За време на поклонението во Светата Земја, нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, денеска во Ерусалим се сретна со в.д. Амбасадорот на Република Северна Македонија во Државата на Израел, Неговата Екселенција г. Мачеј Качоровски. На срдечната средба, која се оствари на молба на г. Качоровски, а на обострано задоволство, Старецот и в.д. Амбасадорот ја споделија взаемната радост од големите настани што се случија последните неколку дена во Светиот Град, односно средбата на нашето братство со Ерусалимскиот Патријарх г. г. Теофил и историските сослуженија на Голгота, во сечесниот Гроб на Пресвета Богородица во Гетсиманија, на Сесветиот Гроб Господов и особено денешното во Храмот на Воскресението Христово, по повод празникот Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст. Истовремено, искусниот македонски дипломат, кој веднаш по прифаќањето на нашата Црква во богослужбено и канонско единство, во месец мај оваа година остварил средба по тој повод со Патријархот Теофил, го изрази своето задоволство од црковната дипломатија на нашиот Свет Синод, кој преку молбата за апелација до Вселенската Патријаршија успеа да стигне до канонско единство и сослужение со помесните православни Цркви. Во контекст на ова, говорејќи од искуството насобрано од средбите со црковни великодостојници, Неговата Екселенција ја пренесе својата поддршка до нашите архијереи за довршување на преговорите со Вселенската Патријаршија, за добивање на Томос за автокефалност на Охридската Архиепископија.
Поврзано
Посета на високи гости од Австрија во Бигорскиот Манастир
- 27 октомври 2024
Посета на амбасадорот на Австрија
- 31 мај 2024
Посета на Евроамбасадорот Дејвид Гир
- 23 мај 2024
За Благодатниот Ерусалимски Оган
- 28 април 2024