Беседа на Митрополитот г. Тимотеј на Ѓурговден

Христос воскресе!

Драги браќа и сестри,

„Сè она што сакате да ви прават луѓето, правете им го вие; зашто тоа е Законот и Пророците” (Мат. 7, 12)

Ова се кратки и јасни евангелски зборови преку кои Христос ни ја објаснува суштината на сите останати евангелски поуки. Во нив е законот и пророците – вели Христос и заповедува во своите зборови љубов кон луѓето, љубов еден кон друг во сите нивни пројавувања. И секој што ќе го исполни ова евенгелско правило, тој постигнува висина во духовното совршенство, затоа што го исполнува најголемото барање на заповедта на христијанскиот живот – заповедта за љубовта.

Колку е едноставен и мудар зборот Христов! Во него Господ не бара никакви особени подвизи од наша страна. Тоа јасно ни го вели: „Тоа што сакате да постапуваат луѓето со вас, така и вие постапувајте со нив”. А за тоа како сме ние должни да постапуваме со луѓето и како сакаме со нас да постапуваат луѓето, секогаш ни зборува нашата совест, нашето срце и нашиот разум.

Силата на оваа христијанска заповед не се содржи во тоа што ние не сакаме и не го правиме тоа што го бараат луѓето, туку ние баарме и правиме тоа што го бараат, и правиме тоа што го посакуваат, тоа што и самите на себе си го посакуваме.

Ти сакаш никој да не се потсмева и подигрува со твоите слабости и недостатоци. Тоа ти е непријатно на тебе и тоа ти преставува тежина. Така и самиот ти, како што вели апостол Павле: „Воздржувај го својот јазик од злото” (1 Петр, 3, 10). Така ни вели Словото Божјо, искажано преку Господа Исуса Христа: „А оној што ќе го нарече брата си празноглав, виновен е пред Синедрионот; оној, пак, што ќе рече будала, виновен е за во пеколот” (Мат. 5, 22). Господ Исус Христос од нас бара да се воздржуваме од груби и лоши зборови.

Ти сакаш никој да не ги осудува твоите намери и твоите постапки. На тебе ти станува тешко да ги преживуваш осудувањата од страна на другите. Тогаш и самиот не осудувај никого. Ете колку тоа е практично, јасно и поучно.

О колкава голема сила се содржи во добродетелноста на неосудувањето, ако ние почесто се потсетуваме на големите зборови на Христа за тоа! А тие се: „Не судете и нема да бидете судени, и не осудувајте, за да не бидете осудени; проштевајте и ќе ви биде простено” (Лк. 6, 37). Господ ни возвраќа за сè, што ние самите го даваме на нашите ближни и наложува на нашето срце да им помагаме, и ќе ни помогне кога ние имаме потреба од било каква помош. Господ ни возвраќа со вечни дарови ако ние бидеме милостиви. Тој ни ветува дека ќе бидеме помилувани ако пројавуваме добродетел на милосрдието во нашиот земен живот. А вечното помилување – тоа е што го носи секој честит човек и тежнее секој вистински христијанин, и за тоа со огнена љубов моли и мисли за смртта и отчет по смртта за сите свои дела направени за време на земниот живот.

Ти сакаш луѓето да бидат учтиви и да ти помогнат со нивните совети и со нивните услуги. И самиот биди услужлив и оди во пресрет кон секој еден што има потреба од твојата подршка, со кого ти можеш и си должен да ги поделиш твоите духовни искуства.

Секој еден од нас очекува и посакува неговите деца да бидат послушни како во семејството би владеела љубов. Пред сè исполни ја и самиот заповедта што Господ ја заповедал и на тебе да ја исполнуваш: „Почитувај ги таткото свој и мајката своја…” (Исход 20, 12). Секој еден од нас има мајка и татко. Ако се тие живи, самиот биди кон нив со почит, укажувај им ја својата синовска благодарна љубов. Во колку тие не се меѓу живите, не оставај ја својата љубов кон нив во своите молитви. Тие имаат потреба од нив, тие очекуваат од тебе додека си жив на земјата да се молиш за себе и за нив. Тие очекуваат да се молиш за нив на нивните вечни почивалишта, да не се испуштаат задушниците кога треба да ги посетуваме нашите родители, во колку се преселени во вечниот живот, како и да ги спомнуваме во нашата домашна молитва.

Така ни вели Господ да постапуваме. Тој ни вели посакувај и прави му на другиот, тоа што самиот сакаш и на тебе другите да ти прават и да се однесуваат кон тебе.

Нека срцето од секој од нас биде извор само на доброто, светлото и чистото; така луѓето што нè опкружуваат или со кои се сретнуваме, на кои непосредно можеме да им покажеме и тоа добро да го видат и да препознаат во нас вистински следбеници на Христа. А тие кои што се упокоиле пред Господа да се утешат со нашите молитви упатени за нив. Молитвата никогаш не умира на оној што љуби кон тие што живееле на земјата, кои ние ги знаеме – сме ги љубеле и може да ни бидат од поголема услуга и од поголемо дело.

И денеска кога го прославуваме светиот великомаченик Георги Победоносец, кој својата вера, својата надеж и својата припадност кон Христа ја запечатил и со сопствената крв, пострадувајќи за светата црква, нè учи како да се угледаме на него и како тој сите овие прописи и закони што ги бара од нас светата православна црква ги исполнувал, живеел и посведочил со својот сопствен живот. Да се обратиме со искрена молитва кон него тој да биде наш молитвеник, за да ни ја закрепи и умножи љубовта кон Господа, но и кон нашите блиски и познати, за да можеме да го сведочиме Христа на секое место каде што се движиме и работиме. По молитвите на свети Георги, Господ нека ни ги услиши молитвите и ни подари сè што е спасоносно за нашите души и вечен живот.

Митрополит Тимотеј