„Кој, во целиот свет, не би позавидел на ваква средба?“

Извор:

Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, Архиепископот Атински и на цела Грција, Јероним и митрополитот Киевски и на цела Украина, Епифаниј пристигнаа на островот Тасос во Грција, на покана на митрополитот на Филипи, Неаполис и Тасос, Стефан, со цел да учествуваат на првото празнување на „Соборот на Светиите во Тасос“ и да ја примат нивната света икона која е насликана за таа цел.

По официјалниот прием на пристаништето на островот, во историската црква Успение на Пресвета Богородица беше одржана свечена Доксологија, на која митрополитот Стефан им се обрати и им посака добредојде на поглаварите и ја изрази својата срдечна радост за нивното присуство на островот.

Тој посебно се осврна на христијанизацијата на Рус на крајот на 9 век од нашата ера, кога патријархот Фотиј ги испратил првите апостоли во Киев да го проповедаат Евангелието и да ги крстат првите христијани таму.

Потоа, Вселенскиот Патријарх говореше за единството и заедништвото во Црквата, притоа осврнувајќи се на придонесот на Светиите во животот на Православната Црква и на верниците, истакнувајќи дека во четириесетте години како Патријарх, биле прогласени многу светители.

Вселенскиот Патријарх се осврна и на придонесот на апостолот на народите, Павле за ширењето на Евангелието во светот, почнувајќи од градот Филипи.

Атинскиот архиепископ со топли зборови се повика на Вселенскиот Патријарх, но и на присуството на киевскиот митрополит, истакнувајќи: „Кој, во целиот свет, не би позавидел на ваква средба на која претседава Патријархот на нашиот народ и на целиот народ Божји“.

Тој се осврна на пораката за единство што ја испраќа до целиот православен свет со заедничкото присуство на Тасос, на своето како и на присуството на Вселенскиот Патријарх и Киевскиот митрополит.

Потоа, Киевскиот митрополит, говорејќи на грчки јазик, ја изрази својата радост што е во Грција и му се заблагодари на митрополитот Стефан за поканата што му ја упати и конкретно истакна:

„Вашата официјална покана ни дојде на почетокот на март, во тешки денови, кога рускиот тиранин испраќаше свои војници да ја уништат нашата земја и да го заземат Киев. Деновите кога ја читав вашата покана, се обидувавме да се заштитиме од руските бомби. Ја читав вашата покана не знаејќи што би можело да ни се случи следниот момент, следниот ден“.

Исто така, обраќајќи му се на Атинскиот Архиепископ, тој изрази благодарност до него и до членовите на Светиот синод на Црквата на Грција „за нивната љубов и поддршка за Автокефалната Црква на Украина“.

Тој дури додаде дека „Црква во Грција како постар брат го носи товарот и ја нуди својата помош на помалиот брат“. Истовремено, тој упати зборови на благодарност до Патријархот за поканата што му ја упати за заедничка прослава на островот Тасос, но и за континуираната и непрекината помош и поддршка што ѝ ја нуди на Црквата на Украина откако го додели томосот за автокефалност.