Текст на Георгиј Василиу, директор за односи со јавноста на Светиот синод на Црквата на Грција
„Кога камбаните бијат жално, светот умира… Но, кога два различни народа стануваат едно и нивните граѓани сфаќаат дека се созданија на единиот Бог, без боја и граници, тогаш светот никогаш не умира…“
По повод овие мои мисли, но и поттикот што го добив од почитуваниот црковен вебсајт „Вима ортодоксијас“, кој последниве денови објави два текста со наслов „Македонија сега: жално бијат камбаните“ и „Митрополитот на приредбите во спомен на Холокаустот на грчките Евреи“, ми се роди егзистенционалното прашање: „Може Црквата во нашите денови да претставува лост за искористување на динамичноста на историјата?“.
Одговорот што си го дадов, после лично измачување на кое самиот се подложив, беше едно НЕ, а тоа бидејќи Црквата ги бие камбаните жално таму каде што владее смртта, а не онаму каде што се достигнува, барем и преку несогласувања, мирот. Жално биеја камбаните тогаш кога грчкиот народ беше поробен од османлиите и од германскиот окупатор, а радосно биеја тогаш кога грчкиот народ се ослободи од освојувачите.
Затоа, сакам да верувам дека Преспанскиот договор е едно ново прашање за нас. Но, сите кои денес лесно се заробуваме во еден болен патриотизам, не правиме ништо друго, освен што стануваме воспевачи на војната и на жалните камбани. Не се бориме за владеењето на мирот, туку дотураме вода во воденицата на секоја новопојавена наобразба, чија цел е растурањето и расчленувањето на општеството.
„Просторот на Црквата е простор во кој светлината ја укинува темнината. Тоа е простор во кој еден до друг се допираме, подарувајќи љубов…“.
Сето ова настојување на прекумерно болниот патриотизам од страна на лажните патриоти од секаков вид, не води никаде, туку само кон повторување на грешките од минатото, кои цели народи одведоа кон холокаусти. За да се избегнат такви работи, долг на сите нас е, во овој мрачен час, пред да изгрее зората, нашата борба да биде за да завладее мирот, за мирно сопостоење со „странецот“, за да не доживее повторно светот нови холокаусти на народите. Наш долг е да ги отфрлиме од нашиот живот идеологиите на омразата и на разделителните линии, тоа дека „странецот“ е нашиот пекол, но прифаќајќи ја пораката на животот дека другиот е нашиот рај.
Ова точно го изразува насловот на втората објава на интернет страницата, со православниот митрополит како стои покрај рабинот и заедно ги осудуваат виновниците за Холокаустот. Без едниот или другиот да ги разглобуваат нивните религиозни или идеолошки особености, застана еден покрај друг, проколнувајќи ја смртта, осудувајќи ја темнината за да завладее светлината и мирниот соживот со сите карактеристики.
Зарем просторот на Црквата, каде светлината ја укинува темнината, не е токму ова? Зарем не е тоа просторот во кој еден се допира до друг, подарувајќи љубов, која се воплотува и се совршува во општата Чаша на животот?
Заради овие причини, ќе треба сите да сфатиме дека нашиот свет ќе стане подобар кога сите заедно ќе се бориме и ќе успееме да ја укинеме темнината и на светот да му ја дадеме Светлината на животот.
„Нашиот свет има потреба од еден Диоген, кој во темнината на светот ќе го најде изгубениот човек на историјата…“.
Ова ќе се оствари на дело тогаш кога сите ќе го преобразиме „треба“ во „го остварувам“ во својот живот воплотувањето на Миротворецот – во годините од жолчноста на воспевачите на омразата и помрачувањето на Образот Божји, кој е човекот. Надминувајќи го паднатиот човек, треба да застанеме против сите оние новодогматизми на поттикнувачите што со болна идеологија ги движат жалните камбани, да ја испратиме, како противотров, пораката за преображението на светот.
Треба да го воспитаме светот и народите, за да се слушнат радосните камбани на мирот. Тие луѓе нека бидат оние што ќе ги преобразат гробиштата на болните идеологии во усипалници на мирот и мирната перспектива и есхатолошкото воскресение на новите генерации. Тоа му треба денес на светот, тоа му треба на човештвото. Има потреба од еден Диоген, што во темнината на светот ќе го најде изгубениот човек на историјата, кој ќе ја бие радосната камбана на радоста, благоденствието и соживотот на народите.