Велика Сабота

Кога си слегол кон смртта, Животе бесмртен, тогаш си го умртвил адот со болскотот на Божеството; а кога и умрените си ги воскреснал од бездните, сите сили небесни Ти викаа: Жизнодавче, Христе Боже наш, слава Ти.

Стихира од Утрената на Велика Сабота

„Во Светата и Велика Сабота го празнуваме боготелесното погребение и слегувањето во адот на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, Кој нашиот род од распадливост го повика кон вечен живот. Светата Четириесетница е поголема од сите други денови, а од неа, пак, е поголема оваа света и Велика седмица; а од Великата седмица повторно најголема е оваа Света и Велика Сабота. А Велика седмица се именува не затоа што има повеќе денови или часови, туку затоа што во неа се случија големи и натприродни чудеса и извонредни дела на нашиот Спасител, особено денес“. Вака напишале светите и божествени отци наши за оваа единствена и најтаинствена Сабота. Но зошто е таа толку значајна? Затоа што денес Животот вкусува смрт; Несместливиот е сместен во гроб; во мртвите се вбројува Оној, Кој од смртта е слободен; невечерната Светлина се јавува во мрак и смртна сенка. Во адот слегува Христос да го пронајди првосоздадениот, како изгубена овца; Синот Божји и Синот на Ева оди да ги ослободи од страдање заробените Адам и Ева.

Созерцавајќи ги овие потресни и неискажливи собитија, што се случија за наше спасение, верното Христово стадо во нашата обител, сплотено околу цветниот Епитаф, како образ на Христовиот Гроб, на Утрената богослужба во вечерните часови, умилително ги пееше трогателните химни од велипеточните статии. Славата на Спасителовото дело во адот, каде од смрт ги подигнува од веки умрените, торжествуваше на ѕвезденоликата молитвена литија со Христовата Плаштаница, околу храмот на Претечата. Но воскресенската радост како уште повеќе да завладеа во нашите срца за време на денешната великосаботна Василиева литургија, единствена по својата длабочина и убавина, отслужена во средината од храмот, на Епитафoт како престол, пред очите на сите верни. „Добро воскресение, добра Пасха!“ – им посака нашиот старец Партениј на многубројните притекнати Христови чеда, фрлајќи цвеќиња насекаде, како симбол на претстојната воскресна радост. Великиот воскресен пркимен што така силно одекна од певницата, веќе нѐ воведе во велигденското славословие.

 
Да побрзаме денес мисловно со Христа во адот да слеземе и со радост да видиме како Бог се помирува со луѓето; како себлагиот Господ ги ослободува осудените. По природа човекољубив, Он доаѓа со сила и власт да ги ослободи заробените, кои горката и нанаситна смрт ги проголтала и ги одвоила од Бога, и да ги приброи кон жителите на небото. „Станете – им вели Христос на оние во адот – да излеземе одовде; од смртта во животот, од жалост во радост, од ропство во слобода, од заробеништво во рајско насладување, од земјата на небото. Јас заради тоа и умрев и воскреснав, за и живите и мртвите да ги предводам; станете да си одиме одовде! Небесните наслеби се подготвени; ризниците на блага се отворени; Царството небесно од пред вековите е подготвено; човека го очекуваат блага какви што окото сѐ уште не видело, увото не слушнало, ниту, пак, на умот некогаш му паднале“.

 
Според неискажливата Твоја милост, Христе Боже наш, совоскресни ги нашите души заедно со Тебе, и удостој нѐ и нас, грешните и недостојните, со блаженставата од местото на Твојата вечна слава. Амин!