Ниеден јазик човечки не содржи такви слаткогласни слова што можат, ако не достојно, тогаш барем донекаде да живописаат и пофалат еден така владичествен лик кој блеска со бескрајно спасение, лик кој успокојува со силата и убавината на смрението. Тоа е навистина лик на љубовта и торжествена победа на таа љубов. Во тој лик се соединило сето она што овој свет го прави поубав и поподнослив, па дури му дава и нешто повеќе од тоа – го оддалечува од студениот егоизам и возвишува со својот чудесен пример на сострадање, сожалување, мајчинска грижа, доверба, простување, љубов. Тоа е ликот на Онаа, Која во своето неискажливо смирение Себеси се нарече „слугинка Господова“, но Која, откако беше прославена од Својот Син и Бог, ангелите и луѓето ја восфалија како Царица на небото и земјата, Владичица и Господарка; тоа е божествениот лик на Дева Марија, нашата возљубена Богомајка, најпрекрасниот принос на човештвото кон Бога. Како да не Ѝ благодариме на таа светоносна Небесна Сеница, Која нам, смртните, Бесмртниот ни Го роди, нам, помрачените, божествената Светлина ни ја покажа, нам, нагрдените од грев, вечната Убавина ни ја објави?
И бидејќи јазикот на љубовта и благодарноста е онаа вистинската милозвучна струна која може да се допре до премилостивиот Господ и Неговата пречиста Мајка, светите отци на нашата најсвета православна Црква ја исткале со прекрасни нишки од овој божествен јазик благодарствената служба кон Мајката Божја и богомудро ја сместиле среде посното поприште, во петоците од Великиот Пост, за така да ни понудат силна духовна поткрепа во великопосниот подвиг. Зашто пресветата Богомајка будно ги следи оние кои се оддале на воздржание заради Нејзиниот Син и нежно ги милува со благодат и грижливо ги поткрепува нивните сили. Можеби затоа Бигорската обител со своите бројни духовни чеда, собрана во храмот на Претечата, со чувство како да се наоѓа некаде во мајчиниот дом и во најтопли мајчински прегратки, чиниш потона во срдечно умиление и самозаборав на денешниот прв Акатист од овие свети Пости. Благоговејно стоејќи пред Онаа, пред Која со свештен трепет стојат херувимите и серафимите, тие се препуштија на топлиот благодатен изблик на Нејзината небесна љубов, излевајќи од своите души умилни молитвени и благодарствени потоци, додека трепетниот глас на старецот наш Партениј торжествено го возгласуваше победоносниот поздрав: „Радувај се…“ Колку силно тој глас, исполнет со бескрајна синовска верност и љубов, ги разгоре нашите срца, предавајќи го во рацете на нашата најпожртвувана и најусрдна Застапничка.
Премилосрдна Владичице Богородице, спасение на човечкиот род, непрестајно моли се за нас, кои пофални песни Ти принесуваме и заштити нè, прогонувајќи ги сите страдања и лекувајќи ги нашите немоќи. За да можеме, по Твоите најсвети молитиви, Пречиста, и ние, грешните и недостојните, да се удостоиме светлината на Христовото Воскресение да ја видиме. Амин!