Тоа е животот на Црквата: една трајна и продолжена Педесетница

Беседа
на Н. Б. Сесветост
Вселенски Патријарх
г. г. Вартоломеј
за време на ручекот во Понеделникот на Светиот Дух
(13 јуни 2022)

Најсвештен Архиепископе Охридски господине Стефане, заедно со Вашата чесна придружба,

Сечесни претставници на братските Цркви на Ерусалим и Кипар,

Свештени и Богољубиви браќа Јерарси,

Превосходна госпоѓа Конзул,

Чесни Архонти офикијали,

Чеда во Господа возљубени,

Во овие денови „во радост и чисто срце“ (Дела 2, 46), во нашето заедничарење со вас, ја донесе во нашите срца и мисли, малата Заедница на Ерусалим по Светата Педесетница, каде беа сите еднодушни и постојани во молитвата и во кршењето на лебот.

Тоа е животот на Црквата. Една трајна и продолжена Педесетница. Еден пламен, кој треба освежително да го жари нашето срце, за да ги проповедаме величијата Божји. Незамислива е Црквата без дихание, без ревност, без жртва, без труд, солзи и болка, за да се изобрази Христос во нејзините чеда. Тоа ветување дека нема да останеме сираци не е надеж и очекување, туку вистина и уверување. Од тоа ветување суштествуваме сите. Дојде Утешителот во Светот и останува и ја одржува, ја соединува, ја уредува и ја води Црквата.

Се удостоивме, по милоста и сожаленијата на Великиот Бог и Спасител наш Исус Христос, да влеземе од нашата рана младост во Божествената нива на Црквата со ентузијазам и не случаен копнеж. Ни се падна како учители и кормилари на нашата лична пловидба да имаме значајни мажи и слуги на Синот и Словото Божјо. Примивме Царство непоклатно и ненаследно, богатство неразграбано, бисер скапоцен, Град облагодатен и „обѕидан со кули“ (сп. Пс. 121,7).

Поминаа години многубројни и макотрпни, но нашата душа не се засити. Жедува и гладува за Господа Исуса Христа и за Неговото Свето Тело, Црквата. Го подигаме со радост Крстот  на патријархувањето и трчаме со трпение во претстојната борба, гледајќи во Него. Секако дека не сме совршени, оти и ние сме луѓе со сите својства на нашата создадена природа. Не се фалиме со нашите добродетели, туку ги објавуваме доброчинствата Божји кон нас. Нè гори тајната на Црквата и еросот за Великата Црква на Константинопол, величествената и смирена истовремено, ја распалува нашата душа. Нè одржува спојот на Крстот и Воскресението, на работата и одморот, на сеидбата и жетвата, на принесувањето и истоштувањето. Великата Христова Црква е, браќа и чеда, е резиме на целоста на Црквата.

Можеби овие восприемања ви звучат прекумерни и нереални. Можеби ќе се сфатат како фалби и самовеличање. Но, во нашето срце и мисла нема ниту најмала таква расположба. Едноставно ви претставуваме буквално и само тоа што го живееме.

Во овие денови го искусивте величието и едноставноста на Великата Христова Црква. Ја видовте нашата љубезност. Ја вкусивте искрената љубов од сите нас. Дишевте од чистиот воздух на Цариград, не по човечката, туку според богочовечката страна. „Царството Мое не е од овој свет“ (Јн. 18,36). Овде даровите на Светиот Дух се разделуваат неразделно. Колку што даваме, толку и добиваме. Колку што се исцрпуваме, толку и се обновуваме. Колку што сме навредувани, толку и простуваме. Колку што сме напаѓани, толку победуваме. Колку и да сме малку, толку изобилуваме.

Ова е таинствениот и особен дар на вашата Мајка, Великата Христова Црква – љубовта. „Совршената љубов го изгонува стравот“ (3 Јн. 4,18). Не се плашиме од човечките компликации и променливости. Љубиме црковно, односно христоподражателно. Едно е љубовта, а друго е зборувањето за неа. Љубовта има цена, болка, скрб, бидејќи го фрла погледот кон вечноста и не ѝ служи на секојдневноста.

Животот на Великата Црква е и многу значаен и многу бурен. Занимлив е, бидејќи е Христолик. Ве повикуваме уште еднаш да бидете ученици и учесници на ова свештено наследство. Дојдете и примете од водата на Градот, за да ја обновите и оживотворите помесната Охридска црква. Сега ви се дава можноста да се позиционирате повторно во збиднувањата на Црквата. Отворете ги вашите крилја, високолетачи, и видете го животот и делата на вашата Мајка.

Во овој час го полагаме нашето Патријаршиско задоволство, колку кон Најсвештениот брат, светиот Охридски г. Стефан, и кон јерархијата околу него, бидејќи го видовме доброто расположение и положба кон Великата Христова Црква, толку и кон Превосходните началници на Северна Македонија, за нивната зрелост и стабилност.

Би било превид доколку овде не го забележиме со пофалби каталитичкиот придонес на целото братство на Светиот Манастир Бигорски, под Богољубивиот Епископ Антаниски г. Партениј – особено нему лично – за целиот процес на лекување и исцелување на овој долготраен и страшен раскол.

Од сите вас очекуваме многу. Се надеваме дека нема да ги изневерите надежите на Црквата и го повикуваме Божјото просвештение за стабилно уредување и решително ставање крај на дополнителните прашања што се однесуваат на нас.

Се радуваме за пред скоро време пројавената добра соработка и братска согласност со најсветата Црква на Србија. Секако, напомнуваме дека изразените ставови на Српската Црква за доделување на автокефален статус опасно се отклонуваат од преданиската пракса на нашата Света Христова Велика Црква. Го почестуваме, значи, вашето досегашно исправно позиционирање по ова и ве поттикнуваме да имате доверба и посветеност на Светата Христова Велика Црква, како што веќе добро и канонски направивте со вашите повикувања на еклитон кон нас.

Ве пофалуваме, ве благословуваме, ве прегрнуваме со љубов и со голема родителска грижа и ја подигаме оваа чаша за здравје на сите сотрпезници на оваа радостотворна трпеза и за запечатување на овој знаменит и светловиден ден. За многу години!