. Тогаш монасите сфатиле дека станува збор за чудо и направиле литија, слегувајќи кон морскиот брег. Таму ја виделе иконата во морето, ја извадиле на копно и на местото каде што ја положиле, веднаш бликнал извор на света вода. Монасите со молитви ѝ се заблагодариле на Богородица за благословот што им го дарувала и ја поставиле иконата во соборниот храм на Манастирот, каде што и до денес се наоѓа.
Од тој момент, Свештената Обител Филотеј станала сведок на многу чуда и благослови излеани преку Пресвета Богородица Гликофилуса. Чудотворната икона ужива голема почит од монасите на Света Гора, но и од безбројните поклоници кои доаѓаат да добијат благодат од неа, особено на Вториот ден од Света Пасха, кога се врши литија со иконата од Манастирот до местото каде што била пронајдена и каде и денес извира света вода.
Тропари гл. 1. Жител на пустината Како скапоцен дар, светата икона Твоја, ја стекна манастирот Филотеј, радувајќи се; зашто во неа Те гледаме, Чиста, како Христа Младенецот Го љубиш, Те величаме за големата Ти слава, Дево, воскликнувајќи Ти: слава на величијата Твои, Чиста, слава на сочувството Твое, слава на Твојата грижа за нас, Непорочна! гл. 4. Бргу предвари О, икона сонцеобразна, Гликофилуса свештена, Која в прегратки Го носиш Творецот на сè, стадото Свое чувај го од секакви неволи. На оние кои со копнеж Те чествуваат, зраци од чудесата Свои сјајни им испраќаш, Обителта на Филотеј со незаспивливите молитви Свои ја чуваш.
Друг, подобен Како совршен дар од Византија, Чиста, Твојата божествена Икона ја прими Обителта на Филотеј, радувајќи се; и Гликофилуса нарекувајќи Те, секогаш благодат од неа добива и кон Тебе возгласува: Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе! Глас 7. Кога ереста преовладуваше, Ти, Пречиста Дево, јасно се погрижи за Твојта Икона света; и по морски пат, како достоен дар ѝ ја принесе на Обителта Своја; ние, пак, правилно Гликофилуса Те нарекуваме и Те блажуваме, Богородице.
Кондак. Тебе, Богородице На Иконата на Гликофилуса најскапоцена, што ни доплови од Византија, пристапувајќи, со восклик да ѝ се поклониме: како сострадална Мајка на Седржителот, даровите на сожаленијата Свои подај ни ги, на нас коишто Ти извикуваме: Радувај се, на сите Царице!
Известување: Новопристигнатата свештена икона на Пресвета Богородица Гликофилуса ќе биде изложена за поклонение на празникот Цветници во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во град Дебар.