Пасхална радост на Струшката еордија

Пасхалните торжества во полн сјај сѐ уште траат и ги радуваат срцата на православните верници од земјава. Ете и оваа година, иако под засилени мерки за заштита од коронавирусот, Струшката еордија ги восхити побожните Стружани, кои оддавајќи им почит на големите светињи – моштите на Светиот Георгиј Победоносец, неговата чудотворна икона, како и Крнинскиот образ на Мајката Божја, стоеја на тротоарите и поклонувајќи им се со благоговејност, ги исполнуваа своите срца со обилен благослов. Празничната вечерна богослужба, отслужена од страна на почитуваниот Митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, од нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, како и од дел од свештенството на нашата богочувана епархија, се одржа во дворот на струшкиот храм на Светиот Георгиј според усвоените протоколи за здравствена заштита.

Беше радост да се види како благочестивите Ацо Трца, Димитри Ѓоргоноски, Мирче Аџиоски и Марјан Ќушкоски достоинствено го издигнуваа цветниот епитаф со моштите на Свети Георгиј, кој го благословуваше градот Струга, а Емил Ташевски, Филип Тинтоски, Војче Јованоски и Тони Јованоски, на своите раце со голема љубов ја носеа Пречистанската икона на Богородица. Тука е и подвигот на Иван Мојсоски Александар Грујоски, Клаудио Атанасовски и Климент Нестороски, кои врз своите рамена го поставија чудотворниот древен образ на Победоносецот Георгиј и сите заедно со посебен трепет чекореа по предвиденото шествие.

Нека милостивиот и Воскреснат Бог го прими овој подвиг за благослов и духовна поткрепа на целиот наш народ, како и за избавување на светот од големото искушение кое го снајде, та да можеме во уште поголем сјај и торжества да ја славиме традиционалната Струшка еордија.

 

Прилог Телевизија 24: Традиционалната литија во Струга под посебен протокол