Благодатниот оган – чудо на Христовиот Гроб – X дел

(Десети дел)

 

Персискиот доктор ал- Масихи (990 година)

Ал-Масихи бил еден од најзначајните персиски доктори на X век. Тој напишал бројни медицински трудови, од кои најпозната е неговата медицинска енциклопедија насловена како “Сто поглавја за медицината”. Тој, исто така бил и учител на еден голем филозоф и доктор, Авицена.

Биографијата на ал – Масихи била запишана од персискиот историчар и теолог, ал –Баихаки во неговиот труд, „Чување на бродот на мудроста“ , кој што ги содржи биографиите на најважните научници и мудреци на X век. Во овој труд ал – Баихаки го запазил личното сведоштво на ал – Масихи во врска со благодатниот оган. Персискиот доктор опишувајќи го чудото за Благодатниот оган во прва рака го посочува следното: „Приказната за овој оган е тоа што, во ноќта кога Отецот го подигнува Христос во небесните висини ноќта на 15-ти од месецот нисан, во таа ноќ, секоја година, слегува од небесата Благодатниот Оган така што луѓето го гледаат со свои очи и овој Оган ги пали кандилата во Црквата на Христовото Воскресение, каде што нема ни прозорец ни било каков отвор на самиот покрив на градбата. Но, Благодатниот оган слегува низ покривот, без да ги уништи гредите и тогаш ги пали кандилата“ .

Ал – Масихи пишува дека Благодатниот Оган блеснал за прв пат во ноќта кога Христос Воскреснал и од тогаш сè до денес се појавува секоја година на истиот ден. Персискиот доктор сакал да ги информира неговите сонародници за чудото на Благодатниот Оган и преку тоа за вистината за Воскресението на Богочовекот. Всушност самиот ал – Масихи избрал да ја следи оваа вистина и да стане христијанин – одлука што ја платил со живот.

Околу 1012 година турскиот султан Махмуд одбил да го прифати изборот на ал – Масихи поради тоа што станал христијанин и наредил да биде затворен со двата најважни исламски научници од тој период, Ал – Бируну и Авицена, кои веќе биле обвинети за ерес.

Ал – Масихи, додека патувал до затворот успеал да избега со Авицена, но ги фатило ужасно пустинско невреме, и тој издивнал во рацете на својот сакан ученик.

 

Ришар Благословениот

 

Францускиот монах и летописец Ришар Благословениот (970-1046) во октомври 1026 година бил поставен на чело на група од околу 700 поклоници кои требало да патуваат за Ерусалим. Групата се состоела од претежно обични граѓани, но и од бискупи, свештеници, барони и аристократи. По едно долго, седум месечно патување, големата група пристигнала во Ерусалим на Цветници 1027 година. По шест дена, на Велика Сабота, Ришар лично присуствувал на службата на слегувањето на Благодатниот оган. Сведоштвото на Ришар е особено важно, затоа што ја опишува оваа служба, точно 18 години по рушењето на храмот.

По убиството на ал-Хаким, во 1021 година, на Кувуклијата на Гробот биле направени некакви провизорни поправки, но храмот на Воскресението и натаму бил разорен. Во 1030 година е била добиена дозвола за повторна изградба на храмот, за што византискиот цар Роман III Аргир морал да ги ослободи сите муслимански заробеници, но изградбата започнала дури во 1038 година и траела цели 11 години. Овај потфат го довршил царот Константин Мономах во 1048 година. Значи во таа 1027 година Ришар, всушност, присуствувал на служба под ведро небо, околу Христовиот Гроб, меѓу урнатините на храмот!

Во овој разорен храм, како што наведува Ришар, муслиманите фрлале камења на христијанските поклоници:

„Кој беше значи тој настан? Паганите разместени околу уратините на храмот, целата таа седмица пред Воскресение, фрлаа камења на луѓето што служеа таму. Еден камен така фрлен, падна внатре во Гробот врз свештеник и овој Божји човек го прими на себе како голем дар“.

Од ова се гледа дека службата за слегување на Благодатниот оган се одвивала во услови на страшен терор. На верниците им се заканувала и смрт доколку Светиот оган не се појавел. Ришаровото сведоштво било сочувано во хрониката на французинот Иго, познат теолог и опат во манастирот Флавињи. Еве како продолжува расказот на Ришар:

„И зошто премногу да се зборува? Пристигна денот Велика Сабота кога се чекаше Огнот од Господа. Додека христијаните беа затворени внатре, чекајќи ја благоугодната Божја волја за примање на Огнот, вооружените идолопоклоници внимателно го надгледуваа целиот храм, за во случај Огнот да не дојде, да ги посечат сите со меч. И ете, околу деветтиот час, додека сите се молеа, во едно кандило, без никаква човечка помош, се запали Оган од Господа. И сите идолопоклоници ги обзеде восхит и страв, а христијаните радост и ликување, така што сите во храмот едногласно пееја: Велик е Господ наш и голема е славата Негова и мудроста Негова нема крај“.

Нарацијата на Блажениот Ричард на Светиот Оган како што е запишано на пергамент од Хју во неговата хроника, датира од 1102 година. MS Philips 1870, fol 87r (Берлин, Staatsbibliothek).

 

Восхитува фактот дека и покрај тоа што храмот бил разорен, чудото со Благодатниот оган и понатаму се случувало, а христијаните и натаму присуствувале на службата, дури и под закана од смрт доколку чудото не се исполни.

Притоа ова не е единственото сведоштво, бидејќи во истиот тој период и францускиот бискуп Улрих го посетил Ерусалим и бил очевидец на службата на слегувањето.

 

Бискуп Улрих (1025-1028.г.)

 

Орлеанскиот бискуп Улрих веројатно го посетил Ерусалим во периодот помеѓу 1025 и 1028 година. Тој бил очевидец на службата за Благодатниот оган и за ова му раскажал на својот соработник, монах и летописец, Рудолф Глабер (985-1047). Глабер го запишал неговото сведоштво во своето дело „Историја во пет книги од 900 до 1044 г.“. Најстариот сочуван ракопис е веројатно дело на самиот Глабер бидејќи го содржи неговиот потпис:

„Во исто време орлеанскиот бискуп Улрих беше на ова патување и ни раскажа за едно чудо кое не треба да се изостави. На ден Велика Сабота, кога целиот народ беше собран, очекувајќи го Светиот Оган што требаше со сила Божја чудесно да се запали, и самиот бискуп беше меѓу нив. Веќе паѓаше ноќ, кога, ненадејно, токму во мигот на појавата на Огнот, еден Сарацен, многу дрзок лакрдијаш, извика како христијанин: Свети Господи помилуј. А потоа смеејќи и подбивајќи се, му ја грабна свеќата на еден христијанин и побегна. Меѓутоа, додека трчаше го обзеде демон и многу го измачи. Христијанинот што го следеше си ја зеде назад својата свеќа, а тој подбивачот, веднаш умре во страшни маки на рацете од другите Сарацени. Овој настан нив силно ги преплаши. Токму во тој миг, како и обично, со силата Божја се појави пламен во едно од седумте кандила што таму висеа и набрзо ги запали и преостанатите. Бискупот од  Јордан, кој таму претстоеше во име на Патријархот, за еден златен дукат го откупи тоа кандило и маслото во него и го однесе во својата митрополија, каде од него се исцелија многу болни“.

Слегувањето на Огнот во мракот и под ведро небо, како и последователното палење на седумте кандила, несомнено ги фасцинирале сите присутни. Чудото значи, продолжило да се случува потполно на ист начин и после уништувањето на храмот и Христовиот Гроб. Но ова разорно дело на калифот предизвикал силен негативен одек во христијанскиот свет и како што се претпоставува, е една од причините за почетокот на крстоносните војни.

(Продолжува…)

 
Превод од англиски јазик, сестринството од Рајчица