Вселенскиот Патријарх кон Московскиот: „Со дијалог ќе ги решиме постоечките проблеми“

Извор:

Пред малку во Вселенската Патријаршија пристигна Патријархот Московски и на цела Русија, г. Кирил. Претстојателот на Руската Црква и неговите сопатници беа срдечно примени од Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј.

Вселенскиот Патријарх му посака добредојде на Патријархот Московски во Фанар, изразувајќи ја својата радост за оваа посета.

„Радосни сме што овде, во Вселенската Патријаршија го примаме Неговото Блаженство и Светост, Патријархот Московски и на цела Русија г. Кирил со неговите сопатници. Секогаш кога се среќаваме, се радуваме обострано и имаме можност да разговараме за прашања од заеднички интерес“.

Исто така, Патријархот Вартоломеј истакна: „Веруваме во дијалогот, зашто кога политичките водачи преку дијалог се обидуваат да ги решат проблемите на своите земји, многу повеќе ние, верските водачи, треба да го користиме овој богоиспратен инструмент на дијалогот, за да ги решаваме постоечките проблеми“.

Од своја страна, Претстојателот на Руската Црква, помеѓу другото истакна: „Ви благодариме, Ваша Сесветост, за можноста овде да се сретнеме, како со Вас, така и со членовите на Светиот Синод“.

„Во секое време нашите Цркви се соочуваат со проблеми кои произлегуваат и се должат на надворешниот свет, но секогаш со Божја помош сме наоѓале одговори и сме знаеле како да се соочиме со овие проблеми,“ потенцира Патријархот Кирил.

Исто така, Патријархот додаде: „Многу точно го споменавте дијалогот и се изразивте со многу убави зборови, но сметам дека постои голема разлика помеѓу дијалогот што го водат политичарите и дијалогот што го водиме ние. Во дијалогот на политичарите секој ги застапува интересите на својата земја, а дијалогот во Црквата е различен, тој е духовен. И покрај тоа што ги претставуваме своите Цркви, имаме мисија од Бога да го запазиме единството на Црквата“.

Заклучувајќи, Московскиот Патријарх истакна: „Никогаш не би направиле нешто на штета на Вселенското Православие, зашто ние, претстојателите, имаме одговорност за целото Православие и за Телото на Црквата“.

Posted by Ecumenical Patriarchate on Friday, 31 August 2018