ВЕЛИКИ ПЕТОК

Денес виси на дрво Оној што земјата ја обеси на водите; со венец од трња е крунисан Царот на ангелите; во смешна багреница се обелкува Оној што небото го облекува со облаци; шлакациници прима Оној што во Јордан го ослободи Адама; со клинци се приковува црковниот Младоженец; со копје се прободе Синот на Дева: се поклонуваме на Твоите страдања, Христе, се поклонуваме на Твоите страдања, Христе, покажи ни го славното Твое воскресение

Стихира од 15-ти антифон од Утрената на Велики Петок

„Пасхата наша, Христос, се жртвува за нас“. А каде се жртвува? На висок Крст. Нов необичен жртвеник, и нова и надобична жртва, зашто Христос, Самиот беше и жртва и првосвештеник; жртва по тело, а свештеник по дух; а Крстот, пак, е жртвеникот.

Со какви зборови да ги опишиме денешните неописливи и страшни настани? Планот – што бил направен за да Го убијат Христа; врзувањето – кога Го фатиле и Го повеле на суд пред Пилат; мачењето и испитувањето – кога заради судењето Го воделе кај Ирод, Ана, Кајафа, и преку целата ноќ Го тепале, плукале, навредувале и Му се исмејувале; поставувањето на крст, прободувањето на рацете и нозете со клинци, подавањето на оцет и жолчка да пие, прободувањето на ребрата и сѐ друго што станало заедно со ова, а што целиот свет не може да го опфати и никој не може да го искаже како што треба, и тоа, не само на човечки јазик, туку нити на ангелски.

Зарем можеме да кажеме нешто поприлежно од она што го изрекоа дванаесетте евангелски четива и трогателните богослужбени химни, кои одекнувајќи со силен ѕвекот ги пронижаа срцата на верните, кои собрани во толку голем број во нашиот манастир, Му оддадоа достојна почит на Оној Кој заради нас денес виси на Дрво. Почнувајќи од вечерните часови, на Утрената богослужба, кога после петтото четиво од дванаесетте Страдални Евнагелија, во средината на храмот беше изнесено Распетието Христово, па завршувајќи со денешната Вечерна богослужба, со симнувањето од Крстот, Погребението и изнесувањето на Плаштанацата, како одново да беа преживеани најтажните мигови од овоземниот живот на нашиот Спасител. Вчерашната литија со Крстот од баладахинот до храмот го претставуваше патот кон Голгота, а нашиот старец, архимандрит Партениј, носејќи го крстот, ја имаше улогата на Симон Киринеецот. Денес Христос во атмосфера на плачно расположение, во призвук со тажните посмртни удари на камбаната, беше симнат од Крстот, повиен со чиста плаштаница и положен во олтарот, изобразувајќи го Неговото погребение. За торжественоста и величественоста на овој значаен момент од богослужбата многу придонесе раскошно украсената Плаштаница, макотрпно изработена од трудољубивите раце на сестрите од метохот во Рајчица – навистина, една преубава творба, каква што и доликува само на Небесниот Цар. Одразувајќи го Христовото безживотно тело, повиено во платно, таа беше положена во Епитафот, исто така, раскошно украсен со разнобојни цвеќина.

По бесконечната љубов што Бог ја има кон човештвото и која единствено Тој може да ја има, на Крстот во ликот на Господа пострадало, и во ликот на Господа умрело целото човештво. Ако, значи, човештвото пострадало во Него, тоа во Него и се оправдало. Ако во Него умрело, во Него се оживотворило: смртта Господова постанала извор на животот. Ако ние не се отповикаме на љубовта Божја кон нас, нели е тогаш залудно пролеана крвта на Богочовекот? Нели е тогаш злудно за нас прободено Неговото сесвето Тело? Нели е залудно на Крсниот жртвеник положена и заклана Големата Жртва? Семоќно е нејзинто застапништво за нашето спасение; а семоќен е и нејзиниот прекор кон оние што ја занемариле. „Каква полза од крвта моја, кога ќе слезам во гроб?“ (Псал. 29, 9) – изговара сесветата Жртва, обвинувајќи ги христијаните кои со неа се искупени, кои нејзината вредност ја примиле во себе, а потоа заедно со себе ја отфрлиле во гревовна смрдеа?
Да се поклониме пред страдањата на Господа, пред Тој што беше распнат заради нас грешните; да ги целиваме со љубов и со солзи Неговите рани; да го исповедаме и да го прославиме Неговото свето име, засакувајќи ја вистината и милоста, та и ние да бидеме помилувани.

Милостиви Христе, Кој заради нас си пострадал на Крстот, помогни ни да разбереме за големината на оваа Твоја жртва, колку што човек може да прими, зашто Твојата љубов е неопфатлива. И сесилен Господи, победи ја смртта со смрт и воскресни ги нашите души. Амин!