Вселенскиот Патријарх Вартоломеј: „Немам право да направам ниту чекор назад“

Извор:
Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј (фото „То Вима“)

Вселенскиот Патријарх го отвори своето срце и говореше за автокефалијата на Црквата во Украина, за пандемијата и за нејзините негатори — Изјавува дека ќе се вакцинира, бидејќи над сѐ тоа е еден акт на одговорност спрема ближните луѓе и ги поттикнува младите да бидат солидарни.

Интервјуто го водеше Марија Антонијаду

Пандемијата, младите, внатрешната состојба на Православните цркви, украинскиот „трн“, врските со Московската патријаршија и триесетгодишнината од денот на неговото искачување на престолот на Архиепископот на Константинопол, Нов Рим и Вселенски Патријарх, која се навршува во 2021. Ова се главните теми на специјалното интервју од историски размери, кое за неделното издание на „То Вима“ го даде Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј. 

Во едно ретко душевно расположение, за првпат говорејќи на едноставен народен јазик, наместо на архаичниот, висок црковен стил, Претстојателот на Православието го карактеризира како неприфатливо, наспроти жртвите и болката, негирањето на Ковид-19 и како провокативен ставот на некои клирици против пандемијата, потенцирајќи дека, согласно Новиот Завет, „кој не го љуби човекот, не може да Го возљуби Бога“. Изјавува дека е трогнат од самопожртвуваноста на лекарите и на болничарите, ја објавува својата одлука да се вакцинира и ги повикува младите да не се плашат.

Испраќајќи јасни пораки по однос внатрешните работи во Православието, потцртува на особено карактеристичен начин, дека „во Православието не постои раскол“. „Не можам,“ гласи неговата порака кон Патријарсите и Архиепископите на Црквите, а особено кон Патријархот Московски и на цела Рус г. Кирил, „да дозволам да се променува православната еклисиологија поради ниски мотиви. Немам право да направам ниту чекор назад. ‘Поостро од секој нож’ е словото на Вистината. Што сведочи историјата, изворите, документите, фактите. Таа бива расипана од парите, заплашувањата, пропагандата и од сништа на летната ноќ…“.

Карактеризирајќи ги како неосновани осудите за папизам кои му се припишуваат, прашува: „Папизам е да си ги земам на рамо одговорностите на мојата служба?“. Ја смета за јасна вистинската цел позади нападите врз начинот на доделување на автокефалија на Украина, а тоа е „да се одземат овие уникатни одговорности на Константинополскиот трон, и да преминат во други раце…“. „Не можам да ги отфрлам моите одговорности што моите претходници ми ги оставиле во наследство,“ потенцира тој. Понатаму, говори за оние кои „флертуваат со федерализирањето на Православието по протестантски терк“.

Отсликувајќи го претстојателот на Црквата на Москва, му поставува едно јасно прашање: „Кој, значи, се однесува како ‘папа на Православието’? Оној кој останува верен на православната традиција, или оној кој си полага право на позиција која никогаш ја немал, ниту некогаш ќе ја добие?“.

Ваша Сесветост, сѐ што е под сонцето е измачувано од пандемијата. Сепак, постојат луѓе, а помеѓу нив и членови на Црквата, клирици и лаици, кои ја негираат болеста, додека во исто време илјадници лекари и болничари го даваат животот за да ги поткрепат болните. Кое е Вашето мислење?

„Пандемијата го промени социјалниот живот, нашето секојдневие, нашето учество во животот на Црквата. Целиот овој период нѐ трогнуваат страдањата на безброј ближни луѓе и ни остава впечаток самопожртвуваноста на лекарите и болничарите. Затоа е неприфатливо, наспроти толку жртви и толкава болка, да постојат луѓе кои ја негираат стварноста на пандемијата, сметајќи дека таа е творба на некакви кругови. Уште повеќе провокативно е кога таквите ставови се изразуваат од страна на Христијани, често и од клирици, кои се самопрогласуваат за заштитници на еден нивни бог. Новиот Завет уверува дека кој не го сака човекот, не може да го возљуби Бога. Тие не се грижат за заштитата на ближниот човек. Отфрлањето на маската и на сите мерки за заштита не доаѓа едноставно од незнање, туку од умртвување на љубовта внатре во нив. Кога науката отвора благопријатни перспективи за иднината на човештвото, таа претставува дар од небото. Нормално е дека не е засегната нашата вера тогаш кога ги следиме упатствата на стручните. Ниту ограничувањето на учеството во богослужбите го намалува за животот на верниците значењето на храмот и на она што во него се извршува. Заштитните мерки не се насочени против Црквата. Тие ги заштитуваат верниците, кои, како и сите други, еднакво се изложени на вирусот“.

Вие ќе се вакцинирате против коронавирусот?

„Се разбира дека ќе се вакцинирам. Бездруго, сметам дека тоа ми го налага и мојата возраст. Наближувам кон 81, така што припаѓам на возрасната група што треба да се вакцинира. Но, не е само прашање на потреба или избор, туку и одговорност кон ближниот човек. Затоа се надевам дека наскоро ќе се вакцинира најголемиот дел од светското население, за да запре ширењето на убиствениот вирус. Секако, дотогаш сите сме должни со точност да ги пазиме заштитните мерки, како не би оплакувале повеќе жртви“.

Во Православната Црква се забележуваат многу различни трендови и избори за неспокојот што некои го изразија во врска со опасноста за ширење на вирусот за време на Божествената Литургија. Сметате дека би можел да постои еден општоприфатлив одговор, кој ќе биде согласен со развојот на науката, со чувствителноста на сите верни и со динамичното предание на Црквата?

„Нашата Црква не се наоѓа за првпат во историјата соочена со една пандемија и со несигурноста која таа ја предизвикува. На почетокот од здравствената криза, ние упативме писмо до браќата Православни Претстојатели, барајќи да нѐ известат и за нивните размислувања во врска со прашањето. Нивните ставови се совпаѓаа со оние на Вселенската Патријаршија. Така, во јуни, Светиот и свештен синод потсети дека Црквата останува стабилна и непоколеблива во учењето по однос на суштината на Таинството на Божествената Евхаристија, за која не се преговара“.

Патријархот Вартоломеј (скица на Ефи Ксену)

Ваша Сесветост, се навршуваат две години од тогаш кога свечено го доделивте томосот за автокефалија на Црквата во Украина. Како го проценувате напредокот на новоформираната Црква? Од некои страни се тврди дека одлуката на Вселенскиот трон да се одважи на барањето на украинските Православни го ставила на искушение единството на Православието. Обеспокоен сте за сеправославното единство?

„Единството на Православието не е искушано поради одговорот на Вселенската Патријаршија на барањето на украинските Православни. Украинската автокефалија беше акт на одговорноста на Мајката Црква наспроти милиони наши православни браќа и сестри што се наоѓаа, без нивна вина, надвор од Црквата. И секако не беше, како што навредливо ѝ припишува руската пропаганда, одработување за политички цели или геополитички интереси. Две години подоцна, се радуваме што ја гледаме новата Црква да се развива и Блаженејшиот Митрополит Киевски г. Епифаниј да придонесува, со својот кроток карактер и со своите братски иницијативи, кон нормализирање на тамошниот црковен живот. Читаме разни обвиненија за насилство од страна на радикални групи врз православните во Украина. Доколку, се разбира, тие дела се вистинити, од која страна и да доаѓаат и врз кого и да се тие извршени, уште од првиот момент ги имаме осудено, исто како што ги имаме осудено и разноразните провокации кои целат кон создавање на атмосфера на напрегнатост помеѓу народот на Украина, но и кон навредување на Вселенската Патријаршија.

„По Украинското прашање постапивме исто како и во останатите случаи на доделување на автокефалија. Го следевме востановеното од вековната црковна пракса предание на Православието. Ве потсетувам дека пред да ѝ додели автокефалија на Украина, Константинопол им имаше доделено автокефалија на девет други помесни цркви. Денес, секако, некои го негираат овој непобитен факт од лични причини. Навистина, какво безумство! Сите кои ги негираат правата и одговорностите на Вселенската Патријаршија, во суштина ги негираат и сопственото постоење и идентитет, самиот збир на Православието“.

Кои се Вашите чувства за ставот на Московската Патријаршија? И кое е Вашето расположение и Вашите иницијативи кои Ви припаѓаат како на Прв на Православието, како што е општоприфатено, заради лекување на состојбата?

„Госпоѓо Антонијаду, најпрвин, бидејќи е веќе развиен еден цел систем на клевети, кој произлегува главно од лица и кругови во Црквата во Русија, ќе треба да појасниме дека во Православието не постои раскол. Постои различен поглед од страна на Црквата во Русија по однос на Украинското прашање, кој беше изразен преку прекинување на општењето со Мајката Црква Константинополска и во продолжение и со другите Цркви кои ја признаа автокефалијата на новата Црква. По наша проценка, тоа беше погрешен чекор на сестринската Црква во Русија. Така што, повторувам, раскол во Православието не постои. Постоеше еден проблем. Цели три децении Москва демонстративно се правеше слепа за трагичната состојба во Украина. Во суштина таа го спречуваше изнаоѓањето решение за да не ѝ избега од контрола Киев, кого го имаше отцепено од Црквата на Константинопол, искористувајќи ги условите и состојбите на тогашното време.

„Доделувањето на автокефален статус на Црквата во Украина од страна на Вселенската Патријаршија, значи, беше не само еклисиолошки и канонски точно, туку и единствено реалистично справување со проблемот. Сходно на тоа, единствено признавањето на украинската автокефалија од страна на сите Православни цркви, и никаков друг став, ниту чекање, ниту повици за сеправославни собири, ниту бесконечни и безбројни интервјуа во медиумите, полни со навредливи коментари за нашата Патријаршија, придонесуваат за сеправославно единство. Што се однесува на мене како на Вселенски Патријарх, не можам да дозволам да се променува православната еклисиологија поради ниски мотиви. Немам право да направам ниту чекор назад. Во ништо не помага учтивоста тогаш кога е во прашање теологијата, редот и свештеното предание на нашата Црква. ‘Поостро од секој нож’ е словото на Вистината. Што сведочи историјата, изворите, документите, фактите. Таа бива расипана од парите, заплашувањата, пропагандата и од сништа на летната ноќ. Е не може така! Да застанеме добро!“.

Што им одговарате на оние што Ве обвинуваат дека се однесувате како Папа на Истокот и на Православието?

„Уште едно неосновано обвинување. Папизам е да си ги земам на рамо одговорностите на мојата служба? Сега првпат слушнаа за овие одговорности? Немаат читано црковна историја? Велат дека црковно улогата на Константинопол завршила со Падот на градот (1453). Не постои поголема неточност од ова! Сите денешни автокефалии се дадени после Падот. Кога Вселенската Патријаршија даваше автокефалија на една или на друга црква, зошто тогаш не ја осудуваа за „папски тенденции“? Еднаш веќе треба да престанат лагите и пропагандата пред вистината на Црквата! Во Православието не постои ниту Папа, ниту папизам. Сите кои го прилепуваат ова обвинение сакаат да го шират лажното мислење дека Вселенската Патријаршија наводно го заобиколува канонското предание на Православието, кое самите тие не само што не го почитуваат и не го признаваат, но го игнорираат, ги толкуваат свештените канони по желба – особено оние што ги доделуваат одговорностите на Вселенскиот трон, воведуваат нова еклисиологија и ја претвораат Божествената Евхаристија во инструмент.

„Значи, да зборуваме отворено. Во стварност, проблемот не е украинската автокефалија, ниту наводните непостоечки или невалидни хиротонии во украинската јерархија, на кои некои се повикуваат тенденциозно. Целта е да му се одземат овие уникатни одговорности на Константинополскиот трон, и да преминат во други раце. Така, разбирате дека од мојата положба јас не можам, од една страна, да ги отфрлам моите одговорности, кои ги имам наследено, преку актите на Црквата, од моите претходници и, од друга страна, бидејќи и тоа е моја одговорност, да го дозволам ова духовно свлечиште на оние кои флертуваат со федерализацијата на Православната Црква, според протестантски терк. Кој, значи, се однесува како ‘папа на Православието’? Оној кој останува верен на православната традиција, или оној кој си полага право на позиција која никогаш ја немал, ниту некогаш ќе ја добие?“.

Во 2021 година се навршуваат триесет години од Вашиот избор на Вселенскиот трон. Во овој период Црквата и Вселенската Патријаршија беа доведени во искушение многупати. Кои настани од Вашето патријархување ги сметате за најзначајни?

„Од мигот кога стапив во свештениот клир, во 1961 година, до денес, содржина и цел на мојот живот беше служењето на Црквата. Јас сум убеден дека сѐ што направив не беше мое дело, но дар од Божјата благодат. Ја пронижувам триесеттата година од моето скромно патријархување. Во овие триесет години се случија многу настани: подготовката за Светиот и велик собор на Православната Црква, кој се одржа во Крит во 2016 година; возобновувањето на нашите митрополии во Мала Азија и Источна Тракија, но и создавањето на нови во различни области во светот, поради мисионерските активности и преселбите на население; нашите редовни поклоненија во Кападокија, Богородица Сумела и сите останати свети места на нашите отци; оживувањето на образованието на нашите сонародници во Имврос и поддршката за Ромеите во Константинопол, како и безбројните иницијативи на нашата Патријаршија во целиот свет, како за заштита на природната околина, за меѓухристијанскиот и меѓурелигиозниот дијалог и др. Се надевам дека Бог ќе нѐ удостои да го доживееме и возобновувањето на Богословското училиште во Халки, кое останува неправедно затворено уште од 1971 година“.

Патријаршијата ја посвети 2020 година на младите. Годината беше одбележана од изолација, дигитален пристап и страв. Која е Вашата порака до младите кои живеат во спектарот на економската криза и во животната несигурност за иднината?

„Сочувствувам со агонијата на младите. Бездруго, и јас бев некогаш млад, со многу малку пари во џебот, но со многу сништа во срцето. Почетокот на патот на секој човек најчесто е тежок. Потребна е доверба во нашите сили и постојани обиди за подобрување. Денес несигурноста на младите се зголемува поради пандемијата и економските импликации што таа ќе ги има. Деца мои, не се плашете, немојте никогаш да се уплашите за вашиот живот, колку и потешкотии да се појават. Имајте вера, стекнете залихи и образование, бидете одлучни, имајте трпение и секогаш бидете солидарни помеѓу себе, но и кон оние што се наоѓаат во полоша состојба од вас. Солидарноста е противотров за секоја лична и социјална криза“.

Желби за новата година

„По случај на ова интервју, на издавачите и читателите на весникот „То Вима“ и на сите празнично им посакувам 2021 година да биде мирна, радосна, творечка, година на ослободување од убиствената пандемија и полна со благослови и дарови од Бога на љубовта. Да останеме обединети и солидарни за да ги надминеме последиците од досега невидената здравствена криза. Нека Христос ни дава сила. Таква сила каква што само воплотениот Бог може да му подари на човекот во искушение и на целата твар. Од Великата Црква и од вечносветлиот Фанар многу години и благословени!“.