Вартоломеј: Заканите за раскол се лесно решение за тие што немаат аргументи

Извор:

Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј вчера во Крит зборуваше за координаторската улога на Вселенската Патријаршија како „љубезна мајка и начало на Црквите“.

Говорејќи на свеченоста која вчера попладне се оствари на Критската Православна Академија, по повод педесет години од нејзиното основање, Претстојателот на Вселенската Патријаршија, пред Претседателот на Република Грција, Ерусалимскиот Патријарх, Архиепископите на Кипар и Албанија, но и претставници од Романската и Полската Црква, разјасни дека Православната Црква не смее да се претвори во „село без кучиња“.

„Доколку Вселенската Патријаршија се одрече од своите одговорности и се оддалечи од меѓуправославната сцена, тогаш помесните Цркви ќе бидат ‘како овци без пастир’, разложувајќи се низ црковни иницијативи кои ги мешаат смирението на верата со надменоста на власта“, рече Вселенскиот Патријарх и додаде дека: „Таква е координаторската улога на Вселенската Патријаршија во семејството на Православните. Постои потреба од Вселенската Патријаршија, зашто Православието не е, и не смее да се претвори во ‘село без кучиња’“.

Патријархот Вартоломеј потсети дека: „Вселенската Патријаршија има одговорност да ги постави работите во црковен и канонски ред зашто само таа (Вселенската Патријаршија, н.з.) ги има овие канонски привилегии и благословот на Црквата и Вселенските Собори за да го исполнува овој највисок долг како љубезна мајка и начало на Црквите“.

Како што потенцира во својата беседа, главниот проблем на Христијаните од првото илјадалетие беа ересите. Проблемот на второто илјадалетие, што го „наследи“ и третото кое сега го живееме, се јурисдикциските проблеми, чиј извор е, како што кажа, „етнофилетизмот, склоноста кон експанзионизам и кршењето на границите одредени од патријаршиските и синодални томоси“.

„Минуваме низ период на суштински промени во сите сегменти на животот. Затоа сме повикани да се соочиме со новите предизвици,“ рече Патријархот и потцрта дека: „Ако не го запазиме единството, ќе имаме полна одговорност за претворањето на Црквата во… еснаф“.

Вселенскиот Патријарх беше особено строг кон Руската Црква, која во последните месеци, поради прашањето на украинската автокефалија, зборува за раскол.

Без да ја именува Руската Патријаршија, која одреди ограничен прекин на општењето со Вселенската Патријаршија, рече: „Расколот, како човечко дело, е лесно решение кон кое прибегнуваат обично оние кои не можат преку канонски аргументи да ги положат своите права и да ги засноваат своите ставови, што обично не се засновани на каноните на Црквата, туку се отклонуваат од црковниот етос, служејќи на други цели“.

Надополни и дека таквите „се отцепуваат од Православната Црква, изразувајќи ги на тој антицрковен начин своите забелешки и несогласувања“.

Според Вселенскиот Патријарх, во секој случај, „за расколите, потрагата по лична корист, обидите за суетно истакнување и таканаречена ‘комуникациска политика’ нема место во Црквата“.

Утре Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј ќе ја посети Атина, каде што ќе биде награден од Грчкиот Парламент за своите залагања за заштита на природната средина.