Современото движење за еманципација на жената честопати, поради погрешно сфаќање на христијанските начела, се јавува како борец против христијанството, во кое гледа ограничување на правата и слободата на жената. Така, барајќи ги своите права, многу жени несвесно застануваат против православното учење кое е извор на тие права. И можеби затоа денес е толку потребно јасно да се образложи ставот на православната Црква во поглед на жената и особеностите на нејзината природа. Зашто ниедна цивилизација, ниедно философско или религиозно учење, не ја издигнале жената на толку високо рамниште како христијанството. Таа не само што веќе не е сметана за „инструмент кој зборува“, „предмет за задоволство и одржување на родот“, или „имот на мажот“ и тн., туку се вреднува како личност која е повикана на една многу достоинствена и возвишена мисија – да биде мајка на животот и соработничка на Бога во спасението на светот.
Самото христијанство е најдобар одраз на природниот тек на нештата, највисок степен на духовно совршенство, во кое и мажот и жената го пронаоѓаат својот сопствен призив, притоа не губејќи ги правата кои и по законот Божји и по законот човечки им припаѓаат. Единствено во христијанството, жената добива можност да не се чувствува веќе како робинка, туку како слободна личност присутна во сите сфери на животот. Црквата од самиот свој почеток не ја порекнувала рамноправноста меѓу мажот и жената, но секогаш, пак, ги истакнувала оние природни особености на нивните личности, со што се одредуваат нивните взаемни односи и нивната мисија во општествениот живот. Светите Отци во мажот гледале авторитет, но за жената кажале дека е „втор авторитет, дека таа всушност поседува поинаков вид авторитет и рамноправност во достоинството“ (св. Јован Златоуст). Св. ап. Павле, пак, истакнувајќи ја возвишеноста на брачната љубов, тоа вака го објаснува: „Вие мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа, за да ја освети… та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернение“ (Ефес. 5, 25). Нагласувајќи ги внатрешните вредности над надворешните, православната Црква во авторитетот на жената гледала мајка, сопруга, девојка, сестра, која со својата нежност, кротост и смиреност ги совладува и најцврстите окови, најтврдокорните срца. Жената преку евангелските вредности е повикана да му даде смисла и нежност на светот, да го уништи декадентниот дух што денес постои во него.
Но дали е денес тоа така? За жал тој декадентен дух, кој произлегува пред сѐ поради егоизмот и практикувањето на страстите, присутен и кај мажот и кај жената, е последица на гревот кој длабоко се закоравил во нивните срца – просто тој станал мода. Бидејќи денес постои погрешно учење за човечките вредности, сите превези на срамот, достоинственоста и скромноста се отфрлени. Можеби затоа и изјавите на Црквата понекогаш се погрешно разбрани, како дискриминирачки против жената. Всушност таквите изјави не се насочени директно против жената, туку против тој искривен однос помеѓу мажот и жената, чијашто природна последица е токму таа декадентност што денес ни се случува. И доколку таквите изјави, иако можеби малку строги, не се извадат од контекст, нашите жени во нив ќе можат да препознаат искрена загриженост и желба за повторно воспоставување на достоинството и правото што им следува, а што денешното живеење во грев одново им го одзема.
ТРИБИНА-Достоинствотото на жената во светлината на евангелието
Од уредувачите на сајтот