Моштите на св. Николај во Битола

Црквата Христова радосно се весели и торжествува, славејќи го со неискажливи пофалби светлозарниот архиереј, украсот и благомирисот на целата вселена, богоблагословениот слуга Христов, Николај Чудотворец. И го празнува со духовни песни и химни Преносот на неговите пречесни мошти, кои Бог со благодат ги осени и со прекрасно благоухание и чуда ги украси. Торжествува денес и древната Битола, благодатно озарена од ова сонце незаодно, кое со светлина нашите души постојано ги исполнува. И навистина, колку силно блескаа со духовна светлина ширум целата Битола светите мошти на Мирликискиот Чудотворец, кои нашиот старец, архимандритот Партениј, со најголема љубов и радост ги донесе во својот роден град, на молба на благочестивиот свештеник и старешина на храмот „Св. Никола“, о. Горан, а со благослов на нашите почитувани архиереи, Нивните Високопреосвештенства, митрополитите Петар и Тимотеј! Блесна и торжественaта литија низ битолските улици, која најпрво со присуството на светите мошти го благослови местото каде што некогаш постоел велелепен храм на св. Николај, изграден во славниот град Манастир, уште пред доаѓањето на Османлиите.

Тој раскошен византиски храм бил еден од седумдесетината поголеми Божји светилишта што Битола ја правеле налик на голем град – манастир. А кога после османлиското нашествие тој христијански град бил целосно разрушен, неговиот христољубив народ поробен, а битолските храмови до темел уништени или во џамии претворени, тогаш и овој боголепен храм на св. Николај бил престорен во џамија. Но и покрај тоа, битолчани никогаш не ја заборавиле некогашната слава на тоа светилиште и благодатта што се излевала од него, па верно го чувале во своите срца споменот за него, молејќи се на големиот небесен помошник и застапник, св. Николај Чудотворец, повторно да го врати во христијански раце. И колкава само радост бликнала во нивните души кога иноверните биле протерани од нивниот возљубен град и свети икони повторно ги украсиле ѕидовите на црквата на св. Николај! Повторно од тоа место Му се вознесувале благодарствени богослуженија на премилиот Христос и Неговиот Мирликиски светилник.

Но, за жал, уште едно зло, можеби поголемо од она првото, го снашло овој древен храм: комунистичката управа на градот Битола решила да го урне, за на негово место да подигне комплекс модерни згради.

Така, во спомен на ова славно светилиште, денешната молитвена литија на битолското свештенство, со дел од нашето братство и сестринство и многубројните верници започна со молебен токму од тоа место, наречено „Грозд“, каде денес има мала поклонувалница, посветена на св. Николај. Потоа благословот на овој голем светител се излеа на целата Битола, посебно осенувајќи ги со своите мошти улиците: „Никола Тесла“, „Солунска“, „Железничка“ и „Индустриска“. Најпосле торжествената поворка заврши како молитвен собор во храмот „Св. Николај Чудотворец“, во населбата „Боримечка“, каде за поклонение беа изложени и чесните мошти, кои ќе останат таму и во наредниот ден.

Нека милостивиот Бог, по молитвите на Својот славен слуга, светителот Николај Мирликиски Чудотворец, ја благослови православна Битола, ја сочува во мир и единомислие и ја утврди во благочестие до крајот на вековите. Амин!