Празник во најголемиот Празник

Колку е прекрасно кога една убавина, едно славење, едно ликување, една радост, се надополнува со друга! Ете празник по најголемиот Празник; ете уште едно духовно веселие по вчерашното торжество. Вчера Господарот на вселената устрои за нас раскошна духовна трпеза; сега, пак, со радост н? напојува Неговиот подражател, светиот великомаченик Георгиј. Господарот – откако поради нас претрпе распетие и воскресна во слава, а слугата – откако пострада поради Неговото свето име и живее во слава на небесата; Бог – разрушувајќи го царството на смртта, а човекот – сведочејќи го Воскресението и ослободувајќи се од власта на смртта.

И навистина, за човек кој живее во светлината на Воскресението Христово, никакви окови, ни сите затвори на светот не можат да му ја одземат слободата во Бога. Тоа ни го посведочи и нашиот ценет гостин, г. Јохан Тарчуловски, кој во овие радосни мигови ги посети нашите два манастира и му се заблагодари на нашиот старец, игуменот Партениј, за сета духовна поткрепа и грижа во тешките мигови на силни искушенија.

И тој и сите присутни гости во манастирот ликуваа озарени од воскресенската радост, радост дека Христос навистина воскресна. А за да нема никакво сомнение во оваа неприкосновена вистина, во Раичкиот храм на светиот Победоносец Георгиј на единаесет јазици беше објавен евангелскиот расказ за неверниот Тома, кој се удостои да ги допре со своите раце раните на Спасителот и така да поверува во Воскресението. Неслучајно Црквата устроила ова Евангелие да се чита на разни јазици. На тој начин, на целиот свет, на сите народи им се посведочува дека, ете, немаат повеќе причини, ниту оправдување за своето неверие, бидејќи светиот апостол Тома, со своето дело, засекогаш ги урна сите сомнежи. Беше навистина чудесно да се слушне како овие силни евангелски зборови одекнуваат од сите страни на храмот, насекаде разнесувајќи ја потврдата за вистинитоста на она што е суштина на нашата вера.

А како печат на таа евангелска порака, воскреснатиот наш Господ ни источи слово преку устата на нашиот возљубен старец и така силно ги поткрепи нашите души:

 
„Колку е вистинито, христољубиви чеда, сведоштвото на светите отци за Спасителот дека Он е и засекогаш останува единственото ново под сонцето! Зашто од Адама па до денес никој друг не се роди на таков натприроден начин. Он излезе од девствена утроба и неа неповредена ја сочува. И како што беше натприродно Неговото Раѓање, такво беше и Неговото Воскресение од Гробот. Зашто, нели, Гробот беше запечатен на барање од Јудеите, кои на тој начин сакаа да се осигураат дека Он нема да биде украден. Но, ете, токму таа нивна постапка се сврте против нив: не само што Воскресението се случи, туку тоа стана и пред сведоци – пред самата римска стража, која тие ја поставија, а подоцна мораа да ја поткупуваат за да ја сокријат вистината и наместо неа да шират гласини дека Христос бил украден од страна на Неговите ученици. А зарем стражата би дозволила да биде украден, знаејќи дека доколку не го чува добро Гробот, ќе прими строга казна? Па сепак, и покрај внимателното чување на стражата, се случи најголемото чудо кое е над сите чудеса: Христос воскресна, не повредувајќи го печатот на Гробот, исто онака како што при Своето натприродно Раѓање не ја повреди ни девствената утроба на Својата Пречиста Мајка. Тоа Негово славно и дотогаш невидено чудо ги збуни дури и самите апостоли. Иако Он многупати им зборуваше дека ќе претрпи страдања и по три дена ќе воскресне, сепак, слушајќи го благовестието од жените мироносици за Неговото Воскресение, нив ги опфати недоумица и страв, па тие веднаш потрчаа кон Гробот за да се уверат во тоа – како е можно такво нешто покрај поставената стража! Што се случи? Каде е нивниот Учител? И кога отидоа, Гробот го најдоа отворен и празен. Ангел Господов слезе, како што вели светото Евангелие, и го одвали огромниот камен од гробната врата. А внатре во Гробот, како сведоштво за Воскресението, лежеше само Плаштаницата, со која при погребението, според тогашниот еврејски обичај, беше обвиткано и со смирна и алој залепено Христовото Тело.

Воскреснувајќи на чудесен начин, Он го остави Своето погребно платно. Во недоумица за она што се случи, апостолите се собраа во горната одаја, каде што беше и Тајната Вечера, и заклучени поради страв од Јудејците, разговараа помеѓу себе што ли ќе е тоа чудо што го слушнаа од жените мироносици. Но Христос не ги остави долго во недоумица и страв. Ете, чувме од вчерашното Евангелие, кое го прочитавме на повеќе јазици, а кое вели: ’А вечерта во истиот ден, првиот од седмицата, кога вратата, каде што беа учениците Негови собрани, беше затворена поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана насреде и им рече: Мир вам!‘ (Јн. 20, 19) Апостол Тома не беше тогаш со нив и кога подоцна слушна од другите апостоли дека нивниот божествен Учител воскреснал од мртвите, тој извика во неверие: ’Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам!‘ (Јн. 20, 25) Но да не н? соблазнува неверието Томино, зашто и другите апостоли да беа на неговото место, веројатно ќе постапеа исто. Бог го избра сепак апостолот Тома за преку него да ни посведочи и на сите нас и на сите оние што нема да поверуваат во Воскресението, кои и ден денес тврдат: ’Не веруваме, затоа што не сме Го виделе со свои очи‘. Ете, апостолот Тома, во име на сите нас, не само што Го виде, туку и Го допре, ја стави раката своја во реброто што беше прободено на Крстот, ги стави прстите свои во раните од клинците, и откако поверува, потврди: ’Господ мој и Бог мој!‘ И големо беше неговото покајание и срам, зашто пред својот Учител неверен се покажа. Тогаш Господ го повика и му рече: ’Ете, сега направи го тоа што го сакаше и што во своето неверие им го кажа на другите апостоли, за да поверуваат и оние кои не виделе‘. А потоа, за поука на целото човештво, Он додаде: ’Тома ти поверува оти Ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале‘ (Јн. 20, 29).

Гледајќи Го својот воскреснат Спасител и утврдени во Неговата победа над смртта, апостолите станаа бестрашни, бидејќи исчезнаа сите недоумици и она што дотогаш ги плашеше, ја изгуби својата сила. Зашто единственото нешто што го застрашува човекот на земјата е смртта. Таа со векови ги голташе во својата мрачна бездна сите праведници од Стариот Завет, и никој не можеше да избега од нејзината немилосрдна прегратка, ни царевите, ни војсководците, ни било кој друг моќник на земјата. Таа ставаше крај на секоја надеж, сила и моќ и на сета нивна привремена земна слава. Сега кога Христос Воскресна, смртта е поразена. Токму затоа, апостолите толку бестрашно им го проповедаа Воскресението на сите. Тие веќе не се плашеа од смртта, знаеа дека и да умрат за Христа, во Него ќе имаат живот вечен. За таа вистина вредеше и да се умре. И нивната вера се потврди со дела: сите апостоли маченички пострадаа за Христа, освен св. Јован Богослов, кој се упокоил во длабока старост, но целиот, пак, негов живот бил едно непрестајно сведочење – мачеништво.

А кога сме веќе кај мачеништвото, сакам да споделам со вас нешто што вчера случајно го видов и што многу ме запрепасти. Пребарувајќи низ телевизиските канали за да видам како годинава беше прославен Велигден во светот, случајно налетав на една документарна емисија, што се даваше на т.н. ’Историски канал‘. Еден релативно млад историчар зборуваше за ранохристијанскиот период на Црквата Христова, од првиот до четвртиот век. Се ужаснав од она што го слушнав. Замислете, тој тврдеше дека христијаните наводно биле мазохистички расположени, т.е. сакале да станат маченици по секоја цена!!! Дури и додаде: ’Тие напросто ? досадуваа на Римската империја, која никако не сакаше да ги направи маченици, ама ете, тие толку сакаа да Го последуваат својот Учител во Неговото мачеништво‘. Колку апсурдно нешто! Римјаните не сакале, ама морале да им удоволат, зашто овие биле многу упорни!!! А всушност Римската империја на своите граѓани никогаш не им дала слобода на избор, тие безусловно морале да бидат поклоници на римските пагански богови. Но лагата на ѓаволот брзо се разобличува. Нешто подоцна во дневните вести слушнав изјава од самиот Претседател на САД, г. Барак Обама, кој, честитајќи им го Велигден на православните христијани, меѓу другото напомна и за едно ново мачеништво, што денес се случува. За прв пат тој отворено, пред целата светска јавност призна дека насекаде низ Истокот православните христијани се подложени на прогонство, мачење и убивање, само поради нивната вера во Христа. Се прашувам: да не се и тие случајно мазохистички расположени, па самите бараат да страдаат!? Да, ние, христијаните, возвестувајќи ја вистината за воскреснатиот Христос и проповедајќи ја Неговата бескрајна љубов кон сите и кон с?, подготвени сме поради таа вистина и таа љубов да примиме страдање и смрт, но не и сами да се втурнуваме во смртта. Страдањето и смртта дојдоа тогаш кога безбожниот свет посака да им ја затвори устата на Христовите сведоци, па тие да не можат да проповедаат за Неговото Воскресение, што го видоа, почувствуваа и што ги преобрази нивните души. Ете затоа тие стануваа маченици. Токму денес славиме еден таков голем сведок на Воскресението Христово, Великомаченик, прославуван низ целиот свет, светиот Георгиј Победоносец, кој прими маченички венец од тогашното Римско царство. Како трибун во римската војска, му било наложено да принесе жртва на лажните пагански идоли, но тој, како христијанин, одбил. С? додека Империјата не побарала од него да се откаже од својот Бог, тој ? бил верен на римската држава, пожртвувано се борел за својот цар, иако тој бил паганин, зашто така го учела неговата света вера. Нели и самите првоапостоли Петар и Павле во своите посланија ги подучуваат христијаните да бидат добри членови на своето општество, бидејќи секоја власт е од Господа, па така светиот великомаченик Георгиј, а и христијаните воопшто, во секој поглед биле полезни жители на тогашната Римска империја. Па и тогаш кога маченички пострадаа, тие ? послужија на државата, бидејќи со својата христијанска љубов и со својата крв, ја извадија од моралниот безизлез во кој се наоѓаше и ја преобразија таа паганска империја, што дишеше со омраза кон нив, и беше сурова, проповедајќи ги единствено човечките страсти. Така и св. Георгиј со својата отсечена глава стана сведок на Воскресението Христово, вбројувајќи се во соборот на уште многу други, знајни и незнајни маченици, што со крв го посведочиле Христовото Воскресение. Сите тие треба да бидат наш пример што ќе го следиме, ако не со маченичка крв, тогаш со постојан труд и подвизи, и на тој начин ќе им сведочиме на луѓето за вистината, Христовата љубов и Неговата победа над смртта. Христијанинот треба биде светлина на светот, како што вели Спасителот наш. Знаете од Евангелието дека Христос, обраќајќи им се прво на апостолите, а преку нив и на сите нас, вели: ’Вие сте светлината на светот‘. Но за да бидеме такви, ние треба да се одликуваме со силна вера, љубов и подвиг. Да не дозволиме, ние, христијаните, тој мрачен пагански дух, кој одново се буди во денешна Европа, повторно да завладее со светот. Зашто тој страшен неопагански мрак, убивајќи ја најпрвин верата во Бога, ја убива и вистинската љубов во човекот, оти без вера во Бога нема вистинска љубов, туку само страсти и себеугодување. За да ја постигне оваа своја цел, неопаганскиот запад, меѓу другото и преку такви безбожни емисии кои ја испревртуваат историјата, се насочи против христијанските вредности, а со тоа и против светоста на семејството. Зашто единствено христијанството е она што на семејството му го дава оној топол дух на љубовта и меѓусебното почитување. Ете зошто низ цела Европа семејството, таа основна клетка на општеството, црквата во мало, е во најголема опасност. Иако Европската унија во своите повелби ветува дека ќе го негува и почитува моралното, духовното и традиционалното наследство на своите земји членки, во реалност тоа не е така. Гледате какви с? не разврати се проповедаат, како нешто најнормално. Гревот се прикажува како нормален и се предлага како начин на живот. Света должност ни е, во овие времиња на страшен разврат, ние, христијаните, да се спротивставиме на тоа неопаганско зло, кое, исто како во првите векови, ни носи омраза, пропаст и вечен мрак. Кога ќе станеме членови на Европската унија, да не го попримиме тој декадентен дух, туку со својот доблесен живот според начелата на православната Христова Црква, која низ вековите ја зачувала непроменета апостолската вера, да го преобразиме европското општество во духот на љубовта, како што некогаш првите христијани ја преобразиле Римската империја. Да, токму како што сонцето, кога ќе изгрее наутро, ја прогонува темнината, така и ние, озарени од Сонцето на правдата – Христос, Кој од Гробот му засветли на целиот свет со Својата воскресенска светлина, да засветлиме како ѕвезди во светот и да го растураме мракот. Како што нашиот Спасител е Светлина, така и секој христијанин треба да светли со своите вера, љубов и подвиг во доброто. Така нема да дозволиме темнината на неопаганскиот дух да го завладее светот. Амин!

Христос Воскресе!“