Ви благодариме за тоа што сте, Ваша Сесветост!

Здравица на Неговото Блаженство Архиепископ Охридски г. г. Стефан
(Во понеделникот на Светиот Дух, 13.06.2022 г., за време на ручекот со Вселенскиот Патријарх, Константинопол)

Ваша Сесветост,

Браќа и избрани за оваа трпеза на љубовта,

Во[1] исто време, и радост и тага ги опфаќа нашите срца. Радост, затоа што „ја видовме вистинската светлина, го примивме Духот небесен“, овде, во средиштето на Православната Црква. А тага, затоа што по толку убави денови попладнево си заминуваме од Вашето присуство.

Доаѓајќи наваму, патувавме со различни чувства: со нестрпливост, со мечта, со надеж, со страв, со неизвесност, со колебливост и сл. Но, сега сето тоа го оставивме овде, го пуштивме низ Златниот Рог и во Босфорот, за брановите да го однесат далеку. А ќе заминеме со радост вистинска, со копнеж за Црквата, љубов за единството, со восхит за Мајката Црква Константинополска, којашто толку мудро знае да го заштитува она што ѝ го завештале Соборите и Преданието, и со тоа да ни добротоври на сите нас. Ете, оттаму ги нацрпивме смелост, духовното укрепување, просветлението; се напоивме од тој извор на љубов кон Црквата – од љубовта што ја покажувате Вие, Ваша Сесветост; зедовме сила од Градот и бевме поткрепени од Духот Свет.

И сега, Владико свет, си заминуваме на истите места, во Охрид кој блеска од древност и блискост со Великата Црква, си заминуваме во нашата Татковина, чиишто епархии пред нецел век беа територија на оваа освештена Црква. Но и да не беше така, Вие, веруваме, ќе се однесувавте и ќе нè пресретневте со истата грижа и со истата љубов, зашто Мајката Црква знае само да љуби и да милува.

Сакам, уште еднаш, најсрдечно да Ви се заблагодарам за сè! За Патријаршискиот и Синодален Акт, со кој се истакнува многу доброто искуството на Црквата и на нејзините векови; за гостољубието, иако не се чувствуваме како гости, бидејќи сме во татковскиот дом на сите Православни; за Вашата грижа, за Вашето благородство, за Вашиот етос, за Вашите трудови…

Ви благодариме за тоа што сте, Ваша Сесветост, и за тоа што молчаливо сите нас нè поучувате во она што е најспасоносно – целосно посветни на Бога! Со ентузијазмот и со чувствата на првите Христијаните, со молитва и со литургиски живот, ги држиме нашите очи вперени кон Вашето сесвештено лице. Впрочем, подобно на она кое го зборува апостолот: …Беа истрајни во учењето на апостолите, во заедничкиот живот, во прекршувањето на лебот и во молитвите[2].

Ви благодарам од името на сите свети членови на нашиот Синод и, секако, Ве очекуваме да ни дојдете во Охрид и во нашата богоблагословена земја, за да го почувствувате и Вие нашето авраамово гостопримство и да ја видите на дело нашата целосна  оддаденост, па и таму да Ви ја покажеме сета наша благодарност кон Вас и кон Мајката Црква!

На многаја лета!


[1] На здравицата на ручекот од последниот ден од посетата на Константинопол, 13. 06. 2022 г.

[2] Дела 2, 24