Промоција на книга и јубилеј на новинарот Киро Кипроски во Бигорски

55-годишна творечка дејност

Денеска во достоинствена и вдахновувачка атмосфера во големата сала за свечености на Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител, се одржа велелепната промоција на монографијата „Духовните светилишта на гостиварското архиерејско намесништво“ од авторот г. Киро Кипроски, публицист и доајен на македонското новинарство. Воедно со промоцијата, беше одбележан и големиот јубилеј на авторот: 55-годишна творечка дејност.

Промоцијата се изведе во свечен амбиент, во присуство на домаќинот на свеченоста, нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, на монашкото братство од Бигорски и на претставнички на монашкото сестринство од Рајчица, како и во присуство на бројни публицисти, новинари и љубители на пишаниот збор од Скопје, Гостивар, Тетово, Кичево, Битола, Охрид, Куманово, Кочани и од други места на Македонија.

Промотори на ова монументално дело, дванаесетто по ред на авторот, беа г. Ратко Димитровски и Архимандритот Кирил од Бигорскиот манастир. Свеченоста започна со настапот на монашкиот хор на бигорското братство, кое исполни неколку песнопенија во источно-православен црковен стил. Беседа за 55-годишното новинарство требаше да одржи господинот Панде Колемишевски, поранешен директор на НИП „Нова Македонија“ и главен и одговорен уредник на првиот дневен весник во Македонија, „Нова Македонија“. Од оправдани причини, Колемишевски му се извини на славеникот и на учесниците на прославата што лично не можеше да беседи, но затоа, пак, неговиот текст го прочита монахињата Ефимија од манастирот на Свети Георгиј Победоносец во Рајчица.


„Пред три дена македонскиот православен народ го прослави празникот на сесловенските и македонски просветители, светите браќа Кирил и Методиј кои јазикот на Македонците кај Солун го подарија како јазик и како писмо на многу други народи на Балканот и на Источна Европа. Денес, овдека, под покровот на Бигорското светилиште, на неговата Свештена Обител и со благородната и беспрекорната волја на неговиот Старец и игумен, епископот Антаниски, господин Партениј, ја одбележуваме 55-годишнината од почетоците на кариерата на еден македонски световен новинар кој се потпишува со името Киро и со презимето Кипроски. Самиот овој чин, локацијата на која се одржува овој настан, зборовите и писмото што во овој момент ги користиме се доволен доказ за нашата нераскинлива врска од времето на Солунските Браќа до денешните дни“ – на почетокот од беседата истакнува Колемишевски.

„Што да се каже на крајот, кога може да се кажува и уште долго и широко. Кипро беше омилен меѓу колегите, секогаш кога беше во Редакцијата ширеше позитивна енергија, бодар дух и верба во професијата. Немаше човек со кого не се познаваше, со кого не контактираше, од обичниот работник во печатницата, преку стенографки и дактилографки, преку главни уредници до директори. Секогаш љубезен, отворен, непосреден и говорлив. Без злоба, без задна намера, без оговарење, одлики на вистински новинар и човек. Таков беше, таков си остана, таков и да остане. Тоа се моите бои за правење на портретот на Кипро, дописникот на Нова Македонија од Гостивар, од Гостивар ама познат на цела Македонија“ – заклучи на крајот од беседата Панде Колемишевски.


Монографијата „Духовните светилишта на гостиварското архиерејско намесништво“ аналитички ја презентираше архимандритот Кирил од Бигорскиот манастир.


„Книгава што ја држам во рацете е нешто повеќе од книга – тоа е вистински литерарен споменик и светилник што го осветлува длабокиот свет на духовноста и културното наследство на гостиварската област. Откако ќе ја отворите и ќе започнете да читате, ќе бидете веднаш привлечени од начинот на опишување и сведочење од страна на авторот, веќе легендарниот македонски публицист и новинар г. Киро Кипроски.

‘Духовните светилишта на гостиварското архиерејско намесништво’ ги воплотува во себе карактеристиките на личниот печат, енергијата, автентичноста, спонтаноста и оригиналноста на авторот. Ова е дело што неодоливо привлекува и ги внесува читателите во многу преживеани истории и собитија. Тоа е плод на личното доживување, на истражувањата, патувањата, собирањата, на средбите и емоциите на  љубителот на словото, патеписецот Киро Кипроски и затоа запишаните слова имаат духовна тежина и вредност, наспрема стерилните зборови, лишени од дух и живост во нашево доба. Ова не е дело напишано со помош на Google и на ‘вештачката интелигенција’, туку е дело со жива и човечка енергија и есенција. Авторот го соткајува времето и просторот, споделувајќи ги своите историски и антрополошки сказанија, собитија и времеплови. Истовремено тој се пројавува и како новинар, и како летописец, и како житиеписец, и како лаограф, и како етнолог, и како антрополог“.


Во продолжение кон присутните се обрати и славеникот г. Киро Кипроски, кој усрдно му се заблагодари на домаќинот на промоцијата, Епископот Антаниски г. Партениј, Старец на Бигорскиот манастир.

Монографијата „Духовните светилишта на гостиварското архиерејско намесништво“ ја подготвувал 25 години, со благослов на блаженоупокоениот Митрополит Полошко-кумановски Кирил, и последните десет години со благослов на сегашниот Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Кипроски последните две години, како што самиот истакна, интензивно ја подготвувал и притоа по неколку пати ги посетил сите духовни светилишта во четириесетте села на гостиварското архиерејско намесништво и седумдесетината цркви, манастири, параклиси и свети крстови. Целиот материјал е сместен во луксузно книжно издание, на 470 страници, со двесте црнобели и колор фотографии и факсимили.

Свеченоста во Бигорски манастир ја збогати и милозвучниот глас на легендата на македонската народна песна, композитор и текстописец г. Ванчо Тарабунов.

На крајот од промоцијата, со видлива трогнатост, се обрати и нашиот Старец Епископ г. Партениј:


„Редно, чесно и достоинствено е да му честитам и да му се заблагодарам на мојот брат во Христа и наш голем пријател и соработник, атлетот и ветеранот на македонското новинарство, г. Киро Кипроски, кој е воедно, и најголем летописец на нашиот свет Манастир. Во своето промотивно излагање отец Кирил спомна за тешките времиња кога започна монашкиот живот овде и како уште од самиот почеток се соочувавме со огромни негативни кампањи и пропаганди. Покрај непријателски настроеното општество и новинарство, првите години ние моравме да се бориме и за да создадеме основни услови за монашки живот во Манастирот. А Киро Кипроски сето тоа го знаеше, го гледаше и многу добро го опишуваше, создавајќи го на тој начин својот бигорски летопис. За разлика од повеќето во тоа време, тој секогаш пишуваше објективно, позитивно, конструктивно. Едноставно, Кипро – како што со фамилијарна близост го нарекуваме сите ние, неговите пријатели – е човек со големо срце, човек со вера, човек кој е приврзан за Црквата и особено за Бигорскиот Манастир уште од најмлади години. По потекло галичанец, тој е просто сраснат со Манастирот. За тоа колку многу тој е приврзан за Бигорски, сведочи и фактот што тој избра токму тука да ја направи прославата за својот 55-годишен јубилеј како новинар. Не одбра некое друго место, ни во својот град Гостивар, ни во престолнината Скопје, туку токму Светилиштето со кое е духовно сврзан и кое особено го љуби, па и професионално и достојно го сведочи и запишува. Мене лично отсекогаш ме изненадувала и воодушевувала неговата позитивност, неговиот ентузијазам постојано да истражува, да твори и да пишува; да патува, да доаѓа тука, да објавува текстови за Бигорскиот манастир, со што даде непроценлив придонес за афирмативното претставување на нашето братство, но и на монаштвото општо. Трогнува фактот што и во најсложените и најтешките ситуации, тој влеваше позитивна мисла и енергија и никогаш не подлегна на искушенијата и пропагандите од страна на некои внатрешни и надворешни центри што не им мислеа добро на нашата Црква и држава.

Пред малку чувме од самиот славеник, додека правеше некои реминисценции од својот живот, како со благодарствени солзи наведува песна од легендата на македонската музика Александар Сариевски: Дејгиди луди млади години. Го повикувам г. Киро Кипроски да не плаче за лудите млади години, бидејќи тој навистина направи и остави многу дела зад себе, кои имаат залог за вечноста и ќе останат да сведочат и во иднина за нашето минато и совремие, осветлувајќи им ги нив на идните поколенија што ќе читаат и поттикнувајќи ги читателите и самите да прават добри дела. Посакувам особено припадниците на новинарската фела да се инспирираат и да се угледаат на професионалниот и позитивен пристап на Кипроски и да осознаат колку е важно да се објективни и конструктивни во својата дејност. Оти, кога ги истакнуваме со објективност и со благородна мисла добрите дела на луѓето, со тоа им даваме елан и поттик да прават уште повеќе добри дела. Нашето братството и денес не е поштедено од извесни негативни пропаганди и искушенија, но неговите дела, коишто г. Киро Кипроски со години и децении умешно ги запишуваше, не се само празни зборови, не се чудо за три дена, туку се нешто трајно, тие се дела на трајни вредности што ги градевме и ќе ги градиме заедно. Драг мој Кипро, да си ми жив и здрав уште многу години и да се радуваш уште на многу вакви дела! А гледам дека е неуморен: само што кажа дека подготвува уште една монографија! Бог да те патеводи и да те просветлува! На многаја лета!“