Заврши шестиот летен камп по Веронаука
Во прекрасна и благодатна атмосфера, заврши и шестата смена од летните школи на љубовта во Бигорската и Рајчичката свештена Обител. Деновиве, наши гости беа триесетина деца од Скопје, Кочани и Гостивар, кои со својата ведрина и чиста љубов донесоа нов бран на радост во манастирските дворови. Малку спонтана дружба, а многу љубов, со која нашите пријателства станаа нераскинливи; малку наука, а сепак, многу научено – за верата, за одговорноста, за послушноста, простувањето, искреноста, добрината, за трпението и смирението, за молитвата и плодовите од молитвата, за милосрдието и спремноста секому да се подаде рака. Стекнатото знаење, дека најполезно е да го применуваат тоа што овде го гледаат и учат, е најважната поука на овие школи на добродетелта, за кои цврсто веруваме дека оставаат многу силна и длабока трага во нивните животи.
За да можете да ѕирнете во внатрешните доживувања на овие триесетина најмлади, ви ги пренесуваме нивните оригинални впечатоци, во кои тие ја искажаа благодарноста кон нашиот игумен, отец Партениј, за гостопримството што тој им го укажа:
Нишон Авиа 13 години, Скопје. – Моите впечатоци за овој камп: Јас многу обожавав и уживав во овој камп. Беше многу убаво, покрај природа, со прекрасни филмови за Исус, нови другарчиња, учење за Бога и молитвата, убаво прославен роденден и др. Од Понеделник до Петок, деновите поминаа многу брзо но и весело. Сега ќе ви раскажам сè: Понеделник – Затоа што тогаш сите стигнавме немавме ништо за учење, чистење итн. Ние се запознавме со децата и отците и се одморивме.
Вторник – Се разбудивме во 6:00 ч. како што требаше и за идните денови и после пола час отидовме во црква да се помолиме на Господа. После имавме доручек и затоа што ми беше тогаш роденден сите имавме торта. Потоа ги бришевме садовите со пешкири и вадевме семки од сливи. Бевме слободни некој саат па отидовме во црква да се молиме пак бидејќи е важно. Ручавме потоа бевме слободни, подоцна гледавме филм и кога дојде 9-10 часот имав изненадување торта од сите и подарок една многу убава икона од Св. Јован Крстител. Го славевме роденденот па потоа отидовме в кревет.
Среда – Се разбудивме во 6 часот и пак отидовме на молитва како што требаше. Секое утро одевме таму и секогаш после ручек јадевме, сушевме садови. После отидовме на час по музичко, па потоа бевме во блиската шума на едно место каде што учевме за Сариот Завет. После ручекот отидовме на фудбал, и се знае игравме додека не се измориме. Во 8 часот отидовме во соба и после гледавме филм па Отец Митрофан ни читаше за Господ и заспавме. Во текот на денот игравме и криенка низ манастирскиот двор, беше многу интересно.
Четврток – Се разбудивме, бевме во црква, јадевме, сушевме садови, после имавме час по музичко, после отидовме пак во шумата да ја читаме Библијата. Потоа отидовме на молитва па на ручек и потоа бевме слободни, и на крај од денот одевме в соба и гледавме филм. Одевме в кревет и пак ни читаа за Бога и заспивавме.
Петок – беше последниот ден. Јас на овој камп си поминав убаво и фала му на Бога и на Отец Партениј, се беше убаво.
Брајан Авиа 11 години Скопје. – Мене овие пет дена ми беа прекрасни. Многу му се заблагодарувам на Отец Партениј затоа што ми ја направи оваа недела прекрасна. Најголем впечаток ми остави кога игравме фудбал во тревата и кога првиот ден ги изнесовме папагалите надвор. Ние научивме многу работи за Господ Исус Христо, Св. Јован Крстител и др. Секогаш после доручек и ручек помагавме во кујната. Исто така одевме на часови по пеење и одевме на планината да читаме. Отец Митрофан навечер пред спиење ни читаше сликовници. Јас запознав нови другари. Со нив игравме жмурка, брканица и др. Првиот ден не правевме ништо а од вториот ден поминавме со активности и мене одма ми се допадна. Повторно му се заблагодарувам на Отец Партениј зошто научив многу работи и правевме многу интересни активности. Јас никогаш нема да го заборавам овој камп.
Дамјан Јошески 11 години, Прилеп. – Јас кога дојдов во овој манастир, првиот ден се запознававме и потоа седевме во собата. Вториот ден ние слушавме за историјата на овој манастир, но исто така често се шетавме во природата. Во среда ние пак се шетавме, чистевме и игравме фудбал. Мене тогаш ми беше нај интересно кога игравме фудбал, и кога ни раскажуваа за Бога и многу научивме за Бога исто така и многу духовни молитви. Во четврток ние правевме се што правевме во среда. Тогаш јас не знаев да свирам на клавир но една наставничка по малку ме научи. А во петокот беше време за да си одиме. Мене ми остави впечаток манастирот дека научив да свирам на клавир и дека запознав повеќе деца. Јас многу сум му благодарен на отец Партениј и на другите монаси што не примија во манастирот. Мене исто така ми остави впечаток дека научивме повеќе духовни молитви и повеќе духовни песни.
Јоаким Темелков 10 години, Скопје. – Оваа година на Веронаука си поминав многу убаво како и минатата. Игравме фудбал и не можевме да одлучиме кој победи. Омилено ми беше кога после јадење ќе требаше да ги суредиме чиниите и приборот за јадење… Гледавме филмови навечер со чичко Драган но подоцна мислам дека ќе стане Отец, секако по негова волја. Научив дека Св. Јован Дебарски ја направил црквата и научив за нејзината историја. Навечер понекогаш Отец Митрофан ни читаше многу раскази и многу беше интересно. Им се заблагодарувам на Бога и на Отец Партениј што си поминав убаво. Ова ми беше мене втора година како одам на Веронаука и пак сакам да одам и следната. Чичко Драган ни читаше од Библијата на едно пријатно и тивко место и со внимание го слушав како чита. Повторно му се заблагодарувам на Бога и на Отец Партениј зашто запознав нови другари и си поминав многу убаво.
Константин Темелков 14 години, Скопје. – Моите впечатоци од овој камп се убави. Ми се допадна редовното одење на литургии и други служби, исто така ми се допадна раскревањето на чиниите после ручек. Многу беше убаво кога ќе излезевме надвор и со отецот ни го читаше Стариот Завет од Библијата. Вечерта гледавме филм со црковна содржина и кога ќе легневме да спиеме отецот ќе ни читаше. Игравме фудбал што беше многу убаво и одевме до изворот со Света Вода. асовите по пеење не беа лоши, но беа подобри минатата година со Отец Анатолиј. Го мириснавме и бакнавме Чесниот Крст и учевме за нашите празници. Отец Кирил ни објаснуваше за чудотворната икона и ни ја раскажа историјата на манастирот како тој бил изграден па разурнат и повторно изграден. Научивме за верата и колку е важно да го љубиме Бога. Сакам да истакнам голема благодарност до Отец Партениј за тоа што ни дозволи да се поучиме тука и да присуствуваме на овој камп.
Бигорскиот манастир
За Св. Јован изграден,
Во слава издигнат,
На добрина посветен
Од Турците пален
Но денеска славен,
Бигорскиот манастир
Одамна граден.
Монаси полно,
Манастирот привлекува
Посетители полно
Јоаким Темелков 10 години, Скопје
На една планина оддалечена од градови
Се наоѓа, луѓе, Бигорскиот Манастир
Изграден во 1020 година од Св. Јован Дебарски.
Видел тој од планината светлина,
Видел чудотворна икона.
Таму тој решил да изгради манастир.
Кога Турците дошле го уништиле манастирот
И ги убиле тука монасите.
Но Турците дошле, Турците пошле,
Нашите луѓе на работа пошле
Така Бигорскиот Манастир повторно процутел.
Но повторно дошле времиња тешки
И манастирот бил запален повторно.
Години и години минале, а тука никој не ни поминале.
Но тука дојде Отец Партениј и го поправи целиот манастир.
Дваесет и три години еве, ова е најголемиот манастир во Македонија.
Константин Темелков 14 години, Скопје