Распетието на Старецот е наше воскресение

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит г. Доситеј, изговорено од името на монасите и монахињите по повод именденот на нашиот Старец и Игумен, Епископот г. Партениј, на Вечерната богослужба, на 19 февруари 2022 лето Господово


Архимандрит г. Доситеј

Ваше Преосвештенство, наш Старецу и духовен татко во Христа, г. Партениј,

Почитуван Ректоре на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, г. Никола Јанкуловски

Ваше Високопреподобие, г. Доситеј,

Драги браќа и сестри во Христа!

И оваа година благодатта Божја нè собра заедно, за соборно да се помолиме на големиот Христов Чудотворец, Епископот Лампсакиски, Свети Партениј, а истовремено со ова молитвено чествување, да го одбележиме и именденот на Владиката на нашите срца, духовниот татко на повеќето од нас овде присутни, како и на уште многу повеќе телесно отсутни, но со духот дојдени вечерва овде во храмот на Чесниот Претеча.

Житието на Светиот Лампсакиски Чудотворец е славно и добропознато, сите знаеме за дел од неговите многубројни чуда, додека житието на нашиот Старец се испишува пред нас, преку неговиот трновит подвиг за спасението на сите нас, и ние секој ден сме сведоци за тоа.

Сведочиме за неговиот живот, за неговиот непрестаен подвиг, за неговата видлива духовна борба, а пак, за неговата невидлива борба, само лично тој и нашиот Бог знаат.

Ако секојдневието на еден обичен монах е распнувањето на стариот, паднат човек во нас, борбата со страстите и со разноразните демонски искушенија, како што тоа, впрочем, е мошне сликовито прикажано на фреската во ексонартексот, тогаш многу поголемо е катадневното распетие на нашиот Старец и Игумен, кој, згора на нашите лични страданија и искушенија, како и искушенијата и маките на уште илјадници свои духовни чеда, со љубов и проштавање ги трпи навредите и клеветите од надворешни луѓе кои не го ни познаваат добро, а ете си зеле или добиле задача да го оцрнуваат.


Но, нашиот Господ Исус Христос и сите Светии, во својот земен живот, претрпеле многу страданија, а многу добро знаеме дека ако при правда те осудуваат злите јазици, уште поголем е венецот. Всушност, сите овие искушенија се Христа ради и заради посветеноста на Старецот во делото за единство на Христовата Црква и за канонско заедништво, односно евхаристиско општење на сите православни.

Свежо во нашите сеќавања е филмот „Божји човек“, каде во рамките на можноста на филмската уметност е прикажан дел од животот на Свети Нектариј Егински.

Се разбира, секоја личност е посебна Божја единка, која си има свои доблести и своја духовна борба, која може да биде различна по вид и по траење, но можеме следново да го заклучиме: Божјата промисла и Божјото допуштение е нешто кое треба мирно и спокојно да го прифатиме, а и секое време си е со свое бреме.

Ние живееме во мирнодопско време, за разлика од некои други времиња во кои живееле нашите предци, но затоа, пак, премрежијата што ги живееме во нашево време се не помалку тешки од тие на претходните епохи. Слава Му на Бога, во наше време, поточно пред две години, се удостоивме да ја прославиме илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир; се случија големи настани во последниве триесетина години што Провидението Божјо ги благослови, и дај Боже, по Неговиот Свет благослов, по благословот на нашиот почитуван Митрополит г. г. Тимотеј, како и по молитвите на сите вас и на сиот верен народ, да се случуваат уште убави и богоугодни настани.

А милосрдниот наш Бог, умолен од Свети Јован Претеча, нашиот Небесен заштитник, од Свети Партениј Лампсакиски, молитвениот заштитник на нашиот Старец, како и од сите Негови угодници, да го крепи во добро здравје нашиот Игумен, да му ги обновува и зголемува духовните сили, за поголемо прославување на името Господово, а за пораз на демоните и радост на ангелите.

Ваше Преосвештенство, честит именден и на многаја лета!