Да бидеме нова твар во Воскреснатиот Христос

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, за Воскресението Христово, изговорено на пасхалното бдение, на 16 април 2023 лето Спасителово


Мили мои, поклоници на Воскреснатиот,

Да се празнува Света Пасха, премин, Воскресение, значи да се учествува во „новата твар“ што со Своето сеславно Воскресение ја сотвори Спасителот на светот, нашиот Господ Исус Христос. Оти, Он дојде во светот, за одново да го пресоздаде светот, да го преобрази завладеаниот од смрт Адам и паднатото во грев човештво. „Исус од Назарет, Човекот посведочен од Бога со сили, чудеса и знаци, Кого смртта немаше сила да Го задржи“ (сп. Дела 2,22-24), стана за нас новиот Адам. Така, нашиот призив е да станеме и ние причесници и сотворци на новата твар во Воскресението, на новиот свет што Христос го покажа.

Некој можеби ќе ни противречи: „Ама, каков е тој нов свет, кога насекаде околу нас го гледаме токму спротивно од она за кое Исус говореше. Гледаме зло, војни, закоравени и закрвени уверувања, меѓусебно спротивни философии и фанатизам, страдања и смрт“. Меѓутоа, доколку добро се вгледаме во човечката историја, во личните животи на оние кои го избрале крстовоскресниот пат, во житијата на светиите, во срцата на охристовените личности, ќе забележиме и ќе констатираме дека Воскреснатиот навистина создаде еден нов свет, нова стварност чиешто градиво е благодатта, милоста и љубовта Божја. И токму во спротивставеноста со паднатиот свет „кој лежи во зло“ (1. Јован. 5,19), ние ја воочуваме реалноста на новата твар, на богосотворениот свет. Гледаме, имено, луѓе кои иако опкружени од злото, избрале да бидат последователи на доброто; луѓе, кои, иако притеснети од тагата и меланхолијата на овој свет, славно се радуваат и ликуваат во светот на благодатта. Гледаме личности кои среде темнината на злото во овој век, блескаат со надумна светлина и убавина.

Господ Христос, меѓу другото, го пресоздаде светот и во цивилизациска смисла на зборот. Сите забележуваме дека во нашево време, кога станува збор за семејството, општеството тргнало во еден многу чуден правец. Слушаме за истополови бракови, за родови идентитети, за трансџендери итн. Никого не осудуваме, нити ограничуваме нечие право на избор, но добро е во оваа туѓа за човечката радост тенденција, да се потсетиме дека еднаквоста и слободата на човекот се содржат само во Христа. Впрочем, каде би бил човекот слободен, ако не во Оној Кој го сотворил таков, со слобода на волјата и на изборот? Една од придобивките на новиот свет во Христа е, меѓу другото, и бракот, кој стана и цивилизациско добро. Бракот, всушност, не е човечка, тука Божја институција, втемелена во меѓусебна љубов, себезаборавачка и пожртвувана за другиот. Затоа човек ќе го остави татка си и мајка си, ќе се прилепи до жената своја и обата ќе бидат во едно тело; и така, тие веќе не се двајца, туку едно тело. (Марко 10,7-8). Ете ја вистинската дефиниција за бракот, ете ја основата на нашата христијанска цивилизација – токму таму, во топлото катче кое се нарекува семејство. Вистинскиот христијански брак произведува здрави семејства, а здравите семејства – здрави и слободни личности. Ние денес постојано сме сведоци на разноразни барања и декларации за слобода. Но треба да се знае дека доколку слободата не е втемелена во откровението Божјо, во предназначението да се биде човек во полна смисла на зборот, во човекот според образот и подобието Божјо, и ако таа слобода не знае каде ѝ е смислата и каде границата, тогаш таа не е ништо друго освен едно најгорко ропство, една тажна автодеструкција.

Несомнен факт е дека токму Спасителот Христос покажа дека жените се слободни, рамноправни и богообразни личности, не само според човечките гледишта и критериуми, туку според Божјото предназначение. Впрочем, познато е дека во ниедна друга цивилизација, религија и општествен систем пред Христа, жената не била толку рамноправна и издигната на толку возвишено рамниште како во христијанската цивилизација. Практично, бракот каков што го знаеме денес, помеѓу еден маж и една жена, како рамночесни личности во едно свето заедништво, во една свештена едница, го немало никаде. Најчеста појава била полигамијата. Во најдобар случај, жените биле сметани само како инструмент за репродукција, во сопственост на мажот. Така било дури и кај напреднатите цивилизации, кај Египќаните, Хелените, Римјаните итн. Па дури и кај Евреите, кои биле единствени просветлени во однос на едниот вистински Бог. Гледаме, значи, каква социјална револуција донесе Христос! И не е случајно тоа што по Своето Воскресение Он им се јави на неколку жени, најнапред на Својата Мајка, а потоа и на мироносиците. Со тоа Он го нагласи достоинството и улогата на жената во новиот свет – тоа дека таа ќе биде мајка и возвестителка на убавите и добри нешта. Свештена улога што, несомнено, ни е најпотребна за да имаме здраво општество.

Господ Христос го обелодени Божјото откровение не само во однос на семејството, туку и за најважното: обожението на човекот. Тоа е, всушност, нашето предназначение, главната цел, смислата на нашето суштествување. Соединувањето со Бога, преку Неговите нетварни енергии. Оти, Бог стана човек, за ние да станеме богови по благодат. Пророкот и цар Давид со душевен восторг воскликнува: Јас реков: „Богови сте и сите сте синови на Севишниот“ (Пс. 81,6) А за да станеме нова твар не треба, мили мои, да ги заборавиме двете најважни заповеди кои ги изрече Божествената уста на Спасителот: Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; и втората, слична на неа: возљуби го својот ближен како себеси! И веднаш додава: На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците (Матеј 22,37-40). И непосредно пред Своето распнување, во Евангелието по Свети Јован Богослов, каде што е опишано како Господ, одејќи на страдање, им зборува и ги поучува Своите свети апостоли, Он неколку пати им нагласува да се љубат едни со други. Вели: Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јован 13,34-35). И понатаму: Останете во Мојата љубов!Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас (15,9-12). И пак: Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг (15,17). И накрај, Го моли Својот Отец, за сите да бидат едно (17,21). Неколку пати ја истакнува љубовта како основно нешто за нас Христијаните. Еве, вечерва сите држиме свеќа в раце, запалена ламбада. Нашата вера е верата на светлината. Ние, значи, сме повикани да бидеме носители на светлината. Ако нашиот Спасител е светлина, тогаш и ние, мили мои, треба да бидеме светлина. А ќе станеме светлина само доколку се љубиме едни со други. Само според љубовта ќе бидеме препознаени како Христови. Според ништо друго.

Оваа ноќ, мили мои, сме собрани сите заедно токму заради таа љубов Христова. Овој Празник над празниците, ова торжество над торжествата, не е само една обична историска традиција. Овој Празник нè оживотворува, нè обновува. Преку Воскресението, рековме, Христос сака и може да нè направи нова твар. Може, доколку ние Му дозволиме. Да го направиме тоа, мили мои, да Му дозволиме да дојде во нашето срце и да нè направи тоа што Он сака, тоа заради кое се распна на крстот и воскресна. Светот во којшто живееме очекува од нас Христијаните да види светлина и љубов. Токму ние Христијаните носиме одговорност што светот е ваков. Оти, за жал, и ние кои сме во Црквата многупати не постапуваме добро и искривено учиме за нашата најчиста богооткриена вера на светлината.

Вечерва се собравме за да Го пресретнеме пред сонцето – вистинското Сонце на правдата. Пред да изгрее физичкото сонце на овој ден, ние Го славословиме нашето духовно Сонце. Пред себе ја имаме најсветлата ноќ, утрото на невечерната зора – Христос Бог, по Кого душите наши неискажливо копнеат. Природно ѝ е на душата да копнее по Христа, Кој е секогаш тука. И во најмрачните моменти од нашиот живот, доколку Го побараме, Он ќе притекне, нема да не остави никогаш. Воскресението Негово ни е живот и надеж. Христијанинот е секогаш оптимист. А доколку се случи да покаже песимизам, тогаш, верувајте, тој со сигурност ја подзагубил својата вера.

Мили мои, да не талкаме во овој свет, барајќи нешто друго, освен единственото ново под сонцето – Спасителот наш и Воскресението Негово. Ви посакувам да си заминете одовде преобразени во Неговата светлина. И од овој ден во вашите усти да нема осуда за другите, туку да го прегрнете светот во љубовта Негова. Зашто Христос  нè повикува токму на таква љубов – онаа која е сеопростувачка и себепредавачка, без разлика како другите околу нас се однесуваат. Ние сме тие, Христовите ученици кои сме испратени во овој свет. Како? Христос на Апостолите им рече: Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци (Матеј 10,16). Значи, не со оружје, не со насилие. Христијанинот со кротоста и со љубовта Го покажува и проповеда Христос воскреснатиот.

Да Му заблагодариме на Господа што оваа година нашата света Црква беше удостоена со честа за првпат директно од Ерусалим да го донесе Светиот Оган од Пресветиот Гроб Христов. Пресветиот Гроб е место коешто до денес сведочи дека таму се случи најголемиот настан во историјата, нешто што го преобрази светот и му даде можност за спасение. Ланската година по милоста Божја бев удостоен да богослужам во Сечесниот Храм на Воскресението во Светиот Град, каде што и се наоѓа празниот Гроб Христов, и бездруго можам да посведочам дека не постои друго место со таква преобразувачка енергија. И навистина, голема чест и благослов за сите нас е тоа што Бог нè удостои овој Велигден Благодатниот Оган да биде донесен непосредно од Светата Земја. За ова историско дело долично се погрижи Владата предводена од Премиерот г. Димитар Ковачевски, со особени заложби на министерката за одбрана, г-ца Славјанка Петровска, која како духовно чедо на нашиот манастир вечерва е заедно со нас. Нека биде доаѓањето на Светиот Оган за благослов на сите, та преобразени од Христовата светлина, да станеме подобри луѓе. Сите ние овде собрани вечерва не сме малку, за да постанеме квас и за другите околу нас да станат подобри луѓе.

Оваа вечер Христос нè повикува на радост. Уште еднаш ве повикувам: да Го примиме Спасителот наш во срцето и да Го чуваме внатре до крајот на животот, бидејќи Царството Небесно се освојува секој ден. Вечноста се здобива секојдневно. Победувајќи секој ден некој грев, некоја страст, победувајќи се себеси, ја победуваш смртта во себе. Таков благослов ни даде Христос: секојдневно да победуваме со Неговата благодат и да ја стекнуваме вечноста.

 Христос Воскресе!

Христос Воскресе!

Христос Воскресе!