6667

Обновен гробот на игуменот – ктитор Теодосиј Пречистански

Со благослов на нашиот надлежен архипастир, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, неодамна беше обновен прекрасниот мермерен саркофаг на игуменот – обновител на Светата Благовештенска Обител – Пречиста, хаџи-Теодосиј, што се наоѓа прилепен до храмот, од јужната страна, во тремот.

Великиот наш духовник и преродбеник Теодосиј Пречистански, кој се одликувал со исклучителна посветеност кон Божјото и народното дело, бил роден во 1810 година во Скопје. Неговите родители биле преселени од кичевското село Орланци. Уште од млади години Теодосиј бил испратен во манастирот Пречиста, при чичко му Макариј, тогашен игумен на манастирот. Напојуван од благодатните струи на Пречистата Владичица, Теодосиј многу рано го возљубил рамноангелскиот живот и бил потстрижен за монах. Во 1838 година, по враќањето од поклонението на Божјиот Гроб во Ерусалим, бил избран за игумен. Меѓутоа, во 1843 година Арнаути – разбојници од Дебар до темели го опустошиле и изгореле манастирот. За овој настан постои и запис во една парусија на Манастирот, во која се вели: „Дојдоа сарацените и сотворија големо озлобление кон луѓето што ги најдоа овде, а после и манастирот го запалија, и изгоре до крај, во летото од Христа 1843-то“. Од пожарот се спасила само малата, скромна црква. Веднаш после ова големо искушение, игуменот хаџи Теодосиј со големо смирение пристапил кон изградбата на нови конаци. Кога тие биле готови, браќата, што дотогаш привремено живееле под сеници, се прибрале во новите зданија и со топли молитви Му благодареле на Бога што им дал таков свет и великодушен игумен. Со својата ревност и посветеност кон Светињата, хаџи Теодосиј брзо ја стекнал љубовта на околното население и станал највозљубен Старец и духовник во околината. Но, неговата саможртва за Бога и ближните не престанала тука: набрзо тој намислил да подигне велелепен и огромен храм. Таа грандиозна негова мечта нашла поткрепа и со радост била прифатена од преданото му население. Така, во 1848 година, благодарение на Божјата милост, големата народна помош и апостолската непоколебливост на отец Теодосиј, била довршена градбата на денешниот воодушевувачки храм, прв во Македонија со таква големина и убавина. На 25 мај 1873 година, после страдалничкиот игуменски живот, исполнет со голготски искушенија, гоненија и заточенија,  преподобниот Теодосиј се преселил во вечниот спокој на Царството Христово. На погребот му присуствувало целото кичевско духовенство, како и многуброен народ, што само ја покажува љубовта која населението ја имало кон него.

Во септември истата, 1873 година, Теодосиевиот наследник во игуменството, а воедно и негов сродник, знаменитиот македонски духовник и голем борец за Божјото и народното дело, Козма Пречистански – подоцна егзархиски дебарски митрополит, му направил на својот Старец и претходник еден прекрасен мермерен гроб, со необично убав и трогателен епитаф. Всушност, овој надгробен натпис претставува стихотворба напишана на архаично македонско народно наречје, со елементи на црковнословенски јазик, и се одликува со особена семантичка длабочина, како и висока лирска убавина и префинетост. Сето тоа го прави епитафот една уникатна и мошне значајна литературна творба. Содржината ги опфаќа главните биографски податоци, заслугите и духовното благородство на игуменот Теодосиј. Исто така, во епитафот е изразена и големата тага на манастирските браќа и на неговиот внук Козма, кому, поради заминувањето од овој свет, му „остави скорби, жалост за времена долга“.

Од непознати причини, дел од гробните плочи некогаш биле отстранети од гробот и несоодветно разместени во подоцна доградениот параклис на Свети Николај Чудотворец. Мермерните плочи, пак, со епитафот биле поставени како чесна трпеза во олтарот на. Пред скоро време, кога започна обновувањето на параклисот и неговото оспособување за богослужение и во зимскиот период, плочите од гробот, вклучително и тие со епитафот, беа пронајдени и внимателно извадени. Сега, тие се собрани и професионално очистени и реставрирани од академскиот скулптор Боро Србиноски од Македонски Брод. По желба на сестринство, гробот повторно е соодветно составен и подигнат на првобитното ниво, така што сосема го врати својот достоинствен изглед. Би било добро да се спомене дека подоцна, во истиот гроб, бил погребан и значајниот дебарски Митрополит Козма – сотворителот на епитафот, како и познатиот собирач на македонски народни умотворби и истакнат деец на македонското ослободително движење – јероѓаконот Јосиф Пречистански.

Во продолжение го наведуваме целиот текст од епитафот, во првообразна форма и во современа македонска транскрипција:

Чіа кости покриваеши, о каменю хладный,

от маловременій живот землю преданіи?

Мужа почтена ѿ славіанска рода и племена,

ѿ родителя православна у град Скопіе рождена.

От время детинства свое отечество оставилъ,

у монашески чин благоговѣйно приступил.

По благонаравіу за надзірател ся избралъ,

тридесят и три лета в монастір сей слугувал.

Церков и вся околна зданіа сей созыдалъ

и прочая имотъ благолѣпно умножавалъ.

Стигна у прилична и удовлетворна старост,

даде народу примѣръ и неісказана радостъ.

Ревниф за благоугодна дела нашиот старец,

основа училиште народу безцѣнет вѣнец.

Хілядо осум стотина и десет от Христа лета,

покоиніот Теодосиа роден бы у света.

Хілядо осум стотин седумдесет и три лета,

до двадесет и пети маіа живува на света.

Подиже се споменик егумену ѿ народа,

за знак свое слугуванѣ и от почтена рода.

От братіа монастирска и ѿ братанца свога,

кому остави скорби, жалост за времена долга.

Свершіся памят его в лѣто сіе, септембер пети,

сви братіа речите вѣчна ему памят бити.

Современа македонска транскрипција:

Чиа кости покриваеши, о камењу хладниј,

от маловремениј живот земљу преданиј?

Мужа почтена от славјанска рода и племена,

от родитеља православна у град Скопје рождена.

От времја детинства свое отечество оставил,

у монашески чин благоговејно приступил.

По благонаравиу за надзирател сја избрал,

тридесјат и три лета в монастир сеј слугувал.

Церков и всја околна зданиа сеј созидал

и прочаја имоти благолепно умножавал.

Стигна у прилична и удовлетворна старост,

даде народу пример и неисказана радост.

Ревниф за благоугодна дела нашиот старец,

основа училиште народу безценет венец.

Хилјадо осум стотина и десет от Христа лета,

покојниот Теодосиа роден би у света.

Хилјадо осум стотин седумдесет и три лета,

до двадесет и пети маја живува на света.

Подиже се споменик егумену от народа,

за знак свое слугуване и от почтена рода.

От братиа монастирска и от братанца свога,

кому остави скорби, жалост за времена долга.

Свершисја памјат его в лето сие, септембер пети,

сви братиа речите вечна ему памјат бити.

 

Известува: Сестринството на Свештената Пречистанска Обител „Благовештение на Пресвета Богородица“