Во неделата, на 31 октомври оваа година, ненадејно заспа во Христа јеромонахот Филотеј Дохијарски, добродетелен Божји слуга и работник на нивата Господова. Отец Филотеј беше голем пријател на нашата Црква и често пати доаѓаше во нашите цркви и манастири, вклучително и во Бигорската Обител. Тој беше јеромонахот кој во 2017 година ја донесе во Струмица прекрасната икона – копија на чудотворната икона на Пресвета Богородица „Скоропослушница“, од светогорскиот манастир Дохијар.

Блаженоупокоениот јеромонах отец Филотеј Дохијарски е роден во Атина во 1963 година. Неговиот татко, Стилијан Пападопулос, е почесен професор на Богословскиот факултет во Атина. Отец Филотеј дипломирал на истиот факултет. Беше одличен познавач на византиската и на европската музика.
За монах бил потстрижен во 1985 година во светогорскиот манастир Дохијар, каде што се непрестајно се подвизуваше во љубовта Христова сè до неговото упокојување. Милозвучен и слаткогласен, тој беше протопсалт во хорот на неговата обител.
Нека нашиот Спасител и Воскресител, Господ Исус Христос, му подари добар рај, вселувајќи ја неговата душа во небесните обители!
Вечен му спомен!
