Осветена новата камбана „Благовесник“

Томина недела

И сега, после дваесет века како одново да ги слушаме во нас зборовите Христови што Он му ги упати на Својот „неверен“ ученик: „Тома, не се срами да го ставиш твојот прст во Моите рани. Јас ќе го поднесам тој љубопитен прст, како што ги поднесов лутите маки; ќе ја поднесам твојата љубопитност како злобата на јудејското безумие! Дај ја раката и стави ја во ребрата Мои: почести се со својата рака од саканиот пијалок на живоносниот Мој извор, изгасни ја својата жед! Јас Кој примив удар од копје, ќе го поднесам допирот на саканата рака. Дај ја својата рака и стави ја во ребрата Мои за да можеш да се подвизуваш за Моите рани; за да можеш да им зборуваш на оние, кои ја отфрлаат вистината, дека си Ме видел по Воскресението и дека си Ме познал. И не биди неверен, но верен!“

О, благословено Томино неверие! Преку тебе Бог Промислителот ја утврди верата на многумина, зашто Оној, Кого Го опкружуваат ангелските хорови, го остави Своето небесно стадо и слезе по втор пат во една скромна соба во Ерусалим, не само за да го спаси и утврди Својот сакан ученик, туку и поради нас. Зашто, Он преку Тома всушност ни се јави на сите нас, кои сме слаби и колебливи, но кои ја бараме вистината и животот. Со Своето јавување преблагиот Господ на сите ни помогна полесно да поверуваме во Него и преку таа вера да имаме учество во вечната вистина, вечниот живот.

Славејќи го со пасхална веселба денот кога светиот апостол Тома поради наше утврдување во верата се допре до пречистото Тело на нашиот благ и милостив Господ, Бигорската света обител со почит го пречека својот надлежен владика, митрополитот Тимотеј, и својот некогашен собрат, епископот Јосиф, кои беа поканети од нашиот старец, архимандритот Партениј, да ја осветат новата камбана „Благовесник“. Овој радосен повод во манастирот донесе бројни гости и верници, и тие, понесени од прекрасниот пасхален амбиент, на светата архиерејска Литургија, со љубов и голема благодарност ги слеаја своите молитви со свечените гласови на псалтите, благодарејќи Му на воскреснатиот Христос за огромната благодат, со која Он не престанува да ги храни нашите души. И секогаш нè радува со Своите богати дарови, кои штедро и обилно ги излева на нас, Неговите недостојни слуги, особено сега кога сè уште во нас блика радоста на Неговото сеславно воскресение. Да, Он е секогаш помеѓу оние собрани во Негово име. Па ни денес, додека траеше чинот на осветувањето на камбаната, не пропушти да ни го јави Своето присуство, истурајќи го Својот благослов во вид на благодатен дожд, што ги ороси радосните лица на присутните. Сите очи беа вперени во големата и со цвеќе закитена руска камбана, која украсена со дождовните капки како со огледалца, уште повеќе блескаше на средината од манастирскиот двор, во сета своја убавина. Навистина преголем благослов, чест и достоинство за нашиот возљубен дарител, христољубивиот г. Иван Постоловски и неговото благочестиво семејство од Скопје, кои со ова дело го стекнаа застапништвото на св. Јован Крстител и си ги запишаа имињата во диптихот на славните бигорски дарители. А како знак на нашата голема благодарност, нашиот старец Партениј со голема љубов ги одликува со манастирскиот орден „Претеча“, кој Иван го прими од рацете на митрополитот Тимотеј. На овој свечен чин добриот Бог ни донесе и еден драг и многупочитуван гостин од Руската православна Црква, митрополитот на Тамбовската епархија, г. Теодосиј, кој во манастирот пристигна заедно со рускиот амбасадор во нашата земја, г. Олег Шчербак и неговата сопруга Лариса, поздравени од веселите и торжествени звуци на новата камбана. Потоа нашиот старец Партениј гостољубиво им го претстави манастирот и ги запозна нашите ценети гости со славната вековна историја на ова светилиште.

Своевидна пофалба и благодарност до благородниот дарител Иван Постоловски и неговите најблиски искажа и нашиот почитуван митрополит, г. Тимотеј во својата поучителна беседа во чест на денешниот празник, каде, меѓу другото, го истакна значењето на самата камбана, која е една од најголемите во Република Македонија и го благослови нејзиниот дарител:

„(…) Денеска, на овој свет празник, би сакал да искажам искрена и топла благодарност до г. Иван Постоловски и неговото семејство од Скопје, кој оддели големи средства за да го збогати манастирот со уште едно импозантно ѕвоно, значајно како по својата монументалност од 1850 кг., така и по својата убавина. Истото е украсено од сите четири страни, со четири изобразени икони: Воскресението Христово, Рождеството на св. Јован Крстител, како и иконите на свв. Константин и Елена и свв. Кирил и Методиј, сесловенските Учители. Не случајно се изобразени сите овие претстави. Христовото Воскресение е Празникот над празниците и Торжеството над торжествата на нашата света православна вера. Свети Јован Крстител е патрон на ова наше духовно и просветно огниште во Западна Македонија. Светите цар Константин и царица Елена имаат огромна заслуга за Црквата Христова, а особено со донесувањето на Миланскиот Едикт од 313 година, со кој се дава слобода на христијаните, а на кој оваа година одбележуваме јубилеј – 1700 години. Но, за нас, Македонците, како и за останатите словенски народи, ништо помала важност и заслуга имаат светите Браќа, Кирил и Методиј. Оваа година, пак, одбележуваме 1150 години од започнувањето на нивната просветителска Моравска мисија.

Камбаната има повеќе значенија. Но, најважното е објавувањето на Христовата наука и повикувањето за духовно будење, за молитва, за препород и за спасение на душите на луѓето. Нека оваа камбана послужи за духовно будење и препородување, како на братството на оваа света обител, така и на сите посетители на овој свет манастир. Во нашиот народ постои една изрека: ’Раката на оној кој на Господа дава, Господ никогаш празна не ја остава‘. А ние да се помолиме на воскреснатиот Христос, за Он на г. Иван и на неговото семејство стократно да му го возврати овој дар, посветен на Бога и на оваа света обител. Најпрвин нека му подари здравје, а потоа и успех во неговата работа, за да може и понатаму да ја помага Македонската православна Црква и да прави добри дела за нашиот народ. Нека воскресне Христос во секоја душа за да нè облагороди и препороди, та да одиме по вистинскиот пат и така да го добиеме ветеното Царство.

Христос воскресе!“