Струшката Еордија

Како пролет ни засветли – светлото Господово и божествено Воскресение, од земната кон небесната Пасха приведувајќи н?. Со неа, пак, ни сјае светлозарниот спомен на сеславниот маченик Георгиј, што светло го извршуваме, за да се удостоиме за божествената благодат од Спасителот Христа.

Светилен на св. вмч. Георгиј

Прекрасната Струга, градот на мостовите и поезијата, има навистина многу убави нешта со кои може да се гордее, а едно од најубавите е, секако, Еордијата во чест на светиот великомаченик Георгиј Победоносец, заштитникот на овој град, што пред неколку години беше масовно возобновена со благослов на митрополитот Тимотеј, а со ентузијазмот на нашиот старец, архимандритот Партениј, и ѓаконот Васко Голабоски, кои целосно се погрижија за организацијата на ова торжество. Еве веќе четири години како одново воскресна оваа убава духовна традиција, на радост на нашите две обители и големото мнозинство верници. И не само што воскресна, туку и уште повеќе се збогати, зашто покрај познатата струшка чудотворна икона на св. Георгиј, литијата се украси и облагодати со присуството на чесните мошти на светиот Великомаченик од манастирот во Рајчица. И навистина величествено е да се види како стружани и многубројните гости што на овој ден доаѓаат да се придружат на нивното славење, во свечена поворка со иконата и моштите на св. Георгиј, положени во раскошно украсен цветен балдахин, проследена со моќните звуци на воскресниот тропар и кондакот на Пресвета Богородица, со развеани знамиња и распеани гласови на псалтите, радосно се движат низ улиците на овој древен и живописен град, носејќи го насекаде благословот на св. Георгиј. И секаде достоинствено е пречекувана со радосни восклици, дожд од цвеќиња и весело мавтање со знаменца, зашто и најмалите усрдно и со задоволство учествуваат во оваа торжествена прослава.

А годинава браќата и сестрите, заедно со својот старец, покрај моштите и својата неизмерна љубов во Христа, со стружани ја споделија и големата пасхална радост. Затоа сестрите од Рајчица ревносно се потрудија и цветниот балдахин да го носи на себе пасхалниот печат, па неговото цветно белило сјаеше среде литијата, привлекувајќи ги погледите на сите и будејќи восхит. Тоа го направи овој благодатен настан уште поторжествен. Блескаа од радост нашите гостољубиви домаќини, пресреќни што во светлината на Христовото Воскресение имаа можност уште повеќе да се зарадуваат со преизобилната благодат и благоухание што се излеваше од моштите. А и ние не можевме да ја сокриеме својата радост што со секоја година литијата е с? поголема, годинава храмот на св. Георгиј каде што се отслужи Вечерната богослужба беше преполн со верници, дури се чинеше дека цела Струга е на улица, и покрај врнежливото време. Напротив дождот како да ја зголемуваше радоста и низ дождовните капки испраќаше од небото благослов за присутните на Еордијата, кои до крај ја покажаа својата силна вера и почит кон светиот Великомаченик и не си заминаа. Благословот го стекнаа и сите оние кои годинава со цело срце активно се вклучија во подготовките и финансиски ја помогнаа организацијата, а тие не беа малку на број – тука беше целата младина на Струга, бројни фирми и благочестиви деловни лица од градот. И не можеме а да не ги спомнеме озарените лица на четворицата видни граѓани на Струга, Ристе Гоџоски, Лазо Липоски, Наумче Мојсовски и Антоние Чуркоски, кои оваа година се удостоија да го носат балдахинот со моштите. Нешто подоцна, на желба на самите носачи, г. Јохан Тарчуловски, кој со љубов кон свети Георгиј, допатува во Струга да земе учество во Еордијата, беше почестен да ги понесе неговите свети мошти.

Сите го чувствувавме благодатното и радосно присуство на светиот Великомаченик. Ти благодариме највозљубен наш Господи што толку обилно го излеа над нас Својот благослов, по молитвите на Твојот верен воин, Победоносецот Георгиј. Нека неговата благодат и молитвена заштита постојано го покрива и укрепува градот Струга, нашите два манастира и целата наша татковина. Амин!