Српскиот Патријарх со скандалозно писмо се направи судија над Вселенскиот Патријарх

Извор:

Српскиот Патријарх г. Иринеј испратил долго писмо до Вселенската Патријаршија, каде што го излага напредокот на разговорите во поглед на појавите на етнофилетизмот во современото Православие, кои зеле место на Светиот Собор на Српската Црква.

Ромфеа.гр објави фрагменти од писмото од петнаесет страници на Патријархот Иринеј до Патријархот Вартоломеј.

Повод за составувањето на писмото била вознемиреноста на Светиот Синод и на Патријархот за единството на Православната Црква, после интервенциите на архиереи од Вселенската Патријаршија, односно издавањето на Томос за Автокефалија на украински расколнички ентитети „и покрај волјата… на Руската Православна Црква…, а во името на поранешното црковно мајчинство, како новопојавен канонски параметар“ и дека „сличен аргумент се планира и за расколничката ‘Македонска Православна Црква’“. „Ереста на етнофилетизмот претставува еден од суштинските проблеми на современото Православие“, се наведува помеѓу другото.

Понатаму, Српскиот Патријарх потенцира дека современите секуларни држави се обидуваат да ја искористат Црквата во служба на нивната идеологија и власт и за да успеат во таа цел, тие прибегнуваат кон болниот етнофилетизам и секуларно, државоцентрично размислување и по ред „успеваат во едно и единствено нешто – да му се закануваат на соборниот и екуменски карактер на Божјата Црква, а со тоа и на нејзината изворна мисија кон сите народи“.

Патријархот Иринеј пишува: „Државите, народите и ‘народите’, од кои денес се бара автокефалија, а во суштина дејствуваат нивните режимски ‘политички формации’ и нескриено ја оправдуваат својата штетна активност со повикувањето на државната и националната корист (Украина, ‘Северна Македонија’, Црна Гора…), се создадени од комунистите, до денес повеќето од нив имаат безбожници на власт, како што е некрстениот и безбожниот владетел на Црна Гора, или ‘видливиот верник’ на чело на Украина, кој се гледа и во канонската Црква и кај расколниците и кај унијатите. Тие не бараат автокефални Цркви бидејќи, божем се нивни верни чеда, но со цел, за да ги користат, подобро кажано да ги искористат за исполнување на нивната световна и во суштина безбожничка идеологија, власт и ниска корист. Се работи, во крајна мера, за злоупотреба на Црквата и на верата“.

„Значи, дозволено е снисходењето на Црквата на ваква злоупотреба? Онаа која е предодредена за да го преобразува и спасува паднатиот свет, смее да му се покорува и да му угодува?“ – се прашањата кои Претстојателот на Српската Црква ги упатува, најнапред до Вселенската Патријаршија, „нашата Мајка Црква, во својство на првопрестолна Црква, повикана самозаборавно и пожртвувано да му служи на единството на Црквата“.

Според мислењето на Српскиот Патријарх Иринеј, „под никакви услови, влијанија или притисоци, не е дозволено таа да прибегне кон какво било избрзано дејство, кое може да направи штета на сеправославното единство, та да го продолжи животот на расколите, кои, меѓу другото, треба да ги лекува и надмине“.

Посветувајќи се на Украина, Српскиот Патријарх го карактеризира како „многу опасен, дури и катастрофален, сходно на тоа и фатален за единството на Православието“ чинот на „оправдување и рехабилитирање на расколниците во чинот на епископите, а особено на архирасколникот, ‘Патријархот’ Киевски Филарет Денисенко, и враќањето на литургиското и канонското општење со расколничките заедници, без нивно покајание и враќање во единство со Руската Православна Црква од која се одделиле, без согласност со Московската Патријаршија и без координација со неа“.

Исто така, Српскиот Патријарх потцртува дека интервенцијата на блаженоупокоениот Григориј VII во работите на Руската Црква и неговиот став кон светиот Патријарх Тихон (кого го упатувал да даде оставка), како и поддршката за расколот на „обновленците“ од деценијата на 1920, во никој случај не треба да користат како пример за подражавање.

Согласно составувачот на писмото, чинот на рехабилитација на украинските расколници „ќе значи истовремено небратољубив став кон маченичката Црква во руските земји“, нешто што Српскиот Патријарх во никој случај не го очекува од „маченичката Велика Христова Црква“.

Коментирајќи го ставот за божемно подведување на Киевската Митрополија под јурисдикцијата на Цариград и дека „отсекогаш ѝ припаѓала“, Патријархот Иринеј се запрашува „како се објаснува фактот дека Москва толку долго време, повеќе од три векови владее – и сега владее – со јурисдикцијата над Киев, без никаков протест од никого, вклучително и од Великата Христова Црква?“, за да заврши дека „достапните историски извори не уверуваат во аргументот дека Москва нема ингеренции над Киев“.

Уште и напомнува на востановениот во свештеноканонското предание и пракса критериумот на ‘древноста’, ‘старите обичаи’ и ‘општоприфатените врски’, кои ги поддржуваат црковните права на Русите врз Киев.

Патријархот Иринеј потсетува дека Соборот на Крит го потврди постоењето на четиринаесет автокефални Православни Цркви во нивните денешни канонски граници. „Преку конкретното уверување од Соборот на Крит, имплицитно се потврдува дека автономната Црква на Украина се наоѓа под јурисдикција на Московската Патријаршија и дека органски ѝ припаѓа“.

Нагласувајќи го фактот дека Константинополската Црква е подеднакво Мајка Црква и на Киев, и на Москва, и на Пеќ, и на Трново итн., Српскиот Патријарх забележува: „Честа и достоинството на црковното мајчинство не ѝ го дава, впрочем, правото на Мајката Црква да ги отповика, или да ги негира историски оформените автокефалии и јурисдикции“.

Од кажаното може да се заклучи дека Вселенската Патријаршија не може да одлучи еднострано, без Српската и Руската Црква, за иднината на Охридската Архиепископија и Киевската Митрополија, соодветно.

Писмото потенцира дека процесот на стекнување и објавување на нови автокефалии е договорен и од помесните Православни Цркви. Предвидено е дека Константинопол е само координатор на прашањето. Откако ќе биде даден предлог од Црквата во прашање, согласно давањето автокефалија на нејзините епархии кои се во прашање, го објавува тоа на помесните автокефални Цркви, се прави советување и прашањето се уредува согласно нивната заедничка одлука. „Соодветниот, конечен официјален текст е објавен на страниците од периодично издаваните записници на Центарот на Вселенската Патријаршија во Шамбези“.

Српскиот Патријарх напоменува: „Оваа е општо прифатената положба на помесните Православни Цркви, а не ставот на еден од архиереите на Вашата Света Црква, дека Вселенскиот Престол, сам, без останатите, без еднаквите, доделува и одзема автокефалии, и дека дејствува на тој начин илјада триста и педесет години во продолжение (!)“.

На друго место Патријархот Иринеј се обраќа кон Вселенскиот Патријарх вака: „На никој начин не ни се родила, Ваша Сесветост, идеја во умот, ниту имаме најмала желба или расположение да Ве навредиме или натажиме, но сме должни да Ве потсетиме на Вашето ветување, дадено во Шамбези, во присуство на Претстојателите на Православните Цркви – а и во мое присуство – дека немате намера да се мешате во прашањето на Украинската Црква“.

Писмото на Српскиот Патријарх посветува големо внимание и на опасноста од прекршување на јурисдикциските права и на неговата сопствена Црква во Црна Гора, каде што, парасинагогата или сектата лишена од Божја благодат, се нарекува себе си Црногорска Црква… „и нејзината постара ‘сестра’ во Скопје, верува и труби дека после доделувањето на автокефалија на украинските расколници, и таа ќе добие признавање и автокефалија“.

Говорејќи за началниците на расколниците во Црна Гора и Украина, Српскиот Патријарх заклучува дека случајот на Црна Гора има врска со оној на Украина и дека и неканонскиот клир на БЈРМ и Р. Црна Гора се надева да биде рехабилитиран заедно со Денисенко.

Патријархот Иринеј верува дека нешто такво од номоканонски аспект би било трагично неразумно.

Во заклучокот, Претстојателот на Српската Црква го повикува Вселенскиот Патријарх да биде воздржан, молејќи се истовремено на Христа да ѝ дарува смелост на Мајката Црква „да не паѓа под притисоците, како и мудрост одозгора, за да остане постојано и засекогаш верна на себе си, на својата мисија и на својата служба“.