Да си спомнеме и за Бога на Божик

Митрополит Николај Месогејски

Раѓањето Христово за повеќето од нас е, всушност, ден кога ние, не само што не се сеќаваме, ами уште повеќе забораваме на Бога. Ние празнуваме едно паганско и комерцијално Рождество: улици исполнети со разнобојни светилки, нереална светлина на божикните венци, вештачки елки, јадење и пиење, божикни колачи, разменување на подароци, користење на денови за одмор, очекување на тринаесетта плата……и Божик завршува. Со преполн стомак и опустошено срце. Христос го нема никаде. Сето тоа всушност нема никаква врска со суштината на празникот и носи само разочарување: празникот станал фикција, се претворил во обичен комерцијален ритуал, во еден безбожен и опустошен свет.

Измамата на комерцијалниот Божик, тоа е првата измама. Но, има и втора и таа е уште полукава и посуптилна. Тоа е измамата на „социјалниот“ Божик: да го поимаме тој ден како „празник на домашна хармонија, семеен празник“. Така ни сугерираат слатките холивудски божикни филмови, блуткавите песнички од телевизијата и радиото.

Да, Божик е поврзан со семејните вредности, но тоа не е триумф на ситното самозадоволство на малиот човек во својот дом, не е празник на домашната благосостојба. Семејството на Христијанинот – тоа не се само неговата сопруга и децата. Тоа е големото семејство на човечкиот род, за коешто умре Спасителот на крстот. Нашите блиски – ближни – се сите луѓе на целиот свет.

Тогаш, што е Божик? Како да го пречекаме достојно, човечки, христијански, а не примитивно-пагански и домаќински? Каква е смислата и суштината на тој ден?

Треба се ослободиме од претставата за Божик како за нешто поврзано со материјални богатства, подароци, украси, па дури и патувања и одмори по хотели и одморалишта. Со тоа денес го поврзуваат паганите. Тоа е паганска претстава за празникот, пагански начин на негово празнување. Но, за нас, христијаните, нека биде тоа ден на духот, а не празник на телото. Трпезата нека не ни биде пренатрупана со непотребни работи. Едноставноста и умереноста се добродетели на Христијанинот. Небаре Спасителот на светот се родил за ние да имаме повод за стомакоугодие! Наместо кон телесни гозби, да стремиме кон ангелската храна, кон слатката гозба на верата, на правдата, на христијанската радост. Наместо ние наситените да разменуваме подароци со други наситени, да се откажеме од нешто во полза на ближниот кој страда. Да ги посетиме болните, да ги засолниле бездомните, да ги нахраниме гладните. Тоа ќе е нашиот божиќен подарок за Господ. Наместо да ги китиме ѕидовите на домот, душата да ја украсиме.

Помислете само, колкава беда е тоа, куќата да ни е полна со ѕвончиња, елкички и цвеќиња, а срцето да ни тоне во мрак и нечистотија. Наместо далечни патувања, да направиме само едно – она на трите мудреци: Да отидеме во Витлеем и да видиме што станало таму, за кое ни соопшти Господ (Лука 2,15).

Што е за нас Рождеството? Настан што се случил некогаш во едно палестинско село? Или нешто, кое го засега лично секого од нас? За што ни благовести тој ден? За божиќните промоции и распродажби? Или за тоа како Спасението на светот се раѓа во скромност и смирение? За тоа како Бог ја разоткрива бескрајната љубов кон човештвото и се облекува смирено во нашата беда?

Времето пред Божик е благословено време. Да се подготвиме достојно за него, за да го пречекаме така, како што им доликува на Христијаните: да патуваме низ целото тоа време со духот кон Витлеем, за да пристигнеме навреме за раѓањето на Господа и да се зарадуваме – не според духот на овој свет, не заедно со овој свет, туку заедно со евангелските пастири и со ангелите.

Нека ви даде Бог сите да Го видите Христос – не само во Витлеемските јасли, туку пред сѐ, во јаслите на вашите души. Амин!