Со љубов за Божјата Мајка

Во молитвена и возвишена атмосфера на неискажливо силна духовна светлина, топлина и божествена радост, браќата и сестрите од Бигорскиот манастир со сеноќно бдение го прославија споменот на чудотворната икона на Божјата Мајка, наречена „Достојно ест“. А впрочем, како и можеше поинаку, кога тие ова прекрасно славословие со нетрпение го очекуваа и со огромна љубов пожртвувано се подготвуваа за него? Премилостивата Мајка и овој пат снисходливо погледна на нас грешните и го рашири врз сите својот омофор на љубовта во вид на тивка неопислива благодат. Рајски украсената икона „Достојно ест“, блескајќи со небесна светлина, како и самата да сведочеше за огнезрачното присуство на Небесната Царица и меѓу нас и во самите нас. А несомнено, Таа со својата благодат го имаше прегрнато и срцето на нашиот Старец, па тој, застанувајќи до Нејзината света икона на почетокот на бдението, преку своето благо слово ги нахрани нашите гладни души со слатката Христова наука. „Вечерва, започна тој, повторно ќе ги упатиме нашите молитви кон Пресветиот лик на Богомајката. И, навистина, нам тоа толку ни е неопходно, бидејќи ние, духовно слаби и ранливи во своите христијански борби, во своите искушенија, постојано имаме потреба од сочувствителност и утеха. А после нашиот Господ, со нас најмногу сочувствува и сострадува пресветата Богомајка, Која Господ ни ја подари како Мајка на целиот човечки род. Во своите најголеми страдања, распнат на крстот, нашиот Спасител љубовно погледна кон Својот ученик, св. Јован Богослов и покажувајќи на Својата Мајка под крстот, му ги упати следниве зборови: „Синко, ете ти Мајка“, и истовремено на Мајка си, „Мајко, ете ти син“. Со тоа, Он како да му се обрати на целото човештво рането од гревот и ни ја покажа Мајката, кон Која во неволјите ќе прибегнува сиот човечки род, и Која секогаш пожртвувано до крај ќе се застапува за сите кои веруваат во нејзиниот Син. И навистина, Таа како најтопла и најнежна Мајка, секогаш ги услишува молитвите на оние кои Го подражаваат нејзиниот Божествен Син. Гледате ли – Мајка! Вие сами знаете колку љубов и пожртвуваност се крие во тој збор, што значи мајката за своите деца. Зашто, децата, секогаш кога имаат потреба, своите прозби и барања најпрвин ги упатуваат кон својата мајка. А мајката, пак, со најголема нежност и грижа, трудејќи се во рамките на своите можности и сили, ги исполнува барањата на своите дечиња. Па така, кога тоа го прави секоја телесна мајка, колку неспоредливо повеќе прави за нас нашата духовна Мајка, Која е толку сострадална и сочувствителна кон сите нас, кога сме притиснати од искушенија и маки. Не штедејќи се, Таа неуморно ита да му помогне на секој христијанин и затоа во црковните химни, нашата премила Богородица се нарекува уште и заштитничка на родот христијански, неразрушлива стена и покров на христијаните. Царицата небесна е секогаш тука да нè укрепи, подигне и заштити од зло. Во житието на еден светител, Андреј јуродив, се вели, дека тој од некој божествен патеводител бил однесен во небесните височини и му биле покажани сите оние убавини на небесниот град. Но таму тој не ја видел Онаа која е „почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите“. Горејќи од желба да ја види, го запрашал својот патеводител: „А каде е пречистата Богомајка?“ Божествениот патеводител му рекол „Таа е долу на земјата, постојано им помага на сите оние кои имаат потреба.“

Токму затоа, треба секогаш да прибегнуваме кон Богородица, бидејќи таа непрестајно бдее над нас, бескрајно се радува на нашите издигнувања кон небесата, се радува кога правиме подвизи, кога Го славиме Христа, а мајчински тагува, кога живееме во гревови и кога постојано паѓаме, несакајќи воопшто да се подигнеме од понорот на гревот. Да ѝ се помолиме од срце и нашата молитва сигурно ќе биде услишана, пресвета Богородица ќе биде со нас. Вечерва чувствувам дека Богородица е навистина со нас. Еве, ќе ви кажам за тоа како монасите овие денови непрестајно се радуваа – и монахињите и браќата ми велеа: „Прекрасно, отец, ќе правиме бдение за Мама“. Тие така блиску ја чувствуваат Богородица, што навистина ја сметаат за своја Мајка. А таа е Мајка и на целиот христијански род.

 
Сакам да споделам со вас и нешто што деновиве го зборувавме на едно монашко собрание во женскиот манастир, што се нарекува синаксис. Разговарајќи со сестрите, им напоменав за тоа дека нашиот живот треба да биде непрестајна света Литургија. А животот да ни биде постојана света Литургија не подразбира само редовно посетување на црквите и причестување, туку непрестајна подготовка за Литургијата, преку нашето пожртвувано живеење и несебично, целосно давање на нашата личност на Црквата; ние треба да бидеме пожртвувани кон нашите ближни, треба постојано да сочувствуваме со сите, да помагаме, да бидеме гостопримливи, искрено да ја покажуваме својата љубов. Дури откако ревносно ќе се потрудиме во сите христијански добродетели, ќе можеме да се наречеме вистински христијани. Бидејќи ап. Павле вели: „Ние, христијаните, имаме ум Христов“. А ум Христов ќе стекнеме, тогаш кога ќе научиме постојано да се жртвуваме, онака како што Он се жртвува Себеси за нас грешните, засекогаш давајќи ни пример на неприкосновена и бескрајно пожртвувана љубов. Доколку сакаме да бидеме вистински христијани, за нас нема друг пат. Затоа, ако сакате достојно и без осуда да се причестите, не губете време тогаш, мислејќи на неважни работи, како на пр. дали сте јаделе риба или маслинки, или масло и така непотребно заморувајќи се себеси и својот духовник, туку размислете во кој степен сте ги исполниле Христовите заповеди, дали во периодот пред светата Причест вистински сте биле пожртвувани и несебично сте му послужиле на ближниот во неволја, и дали сте Му ја посведочиле својата љубов на Христа, односно со колкава посветеност и љубов, молитвено сте се подготвувале пред некое бдение, или пред некој празник. Нашата одговорност како христијани е навистина голема. Ние секогаш треба да бидеме пример за другите со своето однесување, така што тие, гледајќи го нашиот љубовен однос да можат да кажат: „Еве, овој е вистински христијанин, бидејќи знае да биде пожртвуван, знае да љуби вистински“. Е, тогаш на светата Литургија ќе можеме во полнота да се сретнеме со Христа. Тогаш, сведочејќи го Христа и љубејќи до самозаборав, ќе можеме да кажеме дека живееме Евхаристиски. Бидејќи што се случува на секоја Литургија? Доколку внимателно ги следите молитвите за време на Литургијата, ќе видите дека таа е, всушност, едно жртвување на Божјиот Син за светот. На светата Литургијата Христос доаѓа при нас во светот, се жртвува за нас, давајќи ни го најсветото, т.е. ни се предава Самиот Себеси во вид на вино и леб, а тоа е Неговото свето Тело и Крв, нашето најголемо осветување. Значи, потребна е постојана борба со себеси и својот егоизам, неуморно да се трудиме да Му се уподобиме на Христа. А во тоа најголема помошничка ќе ни биде токму пресветата наша Владичица, Богородица. Неизмерна е нашата радост што вечерва сите го чувствуваме нејзиното присуство. А се радуваме и поради тоа што денес во толкав голем број притекнавте кон ова молитвено собрание, сите заедно да ја помолиме милостивата наша Богородица да го закрилува нашиот народ и да нè запази од зло, та уште порадосно да ѝ воскликнеме „Мамо, Царице, слава ти. Биди со нас и со целиот род христијански. Амин!“

Вдахновено од овие радостотворни зборови, свешетеното собрание на монасите, монахињите и многубројните верници, во текот на седумчасовното богослужение непрестајно ѝ принесуваше молитви, похвали и благодарења на Онаа, Која на небесата е непрестајно славена од херувимите и серафимите. Милозвучно одѕвонуваа чудесните песнопенија на св. Козма Песнописец, сплотени со останатите божествени стихири, така создавајќи една прекрасна едемска хармонија и вознесувајќи ги нашите срца од земјата кон небесните пространства. На светата Литургија го слушнавме и прекрасното стихословие на св. арх. Гавриил, што тој за прв пат го испеал пред иконата „Достојно ест“ во присуство на смирениот послушник од гората Атон: Достојно е, навистина, блажена да Те нарекуваме, Богородице, присноблажена и пренопорочна Мајко на нашиот Бог. И како што некогаш благовесникот пееше пред првообразната икона, така сега овие небесни зборови, упатени кон премилостивата наша Владичица, беа достојно отпеани од хорот на монасите, монахињите и верниците пред нејзината изобразба во Бигорскиот храм. Сочинувајќи едно литургиско тело, обединето преку заедничарењето во Бога, на божествената Литургија верните со страв, вера и љубов се причестија со сечесните Христови тајни – Телото и Крвта Негова.

По светата богослужба јеромонахот Доситеј одржа своевидно пригодно слово, објавувајќи му го на верниот народ почетокот на последното десетолетие од илјадагодишнината на нашиот свештен манастир. Имено, поаѓајќи од првиот ктитор Јован Дебарски, кој го основал овој манастир во 1020 година, па сé до денес, о. Доситеј направи краток увид во минатото, со паралели од сегашноста. „Ако Јован Дебарски е рождество, а Арсениј преродба, тогаш нашиот старец Партениј е воскресение на Бигорски. Кога би направил споредба, тогаш Арсениј би го споредил со св. Антониј Велики, а старец Партениј со св. Пахомиј Велики“ – беа дел од прекрасните зборови на бигорскиот јеромонах, изречени за нашиот Старец. Од името на целото братство и сестринство, великодушниот отец Доситеј го награди нашиот возљубен Старец со преубав и филигрански украсен Бигорски орден „Претеча“, заради неговите досегашни знаменити заслуги во поглед на возобновувањето на Бигорскиот и Раичкиот манастир и нивното монаштво. Всушност одликувањето „Претеча“ идејно создадено во Бигорски, а произведено во Русија, е висококачествен орден, изработен од благородни метали и ќе се доделува на личности кои имаат посебни заслуги за нашата свештена обител. Сепак, орденот што архимандрит Партениј го доби денес е уникатен примерок, дополнително и многу пораскошно украсен од орденот „Претеча“. Со тоа братството и сестринството сакаа да му укажат особена чест и почит на својот пожртвуван духовен раководител.

 
Сеноќното торжество заврши со великолепна молитвена литија во чест на чудотворната икона „Достојно ест“. Кружејќи трикратно околу црквата, уште еднаш, за последен пат на ова денешно неописливо благодатно бдение, ги упативме своите топли молитви кон Богомајката.

 
Слава, чест и голема благодарност на великата Царица, Која нé удостои и нас грешните, во нашиот свештен манастир да имаме копија на нејзината чудотворна икона. Пресвета Владичице чувај ја нашата света обител, нашата убава татковина и целиот род христијански. Амин!