Велик Четврток

Каква духовна веселба, каква голема радост, каква слава за Бога, каква полза за душите во Светиот и Велик Четврток! Да се радуваме денес кога е востановена светата тајна Причест со Телото и Крвта Христова! Денес Господ на Тајната вечера ги причестил своите Ученици и им заповедал и во светата Црква да го востановат истото причестување. „Правете го ова во Мој спомен!“ Божествениот Учител ни ја дарува светата Литургија како продолжување на Неговото спасително дело; Он нѐ научи дека кога присуствуваме на светата Литургија, ние всушност патуваме кон Христовото Царство и истовремено се наоѓаме во него. Христос нѐ вознесува на небото, или поточно Он го спушта небото во Црквата. Ние како дарови Му принесуваме леб и вино. Лебот укрепува и му дава живот на човекот, а виното му дава издржливост и здравје. Следствено, кога Му принесуваме леб и вино на Христос, Му го даваме тоа што нѐ храни, што ни дава живот. Со тоа ние символично Му го принесуваме на Христа својот живот, своето здравје, своето веселие; се принесуваме самите себеси; ги принесуваме своите тешкотии, своите болки, своите страдања, своите ближни; Му принесуваме сѐ што е наше и целиот свет. Добриот Христос на светата Литургија на таинствен начин тој леб и тоа вино ги претвора во Свое Тело и Крв и предложувајќи ни ги нам, Он ни ги дарува преку нив сите Свои блага, нашето спасение, Својата светост, смирение, дарови – Он ни се принесува Себеси.

 
Собрани во молитвено собрание во бигорскиот храм на св. Јован Крстител и поучени од светите и богоносни отци, празнично се потсетивме денес на роденденот на светата Литургија – Тајната Христова вечера. И навистина, убавината и возвишеноста на денешната Литургија, водена од нашиот старец, архимандрит Партениј и нашите браќа свештеномонаси, како да нѐ пренесе за миг во горната одаја, каде Христос ја прославил Пасхата со Своите апостоли. Љубов, благодарност и радост ги облеа нашите срца, што милостивиот Бог нѐ удостои да се причестиме со светите Тајни Христови, на овој ден кога е востановена самата света Тајна.

 
Во продолжение на божествената Литургија, во прузвук на тропарите на повеќе светители, во умиление од прекрасните молитви и седумте апостолски и евангелски четива, се изврши и чинот на елеоосветување, а со осветенииот елеј многубројните верници беа помазани за исцеление на своите души и тела.
За сето ова Му вознесуваме благодарност на Отецот и Синот и Светиот Дух. Нему слава и сила, чест и поклонување, сега, секогаш и во веки веков. Амин!