Умилително бдение на покајанието

Подателот на сите блага, Источникот на исцеленија и Сокровиштето на милоста, Единствениот благ и милосрден, нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој секогаш им дарува благост на оние што се молат, преку Своите свети служители – богоносните отци, и нам, грешните, ни го подари ова длабоко умилително богослужение, украсено со два божествени и покајнички бисера – Великиот покаен канон на преподобниот отец наш Андреј Критски и житието на преподобната мајка наша Марија Египетска. А сместено е тоа премудро во течението на оваа петта недела од Великиот Пост, пред подготвителната седмица за неделата на Христовите страдања, кога Црквата, тој собор на верните, ја достигнува полнотата на своето покајание. Та кој нема да се восхити, кој нема да се трогне, кој нема да го благослови великото милосрдие на Божјата благост излеано во овие две чудесни творби, како да не биле напишани со рака туку сотворени од овие двајца необични писатели: милоста Христова и покајанието човеково!?

И навистина кога татковската уста на нашиот најмил старец, архимандрит Партениј, со Давидовски покаен плач ги пееше тропарите на Умилителниот канон, пред нашиот умствен поглед во духовна светлина се покажаа собитијата опишани во Стариот и Новиот Завет; бројни личности од свештената историја оживеаја пред нас, давајќи ни час возвишени примери на свет живот, час примери на длабок човеков пад, кој поттикнува на молитвен плач и покајание. Умот наш виде возвишени духовни вистини, олицетворени во старозаветните праотци, судии, цареви и пророци; се поучи од вечните евангелски раскази, а срцето, жедно за спасение, трепереше од длабока жалост поради гревовите, но и се укрепуваше со силните воздишки кон Бога, Кој е секогаш подготвен да ги прими грешниците.

А сведоштво за таа подготвеност на нашиот Отец небесен да го прими нашето покајание, и да нè прими нас повторно во Своите полни со љубов прегратки е житието на св. Марија Египетска, кое го збогатува ова бдение со својата духовна длабочина. Ете и денес, во нашево време, кога бесрамноста се пофалува, а ниските човечки страсти, таа гревовна смрдеа, се проповедаат како нешто прекрасно, нешто возвишено и „многу исполнително“, колку насуштна потреба имаат нашите души од еден таков светол пример на покајание каков што покажала преподобната мајка наша Марија! Некогаш најголема грешница и сад на бесрамноста и нечистотата, спречена од некоја невидлива сила да влезе во храмот на Мајката Божја, на совршено покајание во пустината ревносно се оддала и со помош на Божјата благодат рамноангелна светителка постанала. Таа, која била причина за соблазна и пропаст на мнозина, „со добар подвиг се подвизувала“ и од секоја нечистотија се очистила, во толкава мера што се удостоила да влезе во обителта Божја, не во некаков земски храм, не „некаде“ во просторна смисла, туку во самата вечност Божја. Токму затоа Мајката Црква ни го предлага нејзиното бесмртно и со надеж полно житие, заедно со Великиот покаен канон на св. Андреј Критски, како раскошна духовна трпеза во овој завршен период на Четириесетдневното посно патешествие, духовната пролет на животот. Откако претходно се наситивме од рајската храна на преп. Јован Лествичник, кој умешно нè поведе низ Лествицата на восходење кон совршенството, учејќи нè како да го победиме злото во себе и да Му пристапиме на возљубениот Христос, Женихот на нашите души, денес светли пред нас примерот на жената покајничка, која од самите длабочини на злото се издигнала на височината на светоста, според зборовите на св. Андреј Критски: „Душо, Бог може дури и она што е нагрдено да го обели и очисти, затоа, иако си нагрдена, не очајувај…“

Боже семилостив, долготрпелив, кој секогаш лекуваш со благодат и штедрости, како милосрден исцели ги нашите телесни и душевни гревовни рани; и прости ни, Владико, што по нашите немоќи и слабости не можеме ништо достојно да Ти возвратиме за Твоите божествени исцеленија. Зашто кој би можел да ја плати цената на Твојата непоимлива љубов? Ни небото, ни земјата не можат да возратат со достојна награда за Твојата милост. Големи се Твоите штедрости, невозможно е да се купат Твоите небесни и свети лекарства – тие немаат цена. Но Ти, нив, Спасителу, за нашите покајнички солзи милостиво ни ги даваш, за искрениот срдечен плач на сите ги даруваш. Подари ни и сега такво покајание, по молитвите на Твоите свети угодници Андреј и Марија, та достојно да се поклониме на Твоето славно Воскресение. Амин!