Таму каде се гледа Бог (втор дел)

Некои луѓе си поставуваат прашање, дали е неопходно да одам во храм, на Света Литургија, да учествувам во Таинствата, за да влезам во личносен однос со Бога, да ја стекнам таа љубовна врска за која говорам. Тие мислат дека е доволно да се помолат дома или да отидат во некој храм надвор од градот и таму да влезат во комуникација со Божјата љубов, наместо да станат рано наутро и да отидат на Литургија.

Вистина е, човек може да го одржува својот организам јадејќи само зеленчук, но ако до него има нешто покалорично и тој го изеде тоа, ќе внесе во себе повеќе полезни животни состојки. Несомнено, ќелијата и параклисот се нешто многу вредно, но искуството на Црквата кажува дека пред тоа треба да се стекне опит во комуникација со луѓето. Комуникацијата со луѓето има два аспекта. Едниот е општењето на љубовта, а другиот – општењето на верата.


(Фото: Стојан Стојановски, Студио „2Ѕ“)

Општењето на љубовта значи да чувствуваме дека другиот е мој брат, дека е Божјо дете, дека е дел од мене, дека заедно со него можам да ја споделам својата радост и својата тага.

А општењето на верата е да можеш да ја споделиш со другите верата во Бога. Одам на богослужби затоа што чувствувам потреба да бидеме сите заедно. Тоа заедничарење, чувството за еднодушност, за заедничка молитва, за заедничко трагање, нѐ чува од заблуди. Зашто јас можам да се вообразам дека имам врска со Бога, а да сум на погрешен пат, додека, пак, во Црквата одам по нејзиниот сигурен пат. И второ, заедничкото богослужение ја зголемува силата на комуникацијата со Бога.

Едно е да стојам пред Бога сам со тоа што го имам, а друго е вие да сте близу до мене и да се радувате на Божјата благодат врз вас и на вашата вера, од која јас, исто, имам потреба. И така, сите сме заедно – може да е бучно, но кога покажуваме љубов заради ближниот, кој, на пример, кашла, тоа е комуникација со него којашто помага и во општењето со Бога. Така нѐ учи искуството на Црквата. Следствено, живеењето на богослужението како заедничко стоење пред Бога со ближниот е сигурната храна од која имаме потреба.

Освен потребата да бидам заедно со Бога, има уште една причина да не седам дома, туку да отидам на служба во храмот. А таа е, за да можам да учествувам во Таинството што се извршува таму. Можам да се помолам и во домашниот параклис, и дома, но на Светата Литургија го призиваме Светиот Дух и лебот и виното се претвораат во Тело и Крв Христови. Таму, преку Таинството, присуствува Самиот Христос, живиот Бог. Не може Христос да се симнува, смирен и понизен, на Светиот Жртвеник во храмот, а јас да отсуствувам, седејќи дома. Може да отсуствувам, доколку сум болен, доколку имам некаков проблем, доколку објективните услови не го дозволуваат тоа – тогаш Црквата со нејзината молитва, со литургиската молитва, ме поставува заедно со присутните кога кажува: „Да се помолиме … за оние кои се оправдано отсутни“. Што значи ова? Тоа значи дека Црквата се моли и ги вклучува во богослужбата оние што поради оправдани причини не присуствуваат. Оттука, ние не одиме на богослужба затоа што треба, туку затоа што не издржуваме да не отидеме на богослужба кога ја има и се извршува до нас. Ние сме пастири не затоа што ги оставаме овците свои сами да пасат, туку затоа што, гледајќи Ангели, трчаме кон пештерата. Токму така се чувствува оној кој копнее за Бога и во Црквата го живее Неговото присуство.

Молитвата, исто така, не треба да претставува задолжение. Многумина мислат дека молитва е кога читаме некои текстови и добиваме чувство дека ако ги читаме сме се помолиле на Бога. Типикот на Црквата е нешто многу скапоцено, тој е садот во кој влегува сокровиштето, водата, живата вода. Но треба да знаеме дека едно е да кажувам молитви, а друго е да се молам. Едно е да јадам посна храна, а друго е да постам. Сите знаеме дека можеме да јадеме сосема посна храна, но душата да нема чувство на здравословно лишување и пост, поддржувајќи го покајанието, а истовремено и молитвата.

На истиот начин можеме да читаме акатисти, повечерија, молитви, а нашето срце да нема ништо заедничко со тоа, да не го чувствува. Можно е да не читам долги молитви и да доживеам една воздишка на покајание. Минатата недела слушнавме во Евангелието: Боже, биди милостив кон мене грешниот! Страшна молитва! Ќе го чуеме истото и во молитвата на блудниот син: Згрешив пред небото и пред тебе и не сум достоен да се наречам твој син. Прими ме како еден од твоите наемници. Ова покажува дека молитвата ја изразува потребата од врската на човекот со Бог, но таа сама по себе не е доволна, ако срцето дејствително не е скрушено и смирено, ако не чувствува искрена жед.


Ќе прашате, како се раѓа жедта? Во нашето време сме суви и како Црква каде што имаме свети преживеани искуства. Таа сувост би можела да се преобрази во жед и копнеж по Бога и тука е неопходна верата и одлучноста да поведеш борба, за да ја постигнеш целта. Ако сакаш облека од волна, ќе платиш 10 евра, ако е памучна ќе дадеш 15 евра, ако е од коприна ќе дадеш 50 евра – колку повеќе даваш, толку повеќе ти се дава. Бог е како извор, како река – одиш со чашка за коњак, тоа и ќе ти даде. Одиш со чаша за вино, тоа ќе ти даде; ако земеш чаша за вода, повеќе ќе ти даде. Ако, пак отидеш со буре? Треба да го подигнеш и да го однесеш… Бог сѐ ќе ни даде, но од нас зависи какво расположение ќе имаме да ја понесеме тежината на последиците од Неговата благодат. Тоа треба да е многу искрено и вистинско.

За жал, ние сме христијани кои вложуваат малку напор и борба. „Отец, не можам, човек сум, во нашето време живеам!“, и ние свештениците така кажуваме и така го пренесуваме тој дух и на другите. Колку е поголем копнежот, газејќи врз смирението, внатрешната скрушеност и покајанието, толку поголема благодат доаѓа. Бог се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат. Па така, нашата цел е смирението, кое ќе донесе чистота на животот, кое ќе ја отвори вратата на животот, за да дојде богатството на Божјата благодат.

Целта на богослужението, како што го опишавме, е да ни даде претстава за царството Божјо во нашиот свет, не замислена претстава, туку реална и искуствена слика, и преку неа да влеземе во комуникација со Бога, со личноста на Христос, со Кого се причестуваме. Тука доаѓа ред, да го искористам зборот – на различноста. Таа покажува дека зборуваме за нешто друго, кое е од другата страна на логичните, социјалните, психолошките и човечките работи и кое е духовно. Човекот да се освети внатрешно и да помине преку вратата на тоа благословено пространство на комуникација со Бога – тоа е целта на богослужението. Сѐ што ја менува таа различност, односно необичноста на Божјиот свет, е „страно“ и треба да се отфрли. Во тоа спаѓа световниот дух, кој сака да го претвори царството Божјо во свет на недостатоци, каков што е светот кој ние, а не Бог, го создадовме – напоен од нашиот егоизам, од нашата суета, од нашата маленкост. Ова се нарекува секуларизација.

Да ви дадам мал пример надвор од богослужението. Празникот Рождество Христово е голем празник, кој ја тресе, ја буди и ја омекнува душата, го воскреснува внатрешниот човек. Денес, овој празник се претворил во светски празник – со ламбички, елкички, колачиња, мисирки, подароци, торти, со полн стомак и ништо повеќе. Овие нешта навистина би можеле да ја поткрепат вистината, затоа што и убавото јадење е дел од преданието, празничната трпеза, исто така, е можност за општење и комуникација. Но, денес таа тенденција е толку сѐ погласна, што целосно ја сокрила суштината на празникот.

Истото важи и за богослужението. Зборувавме за бракот, за крштението, за Светата Литургија. Колку величествено, би рекол, дури и страшно е човек да ги живее така како што ги опишавме. И колку опасно е на крајот тие да се претворат во социјални настани, во обврски, во тоа најважното да биде сликата, светската облека, зборовите одам на венчавка кое го викаат таинство, а на крајот се покажува дека тоа е само ритуал. Така признаваме дека свадбите и крштевките се сведуваат на обреди. Но, не се. Тие се Таинство на Црквата.

Кога влегуваш во тоа специјално место, кое се нарекува храм и кое има своја специфичност, необична архитектура, сфаќаш дека ова пространство е различно од нашите куќи и продавници. Фреските имаат свое значење и пред тебе откриваат друг свет. Ако се движам кон Таинството со мисли и јазик кои го рушат него, тогаш ја губам врската што тоа ја дава. Тоа е секуларизација и затоа е опасна. Опасноста не е дека тоа може да се случи, туку дека веќе се случила. Светскиот дух веќе присуствува во Црквата.

Ние самите, бидејќи сме Христијани, треба да ја отфрлиме таа секуларизација на Таинствата. Колку суета и излишно покажување има при крштевките, а особено за време на свадбите. Дури лицата на луѓето се различни, не се препознаваат. Подобро е да склучат граѓански брак во општината на таков начин, отколку да го претвориме црковното Таинство на бракот во религиска церемонија. Многу вакви работи може да кажеме и за Светата Литургија.

Веќе кажав дека ако треба да напишам книга за боголужбите, насловот би бил „Таму каде се гледа Бог “. Всушност, Бог постои независно дали се гледа или не, дали ние го гледаме или не. На крајот од Литургијата свештеникот вели: „Со мир да излеземе!“. За тој мир се молам за време на целата Литургија: за вишен мир, за мир во целиот свет, за мирен крај на нашиот живот, за мир на сите. Всушност, тоа е небесниот мир кој станува внатрешен, ако ние сме способни да го примиме. Божјиот мир го примаме како одговор на молбите на нашите души и од храмот излегуваме со тој мир. Кога човек го живее Божјото присуство за време на богослужбите, тој влегува во општење со Него и си заминува од храмот во мир. Носејќи го тој мир во себе, тој гледа многу појасно и на својата болка, и на смртта, на своите проблеми, па дури и на гревот. Сѐ восприема на таков начин што насекаде, во сите околности може да го чувствува Божјото присуство и сила.

Се молам секојдневно да ја живееме Божјата благодат и слово и таа сила да стане опит на секој од нас!

✣✤✣


Извадок од книгата: Там, където Бог се вижда. Беседи и интервюта на Месогейски Митрополит Николай, София 2014.
Превод: Ана Масларова