Живоносен Источник

Секое дете се радува со својата мајка, чувствува нежност и сигурност во нејзината прегратка, а колку повеќе ние, христијаните, треба да се радуваме и да благодариме што, ете, Мајката на нашиот Бог, Пречистата, Преблагословена, Пресвета Владичица наша Богородица, удостоени сме да Ја наречеме и своја Мајка, да се надеваме на Неа, да прибегнуваме кон Неа кога сме во искушенија, и духовно да ликуваме во Нејзината топла и нежна прегратка. И должни сме да Ја љубиме, почитуваме и славиме, зашто кој не ја почитува и уважува својата мајка, не е достоен да се нарече човек; но, оној кој не Ја почитува Богомајката и не чувствува свештен стравопочит кон Неа, не е достоен да се нарече христијанин. Бескрајна е Нејзината милост што Таа, како мајка кон своите деца, ја излева врз сите нас, безброј пати Нејзината рака се подала кон нас, за да нè израдува, исцели, утеши, охрабри, укрепи во искушенијата и безброј се начините преку кои Нејзината благодат слегува врз нас, недостојните. Денес празнуваме еден од нив – Живоприемниот Источник во Цариград, што и ден денес точи исцеленија, зашто и Самата Богомајка е живоносен божествен Извор од кој струјат големи чуда по целата вселена.

Овој Живоносен Источник Самата Богомајка по Својата безмерна милост на човечкиот род му го открила, во древното Ромејско царство – Византија, кога на благочестивиот Лав Маркел, уште пред да стане цар, на чудесен начин му се јавила и му го покажала Својот чудотворен исцелителен извор, среде густата сенчеста гора. Оваа благодатна посета тој не ја заборавил, па кога на ромејскиот престол се зацарил, својот завет пред Богоблагословената го исполнил и тука, крај изворот, никнал раскошен храм, украс на православното велелепие и одраз на славата на Онаа Која ова место го благослови и исцелително за душевни и телесни немоќи го направи. И како што бројот на чудата по благодатта на Владичицата наша низ вековите се зголемувал, така оној велелепен храм сè пораскошен и повеличествен станувал. Но, кога поради гревовите и неединството на христијанскиот род, некогаш силното Ромејско царство во рацете на иноверните паднало, тогаш многу чудесни Божји светилишта, прочуени по својата убавина, како славната Света Софија, со земјата биле срамнети, или во џамии претворени. А ова раскошно и велелепно здание во пепел било сосема уништено, и наместо некогашните торжествени богослужби, местото било запустено и од иноверните гробишта направено. Дури кога милостивиот Господ покајанието на христијаните го примил, по Негово допуштение, во времето на Мехмед II, во летото од Христа 1834, христијанскиот род тука одново храм изградил, но по раскошот и големината тој со претходниот не можел ни да се спореди, зашто иноверната власт не дозволувала некогашниот православен раскош да се обнови и со својата убавина и духовна сила сè друго да засени. Но тоа славата на Божјата Мајка и на Нејзиниот Живоприемен Источник не ја намали. И ден денес отсекаде на тој Извор болни доаѓаат, солзи и молитви кон Небесната Царица упатуваат и мнозина исцеление од своите болести добиваат. И самите мухамеданци Пресветата наша Владичица ја слават и голема меѓу жените ја нарекуваат.

Затоа и нашите две обители на овој ден, првиот петок после Пасха, со посебно торжество празникот на Богомајката и Нејзиниот Живоносен Источник – Балаклија го слават, низ пофални песни и весели пасхални звуци, за бескрајната Нејзина милост Препрославената благодарно Ја чествуваат. Напоени од Нејзината благодат како од моќен и незапирлив извор, од кој вечно блика радост небесна, сите верни дел од прекрасната литија стануваат. И тогаш сите птици и дрвја и реки со својот жубор, се придружуваат. Сè се претвора во една непрестајна чудесна химна, еден необичен хор составен од сите твари и секој со својот глас благодарност упатува кон Онаа, Која со Своите молитви како со Свој омофор сите нè закрилува. Свечената литија распеано кон агиазмата на Живоносниот Источник слегува и тука нашиот најмил старец, отец Партениј, во чест на Пречистата вода осветува и со неа оросувајќи, секое катче од нашиот манастир го благословува. Тогаш и големиот Саровски старец на благословот се придружува и безмерно се радува што неговиот прекрасен храм, осенет од светата вода, и исполнет со радосните пасхални песни на нашата празнична поворка, уште повеќе се облагодатува. И полека литијата кон манастирскиот двор се упатува, а таму светите мошти, наредени под блескавите сончеви зраци, со посебно благоухание опкружуваат. Светата вода и цветните латици во воздухот се мешаат, сите радосно воскликнуваат, камбаните празнично бијат. А горе, од небесниот свод, Пречистата Богородица сите со благодат мајчински ги прегрнува.

Никој кој кон Тебе, Пречиста Богородице, притекнува, посрамен не заминува, туку за благодат молејќи, на дар душеполезна молитва добива.