ВЕЛИКИ ПОНЕДЕЛНИК

Твојата свадбена одаја ја гледам украсена, Спасителе мој,и немам облека да влезам во неа.Просветли ја облеката на душата моја, Дарителу на светлина, и спаси ме.

Светилен од Утрената на Велики Понеделник

Од денес, Великиот Понеделник, започнува Страсната седмица, востановена заради најсветите Господови страдања, претрпени заради нас, коишто претставуваат круна на Христовиот живот на земјата. Од Великиот Понеделник до Великата Сабота, нашата Света Црква живо се сеќава на овие најзначајни настани во домостројот за спасението на човекот.

 

И во свештениот Бигорски манастир богодолично започна присетувањето на Христовите страдања, преку прекрасните богослужбени светоотечки содржини. Утреното молитвено собрание во предвечерието на Великиот Понеделник, тивко и возвишено нѐ воведе во претстојната недела на Господовите страдања. Во текот на свеченото богослужение, предводено од нашиот старец, архимандрит Партениј, во средината на храмот, беше изнесена иконата на Женихот – Христос, нашиот Бог и Спасител. Притоа, верните со особено благоговение Му се поклонија на Оној, Кој венчавајќи се за Својата Црква, доброволно ја пролева Својата чесна крв. Затоа, имајќи ја пред очи оваа страшна искупителна жртва за нас, да се подготвиме и ние, преку покајание, за пречек на Небесниот Младоженец. Да не воведуваме друг Жених во дворот на нашето срце; зашто Христос, Женихот наш ревнува за нас. Тој е целиот сладост и желба, па да Му овозможиме да живее во нас; да нѐ направи храм на Пресветиот Дух и да бидеме Негово вечно наследство.

 

Во преубававите богослужбени стихири си спомнавме за прекрасниот Јосиф, почитувајќи го како праслика на Христос, бидејќи овој најдостоинствен младич, извор на целомудреноста, и совршен победник, кој ги поразил непријателите свои, постана прв образец на идното Господово доаѓање. И навистина, Јосифовиот живот во многу нешта го предобразува животот на нашиот Христос: синовите на Јаков лукаво и непријателски постапиле кон својот сопствен брат Јосиф, како и Израелскиот избран Божји народ кон Христа; браќата на Јосиф го продале во Египет за 30 сребреници, а по иста цена и Јуда Го предаде Христа; Јосиф го хранеше израелскиот народ, а Христос непрестајно го храни Својот народ со небесен леб.

 

Се присетуваме уште и на евангелското собитие со неплодната смоква. Огладнувајќи, Христос приоѓа кон смоквата, која, пак, го претставува целиот човечки род. Бесплодната смоква крај патот, само со лисја – тоа сме сите ние. Кај нас често доаѓа наутро и навечер Сејачот на нашиот живот, Господ Исус Христос, Кој е гладен за нашето спасение, доаѓа за да ја задоволи гладта на нашите души и да ѝ биде леб на животот. Но, за жал, скоро секогаш наоѓа во нас само грижи околу секојдневите работи, т.е. само лисја; а плодови на верата и сесрдна грижа за спасението на нашите души нема. Затоа да се запрашаме дали секојдневно Му принесуваме на Владиката на нашиот живот плодови на добри дела, и што е најважно, ја имаме ли во нас царицата на дободетелите: љувов кон нашиот Создател и кон нашите ближни? Ако не сакаме да бидеме исушени како смоквата, да се потрудиме да Му принесеме плодови на добри дела на Оној Кој го засади нашиот живот, додека сеуште имаме време, сила и можност.

 

Му благодариме на предобриот Христос, што изобилно ни ја испрати Својата благодат, така што, имајќи ја неа, се удостоивме со восхит да Му се поклониме како на Младоженец. А Го молиме и сега да не ја прекрати Својата милост, но да биде со нас и во текот на оваа недела на Неговите сечесни страдања, та, откако мисловно и срдечно ќе ги преживееме овие неописливи настани, да ги воскресне нашите души со Неговото светло Воскресение. Амин!