Монашење во манастирот во Рајчица

Сестрата наша се облекува во облека на веселба и духовна радост, на одгонување и газење на сите таги и метежи кои наидуваат од ѓаволот, од телото и светот, и на постојано веселие и радување нејзино во Христа, во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, да речеме сите за неа, Господи помилуј!

Извадок од чинот на монашење

Каква радост е тоа кога една млада душа ке ги приклони колената свои пред Бога и ќе го прими на себе Неговиот благ јарем! Се радува таа затоа што се заветила на Најблагиот, Најпрекрасниот, Најмилостивиот, затоа што во Него, Единствениот го има залогот на своето спасение и вечна радост во царството на праведниците. Се радува и светот затоа што во таа кревка душа стекнал нов молитвеник и застапник пред Бога. Но најголема е радоста на небесата зашто се родил нов воин за борба против злото, некој што ќе биде светлинка во овој свет што се задушува во мрачните стеги на гревот, што на сите ќе им ја сведочи вистинската Светлина и Љубов и Вистина.

Затоа во светиот дом на Победоносецот, каде монашкото сестринство и братство заедно со големото мнозинство на верници, придојдени од сите страни, го прославуваа неговиот свет спомен, насекаде бликаше од радост. Светиот Великомаченик Георгиј, кој во цутот на својата младост со чудесна ревност, несфатлива за овој себичен свет, целиот себе си се предаде на Бога, поднесувајќи заради него страшно измачување па дури и смрт, со посебно ликување ги поздрави новите птички во раичкото монашко јато, ги посети со силна благодат, како завет дека ќе бдее над нив во секој миг од нивниот живот, ке им биде моќен застапник и ќе ги штити од секакви замки на лукавиот и зла. Но и сестрите, чувствувајќи ја неговата голема закрила и љубов, се потрудија најдостојно да го прослават неговиот празник. Со најнежна љубов тие подготвија раскошен престол украсен со прекрасни цвеќиња во хармоничен сплет на бои, кој со своите живи пламени нијанси просто зрачеше во храмот и беше достоен украс за светите мошти на славниот маченик.

И додека присутните во храмот, нахранети од силната благодат што се излеваше од благоуханите мошти на Победоносецот и од торжествените византиски напеви на распеаните псалти, ги упатуваа своите срдечни молитви за новозамонашените сестри Ана и Нина, овие растреперени души ги подигаа очите на своите срца кон Прекрасниот Жених, предавајќи му ги сите свои мисли, желби, воздишки и прозби за да им даде сили достојно да Му послужат во овој привремен живот за потоа со радост да се вселат во Неговата брачна одаја, каде не престанува веселието и каде Тој за нив приготвил неискажливи богатства и дарови.

Секако, не помала беше и радоста на митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки, г. Тимотеј, кој го изврши чинот на замонашувањето. Тој во својата проповед до присутните, со пригодни зборови се обрати и до новите монахињи, татковски советувајќи ги во својот монашки подвиг да го имаат како светол пример токму Светиот Великомаченик и Победоносец Георгиј. „Тој нека ви даде духовна и телесна сила за да можете достојно и чесно да ги носите и да ги оправдате заветите што ги зедовте, за да добиете награда од Благиот Христос и вечен живот во царството небесно. Исполнете ги зборовите Христови: Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата. Носете го монашкиот подвиг за прослава на нашата Светиклиментова и Светинаумова православна Црква, на радост на ангелите и пораз на нечестивиот.“

Беседа на Митрополитот Тимотеј на монашењето на сестрите Ана и Нина

Христос воскресе!

Драги браќа и сестри,

Денес го прославуваме празникот посветен на светиот великомаченик Ѓорѓи. Овој Божји угодник го посведочил својот живот како христијанин со маченичка крв и преку тоа се здобил со Царството небесно и со вечен спомен. Од неговиот живот ние како христијани можеме да се поучиме и да го прифатиме Божјиот домострој за спасението на човечкиот род.

Човекот е создаден од Бога како бесмртно суштество, според ликот Божји, и затоа ја носи во себе бесмртната боголика душа и христоликото тело и од Бога е назначен да живее вечен живот. Затоа човекот во прв ред е вечно битие. Не е човековата личност само безначајна единка во друштвото на луѓето, не е безначаен штраф во механизмот на светот, туку човекот е боголика бесмртна личност и син Божји, како што вели Светото Писмо. Тоа е вистина која што Господ Исус Христос ни ја открива. Он затоа и доаѓа во овој наш свет – како Бог, да ни покаже дека ние луѓето сме вечни суштества, создадени за вечен живот, и затоа нашиот живот овде на земјава само започнува и продолжува на небото и целата вечност. „Бог го создаде човекот за нераспадливост и го направи слика на Своето вечно битие“ (Мудр. 2, 23).

Но, според својата слободна волја, нашите прародители го отфрлиле тој Божји дар и свртувајќи се обратно тргнале по спро­тивниот пат. Каде? – Тргнале по патот на гревот и смртта во прегратките на ѓаволот, бидејќи тоа е спротивно на Бога, како што и тем­нината е спротивна на светлината. Луѓето наместо да го изберат вечниот живот со Бога, тие ги избрале гревот и смртта – и тоа двојна смрт: и телесна и духовна. Духовна смрт е кога душата ќе се оддели од Бога – изворот на нејзи­ниот живот. Душата е создадена за Бога и за Божји живот. Но, кога ќе го прегрне гревот, таа отпаѓа од Бога и од вечниот живот.

Во бездната на гревот и смртта паѓа целиот човечки род, дури до доаѓањето на Спасителот. „И царува смртта од Адама до Христа“ – вели апостол Павле (Рим 5, 12, 14). Затоа и доаѓа Господ Исус Христос во овој свет, да ги спаси луѓето од гревот и смртта, и да дарува вечен живот. Во тоа и се состои суштината на Новиот завет и целокупното христијанство. Бог постана човек, за луѓето да ги поврати кон Бога и да ги направи бесмртни, и како Син Божји му дарува живот вечен на човечкиот род. Во тоа и се содржи спасението на луѓето кое Христос го изврши и дарува, кое Он го дарува на секого во Црквата. Но, тоа спасение луѓето го добиваат дури тогаш кога ќе пријдат кон Бога со вера и покајание.

„Покајте се бидејќи се приближи Цар­ството небесно“, вели Господ, односно се приближи вашето спасение. Покајте се и верувајте во Евангелието! Односно, верувајте во Христа, како во Бога и Спасител на светот. Знаеме дека само оние што се покаеле и пове­рувале во Христа, само тие пристапија кон спасението и влегоа во Царството Хрис­тово, кое е Црквата. „Исус Христос дојде во светот, вели апостол Павле, да ги спаси греш­ни­ците од кои прв сум јас“ (1 Тим 1, 15). „Бидејќи Бог сака сите да се спасат и да дојдат до позна­вање на вистината“ (1 Тим, 2, 4), да добијат спасение и вечен живот. Но, спо­ред истиот апостол, се спасуваат само тие „кои сакаат да поверуваат во Христа во вечен живот“ (1 Тим 1, 16). Спасението од Бога е ово­з­мо­жено на секој еден од нас. Но, се спа­су­­ваат само тие што сакаат да поверуваат и да се покаат од злото, бидејќи Бог ништо не прави насила, па нема ниту насила да не спасува.

Секој човек без Христа е духовно мртов. Него го чека самата смрт и тоа најпрво телесната, а потоа и пострашната – духовната смрт на овој свет, односно оддалеченоста од Бога и Божествената светлина во вечната темнина и мака со ѓаволот во пеколот. Камо среќа секој еден од нас да има искрена желба за избавување од пеколот преку искрено покајание, тука на земјава, во овој живот, додека имаме време за тоа.

За жал и за голема несреќа многумина денеска се преокупирани со други работи и се зафатени со овоземни проблеми. Ја забора­ваме Христовата вистина, дека човекот е вечно суштество и дека во еден момент, сакал или не сакал, ќе мора да даде одговор пред лицето Божјо, за својот живот и за своите дела. Нема никој право и Бог нема да дозволи да ја симнуваме од себе својата одговорност и да ја префрламе на некој друг. Сè што работиме се запишува во вечната книга на нашиот живот, која што ќе се чита на Страшниот суд. И Страшниот суд е страшен затоа што ќе ни биде судено на сите нас со тие испишани книги. Ако сакаме со посо­времен јазик да го разбереме Страшниот суд, тогаш тоа ќе биде како еден вселенски филмски екран во кој нема да има режисер, пропаганда, спикери, шминкери, сценографи, туку едноставно ќе ги покаже животите на сите нас во сите детали и со сите мисли. Нема да биде само онаа трета димензија и четврта, туку сите димензии, суштината, желбите, мислите и сè ќе излегува на површина и сите ќе ги гледаме, како на филмско платно, живо­тите на секој од нас. И тогаш нема да треба суд, не треба договор, не треба никаков заклучок, ни пресуда, сè ќе биде јасно.

Што е тоа вечен живот? – Тоа е живот со Бога и според Божјата волја, во вера, вистина, правда, љубов, благодат – живот во сè според Христа. Оној што живее така на земјата, тоа го чека и на другиот вечен живот, во вистината Божја, во љубовта и радоста со Христа. Оној, пак, кој живее обратно од таквиот живот, односно живее во гревот и злото, во беззаконија и безбоштва, него го очекува судот Божји, односно живот спротивен на животот Божји, а тоа се вечните маки, страдања, оган, омраза и ѓаволско очајание и темнина. Бидејќи, кој не го сака Бога и Божјиот живот на овој свет, како Бог ќе му даде насила Царство небесно, кога душата на таквите уште тука на земјава постанала предворје на пеколот. Бог не прави насилно ништо и затоа секого го чека тоа што го има заслужено.

Драги браќа и сестри, од сè досега што е речено јасно се гледа дека целокупниот наш живот е подготовка за вечен и бесмртен живот. Монашките завети кои што ги положија вечерва сестрите Ана и Нина, не се ништо друго туку пат кон вечниот живот, преку откажувањето од овој свет и неговите удобности, со послушност, девственост и сиромаштво, за да можат полесно и во заедница да го исполнат Законот и прописот на светата Православна црква, преку пока­јание и исповедание на Евангелието.

Затоа да се обратиме кон сестрите што ги зедоа монашките завети, нека свети Ѓорѓи им биде пример со неговата силна и непоколеблива вера во исполнувањето на Евангелието. Тој нека им даде духовна и телесна сила да можат заветите што ги зедоа достоинствено и чесно да ги носат и оправдаат, за да добијат награда од Благиот Христос и вечен живот и Царство небесно. Нека ги исполнат зборовите Христови: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата“. Нека го носат монашкиот подвиг за прослава на нашата Светиклиментова и Светинаумова православна црква, на радост на ангелите и пораз на нечестивиот.
Митрополит Тимотеј