ВЕЛИКИ ЧЕТВРТОК

Земете, јадете, ова е Моето тело… Пијте од неа сите, зашто ова е Мојата крв на Новиот Завет, која се пролива за мнозина, за простување на гревовите

(Мт. 26, 26-28)

Веќе зачекоруваме во последните најзначајни и најстрашни собитија од земниот живот на нашиот Спaсител Господ Исус Христос. Во нашиот манастир, денес беше отслужена свечена и Божествена Василиева литургија во чест на првата Литургија што Господ ја изврши со апостолите на Тајната Вечера. Богослужението, со кое чиноначалствуваше нашиот старец, архимандрит Партениј, како да нé пренесе во Ерусалим на настанот во Горната одаја пред, речиси, 2000 години. Две случувања ја обликуваат Литургијата на Великиот и Свет Четврток: Тајната Христова Вечера со Неговите ученици и јудиното предавство. Тајната вечера е откривање на Божјата искупителна љубов кон човекот, љубов како сама суштина на спасението. На неа нашиот Спасител ја востанови светата Литургија, на која лебот и виното се претвораат во Тело и Крв Христови, и ова вечно чудо постојано се извршува во Христовата Црква на земјава за спасение на луѓето.

Меѓутоа, во овој час на безграничната љубов Божја се случи и крајно предавство. Јуда Го предава својот Учител и Избавител. А зошто? Химните од службата на Великиот Четврток непрестајно нагласуваат дека Јуда бил среброљубец. Тој како крадец ја кради љубовта Божја, но не за да Го љуби Бога и ближните, туку за задоволување на своите самољубиви желби.

По завршувањето на светата Литургија беше извршен чинот на светата Тајна Елеоосветување. Апостолските и евангелските четива, заедно со молитвите при осветувањето на елејот, го восхити присутниот народ, што со вера и љубов, скрушено пристапи да биде помазан. Преку оваа света Тајна, помазувајќи го телото со осветеното масло, се повикува Божјата благодат, која ослободува од духовни и телесни болки.

Голема беше денес радоста во нашата обител, што мноштво верници се удостоија да се причестат со светите Тајни Христови. А радоста и благодарноста беа уште поголеми затоа што се удостоија да се причестат токму на денот кога е востановена самата Света Тајна Евхаристија.

Светата Причест е срж на животот. Да се причестува или да не се причестува значи да се биде, или да не се биде христијанин, да се живее, или да не се живее во Христа. Затоа и Господ вели: Ако не го јадете Телото на Синот Човечки и не ја пиете Крвта Негова, не ќе имате живот во себе (Јован 6, 53).

Да се помолиме на Господа и на Пречистата Владичица наша Богородица и на сите светии, да нé вразумат сé да уредиме така што Оној Кој денес нé посети, да остане во нас, и останувајќи да го отврли од нас секој грев, секоја страст и секој душегубен збор, дело и мисла, и така да нé удостои да бидеме Негов секојдневен дом, во слава на Неговото пресвето име.

Премилостив Христе, удостој нé да одговориме на Твојата љубов и да ја прифатиме како свој живот, а да не бидеме како Јуда среброљубецот. Амин!