Воскресение Христово – Света Пасха

Ден на сецело очистување и спасение блеска денес со силна небесна светлост. Радоста на ангелите и небесната песна ги обзема земнородните. Човекот се сроди со Бога во нераскинлива заедница на љубов и слава. Празник на човечкото воскресение и отворање на вратите на вечноста.
Нашата Бигорска Обител деновиве ни беше нашиот Ерусалим во кои се извршија најголемите настани за човечкото спасение, а круната на вечната победа – победата над смртта – беше вострубена од радоста на нашиот Старец и Игумен, Епископ г. Партениј, којашто се пренесе во секој присутен закопнеан по воскресение.
Со пасхален восхит и восклик Старецот беседеше за Воскресението како негов сведок, со зборови полни со благодат и сила.
Да се радуваме со славната радост на Воскресението, оти „старото помина и ете, сè стана ново“, сè се преобрази во радост, сè се исполни со светлина.


ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!!!