Крстолика љубов

Гледаш ли: она со што ѓаволот победи, со тоа и самиот е победен; тој со дрвото (на познанието на доброто и злото) го победи Адам, а Христос, пак, со Дрвото (крстно) него го победи. Тоа дрво (рајско) во адот нè фрли, а ова Дрво (крстно) нас, фрлените во адот, оттаму нè изведе. Тоа дрво го сокри голиот заробеник, а ова дрво Разголениот како победник на високо место го покажа. Таа смрт (Адамова) премина и на потомците, а оваа смрт (Христова) ги воскресна и оние пред Него. Од мртви постанавме бесмртни. Таква е силата на Крстот

Св. Јован Златоуст

Ете, на средината од четириесетдневното посно патешествие, победнички се издигнува пред нас чесното и животворно Дрво – Крстот Христов, како најмоќна закрила, како некое најпосакувано место за спокој. Се издигнува Крстот и радост блеска, се издигнува Крстот и силите се обновуваат! Секое дело Христово е неискажливо големо, и божествено, и чудесно, но од сите Негови дела најспасоноснен и најдостоен за восхит е Неговиот чесен Крст. Зашто со ништо друго смртта не можеше да биде уништена, прародителскиот грев простен, адот опустошен, вратата на рајот отворена, со ништо друго не ќе можевме да станеме чеда и наследници Божји, освен со Крстот на нашиот Господ Исус Христос. И сите ние што во Христа се крстивме, во Неговата смрт се крстивме (Рим. 6, 3); сите што во Христа се крстивме, во Христа се облековме (Гал 3, 27), а Христос, пак, е Божја сила и Божја премудрост (1 Кор. 1, 24). Така, крстното слово за нас постана сила Божја преку Христа. И слава и символ за победа. Гледајќи го Крстот, тоа царско знамение, не губиме храброст во претстојната борба, но војуваме со надеж дека ќе се сретнеме и со Самиот Цар Небесен, преку Неговотото славно Воскресение.

И кога денес старецот наш возљубен, архимандрит Партениј, го издигна среде храмот Претечев ова непобедливо оружје Христово и пред сите нас блесна тој Негов славен Скиптар – во срцата пламен на божествена љубов запламти, и радост непоматена засветли, и моќ безгранична се почувствува. Како длабоко во нас да ни се откри една тајна голема, тајната на Крстот, тајната на најдлабоката самопожртвувана љубов Божја. Зашто на Крстот, човекољубивиот Христос на чудесен начин, чудесната Своја мисија ја заврши. И на него блажени зборови изговори: „Се сврши“. И навистина се сврши, но не животот, туку делото за спасение на човечкиот род. Се сврши и се запечати со крв и смрт на земјата, божественото дело на Единиот вистински Спасител на луѓето. Се свршија маките, а вистинскиот живот штотуку започна. Се сврши трагедијата, но не и драмата. На ред е последниот, највозвишениот чин: победата над смртта, воскресението, славата.

Средопосната недела така прекрасно нè потсетува дека само преку крстоликата љубов, преку пожртвуваност за Бога и ближните, можеме да земеме удел во тој последен величествен чин.

Беседа за недела Крстопоклона од светиот отец наш Теофан Затворник

„А мене, да не ми даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со Крстот на нашиот Господ Исус Христос“ (Галат. 6, 14), вели св. апостол Павле. И како св. апостол Павле дошол до тоа да не сака со ништо друго да се пофали освен со Крстот Христов? Крстот е, нели, страдање, болка, понижување: како со тоа да се пофалиш? А ете, апостол Павле, сепак, со него се фали, а заедно со него се фалат и сите апостоли, и сите други крстоносци по нив. Зошто? Ја препознаа богомудрите луѓе големата важност на крстот, високо го ценеа и се фалеа што се удостоија да го понесат. Во него тие место мака видоа ширина, место горчина сладост, место понижување возвишеност, место бесчесност слава – и се фалеа со него, небаре е тоа некаков убав украс или значаен орден.

О, кога Господ би ни дарувал таков разум и свест да можеме и ние да ја сфатиме и сетиме силата на крстот за со него да се пофалиме! Нема кој не би го посакал тоа денес, гледајќи го крстот што се изнесува пред нас за поклонение.

А, еве го значењето на крстот: Господ со крстната смрт Своја го изврши спасението наше; на Крстот Он го скина списокот на нашите гревови, преку Крстот нè помири со Бога и Отецот, преку него ги излеа на нас даровите благодатни и небесните благослови. Но тоа е Крстот Господов. А ние сите земаме удел во спасоносната сила негова само преку својот личен крст. Овој наш крст соединет со Крстот Христов ја зема од него силата и дејството благодатно, станувајќи нешто како канал низ кој доаѓа на нас секој дар добар и секој поклон совршен. Од тука нашите лични крстови во делот на спасението ни се исто толку неопходни, како што ние неопходен Крстот Христов. И не ќе најдете ниеден спасен кој пред тоа не бил крстоносец. Токму затоа секој од нас од сите страни е опкружен со крстови за да не се мачи да бара крст и да не се оддалечи премногу од спасоносната сила на Крстот Христов. Погледни околу себе и во себе, види го крстот свој, понеси го како што треба, слеан со Крстот Христов и ќе се спасиш.

Сакал не сакал, секој си го носи крстот, а тој обично не е лесен. Но не гледа секој на него низ призмата на Крстот Христов, не го ползува секој за да си го устрои спасението свое, па така секој крст не е спасоносен. Ајде да ги видиме овие крстови, па да дознаеме како да ги носиме за да ни бидат сила за спасение.

Крстови се многу, но всушност само три вида: надворешни крстови, изградени од страдања и неволји и општо сета горка судбина на земното пребивање; крстови внатрешни родени од борбата против страстите и похотите, а заради добродетелите; крстови духовно – благодатни што се даваат поради потполната предаденост на волјата Божја.

Еве неколку збора за крстовите надворешни, тие се најсложени и најмногу на број. Расфрлани се на сите патишта наши, можеш да ги сретнеш на секој чекор. Тука се страдањата, неволјите, несреќите, болестите, загубата на ближните, работните неуспеси, секојдневните лишувања и загуби, семејните непријатности, неповолните односи, понижувања, навреди, клевети, и кога ќе видиш, сечие пребивање овде на земјата вака или онака е тешко. Кој не понел барем еден од овие крстови? Не можеш да ги избегнеш. Од нив не може да те избави ни благородното потекло, ни богатството, ни славата, ни било какво земно величие. Се сраснале со нашето земно пребивање уште од мигот кога се затвори рајот земен и не ќе се одвојат дур не се отвори рајот небески.

Сакаш ли, овие крстови да ти бидат на спасение – употреби ги според намерата Божја, онака како што Бог ги промислил за спасението на човекот и за твоето лично спасение. Зошто Господ уредил така да нема човек на земјата без неволји и маки? За човекот да не заборави дека е изгнаник на оваа земја и да не заживее како домаќин туку како странец и придојден во туѓина и да трага и непрестајно да копнее да се врати во вистинската татковина своја. Уште кога згреши, човекот веднаш беше изгонет од рајот и таму, надвор од рајот, опкружен со таги и секакви неволји, за да не заборави дека не е таму каде припаѓа, на местото што му доликува, да помни дека издржува казна, за да копнее да бара прошка и враќање во својот некогашен достоинствен чин.

Па така, кога гледаш страдања, несреќа, солзи, не чуди се и трпеливо поднесувајќи ги, не лути се. Така треба. За престапникот и непослушниот не му доликува потполна благосостојба и среќа. Имај го тоа на ум и добродушно носи го својот крст.

А зошто, ќе речеш, кај мене потежок крст, а другиот добива лесен? Зошто мене неволји ме нагрнале, а другите во сè ги следи среќа? Јас се јадам од мака, а друг се весели. Ако уделот ни е заеднички нека биде така со сите, рамноправно да се распредели. Но погледај внимателно и ќе видиш – токму така Бог устроил како што велиш. Тебе денес ти е тешко, а другиот страдаше вчера, или ќе му биде тешко утре, а денес Господ му допушта одмор. Зошто гледаш на деновите и часовите? Гледај го сиот живот од почеток до крај и ќе видиш дека порано или подоцна на сите им е тешко. Не ќе најдеш еден што цел живот во веселба го мине. И цар нека е, често ноќе не спие од болка во срцето. Тебе ти е тешко сега, но зар претходно немаше денови на радост? Ќе даде Бог ќе има и други. Претрпи! И над тебе небото ќе се разведри. Во животот како и во природниот свет деновите се де светли, де мрачни. Но зар имало случај дождовниот облак да не мине? И зарем има некој на светот што навистина мисли така? Немој ни ти да мислиш и ќе се израдуваш со надеж.

Сега ти е тешко. Но зарем е случајно тоа? Охрабри се и сети се дека Господ е тука, над тебе татковски бдее, очите не ги тргнува од секое твое дело. Ако неволја те снашла тоа е само со Негова согласност и волја. Никој друг не ти ја праќа, од Него доаѓа. Он добро знае што, кога и кому да испрати. И кога дава, го има на ум само доброто на оној што страда. Па така, погледај околу себе и ќе ги видиш добрите намери Божји за тебе во маката која те снашла. Тоа Господ сака или од некаков грев да те очисти, или од гревовно дело да те одврати, или со помала неволја од поголема да те заштити, или едноставно да ти даде можност да го покажеш своето трпение и верност кон Господа, за Он потоа на тебе да ја покаже Својата слава и милосрдие. Нешто од ова секако и на тебе се однесува. Препознај го тоа и стави го на својата рана како мелем и болката твоја ќе се ублажи. Ако и покрај сето ова не гледаш јасно колку многу Бог сака да ти подари низ неволјата што те снашла, без размислувања положи ја сета вера во мислата дека сè што доаѓа од Господа е за наше добро, и на својата вознемирена душа вели ѝ: „Така Му е угодно на Господа. Претрпи! Оној што го казнува, тој му е како син“.

А бдеј добро и над својата морална чистота. Ако си грешен, како што и си, радувај се што дојде огнот на тагата да ги изгори гревовите твои. Неволјата ти ја гледаш земно. Но сега пренеси се во другиот живот. Застани на суд. Види го огнот вечен кој е приготвен за грешниците. И од тука види ја својата неволја. Ако треба таму да бидеш суден, зар не ќе посакаш сите неволји да ги поднесеш овде, само да не потпаднеш под ваква осуда? Би посакал секој ден да те сечат и мачат, само таму да не бидеш подложен на тоа неискажливо, непрестајно мачење. И зарем не е подобро сега, за таму да не го доживееме, да поднесеме не така големи неволји, за преку тоа да се избавиме од вечниот оган? Речи си: „Заради гревовите мои ми се даваат овие удари“ и благодари Му на Господа што бескрајната добрина Негова те води кон покајание. И наместо бесплодното тагување, согледај го гревот свој, покај се и престани да грешиш. Кога ќе почнеш така да мислиш, тогаш уште и ќе речеш: „Премалку е ова. За гревовите свои заслужувам повеќе!“

Така, било да трпиш заеднички горчлив удел, било да поднесуваш лични неволји и таги, претрпи добродушно, со благодарност примајќи ги од раката Господова, како лек против гревовите, како клуч со кој се отвора Царството Небесно. И немој да ропташ, на другите да завидуваш и на бесмислена тага да се предаваш. Зашто се случува во неволјите некој да почне да се лути и ропта, некој потполно губи глава и паѓа во очај, а некој тоне во својата неволја и само тагува, не одвојувајќи ги мислите од тоа и не издигнувајќи го нагоре срцето свое – за да погледне кон Бога. Тие не го ползуваат како што треба крстот што им се дава и го пропуштаа благопријатното време и денот за спасение. Господ им дава во раце начин да се спасат, а тие го отфрлаат. Те снашле неволја и тага и веќе носиш крст? Направи тоа носење за спасение да ти биде, а не на пропаст. Никој не бара од тебе гори да преместуваш, туку во срцето и мислите на умот мала промена да направиш. Поттикни се на благодарност, смири се под цврстата рака, покај се, животот поправи го. Ако те напуштила вера во Божјата промисла, разбуди ја повторно во градите свои и ќе ја целиваш десницата Божја. Ако ти избегале низ прсти гревовите, па не знаеш зошто неволји те снаоѓаат, изостри го окото на совеста и ќе согледаш: ќе го исплачеш гревот и огнот на неволјите ќе го изгасиш со солзи на покајание. Ако си заборавил дека горчливоста на овдешниот живот искупува од најгорчливата вечна погибел, разбуди го во себе сеќавањето за тоа и на својата добродетел ќе ѝ додадеш копнеж за неволји, за со овие мали неволји овде да добиеш таму вечна милост од Господа. Зарем ова ти се чини многу и тешко? Но, ете, таквите мисли и чувства се нишки со кои нашиот крст се врзува за Крстот Христов и од него ја црпе за нас спасоносната сила. А без нив крстот ни останува на нашите плеќи и нè притиска и не е спасоносен, бидејќи е раздвоен од Крстот Христов. Тогаш ние не сме крстоносци кои се спасуваат и не можеме да се фалиме со Крстот на нашиот Господ Исус Христос.

Ете, кажувајќи ви неколку збора за надворешните крстови, ве повикувам браќа да одиме во мудрост, искупувајќи го времето на болки и таги со своето добродушно, благодарно и покајно трпение. Тогаш ќе го почувствуваме спасоносното дејство на крстот на неволјите и ќе им се радуваме и ќе ги поднесуваме гледајќи ја светлината на славата што се крие зад нив, и ќе учиме да се фалиме со нив не само заради идниот, туку и заради нивниот сегашен плод. Амин.