Ерусалимскиот патријарх Теофил вчера во Москва, каде што сослужуваше со Московскиот патријарх Кирил без да го спомне името на Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, изјави дека има намера да свика собор на претстојателите на Православните цркви во Јордан, за да разговараат за единството на Црквата.
„Како Ерусалимска патријаршија би сакале да бидеме домаќини на претстојателите на Православните цркви, да се собереме во духот на братското општење за да се советуваме за запазување на нашето единство во евхаристиското општење,“ рече карактеристично патријархот Теофил.
Не е познато дали Ерусалимскиот патријарх контактирал со други претстојатели како би го испитал нивното расположение, но во секој случај се работи за една постапка што носи големо значење и ризик.
Првиот што го прокоментира овој невообичаен чекор на четвртиот по чест претстојател помеѓу Православните цркви, е Атинскиот архиепископ г. г. Јероним. Тој, на прашање на Orthodoxia.info, во врска со оваа иницијатива одговори: „Не можам да одговорам јасно, бидејќи не ги знам критериумите и потеклото на оваа иницијатива. Не знаеме дали овој предлог на патријархот (Ерусалимски) е со знаење на Вселенскиот патријарх. Не може секој да свика сеправославен собор, зашто тоа е привилегија само на Вселенскиот патријарх. Ако Вселенскиот патријарх нè покани, нема да речеме не, но ако кој било друг одговорен на некоја помесна Црква нè покани, јас ќе речам не“.