Химна на Божјата Мајка

Ризницо на чистота, радувај се, заради која од падот наш станавме; радувај се слаткомирисен крину, Владичице, кој на верните им мириса, – ти кадило благоухано и миро скапоцено.
Да застанеме благоговејно во домот на нашиот Бог, и да повикаме: Радувај се, Владичице на светот; Радувај се, Марие, Господарке наша; радувај се, единствена непорочна и добра меѓу жените; радувај се, столбу огнен, кој човештвото кон возвишен живот го водиш.

Од благодарствениот канон на Пресвета Богородица

Со што да Ја споредиме Пречистата ни Владичица и Мајка Божја? Од најубавиот крин, Таа е поблагомирисна, од сјајното Сонце е поблескава, од најнежната мајка е погрижлива, од најблагородните души е помилосрдна, од сите ангелски чинови е пославна! Каков поубав дар можеше да ни даде милостивиот Спасител од Својата Мајка, тој пречист Источник на милосрдие и пожртвувана мајчинска љубов, тоа непрестајно молитвено застапништво за нас, грешните, таа облека на слава во која се облече човечкиот род!? Зарем има денес некој, било да е праведник или грешник, што барем еднаш не ја почувствувал на себе благодатната заштита од покровот на Богомајката, така грижливо и будно распрострен над целиот свет, како штит од искушенија и зло? Нејзината мајчинска рака секогаш подадена за помош не еднаш спасила цели народи од непријателски наезди и пустош. И со што можевме да Ѝ возвратиме ние, луѓето, од Неа секогаш заштитувани и спасувани, освен со овие стихови, боголепно составени во Нејзина слава? Затоа браќата од светата Бигорска обител со радост ја очекуваат оваа толку благодатна акатистна ноќ, во која можат слободно да ја искажат својата синовска посветеност кон Мајката на родот христијански, и од Неа да примат неизмерно повеќе љубов и духовни сили за достојно да ја пречекаат Страдалната седмица и до крај да се сораспнат со Нејзиниот божествен Син за потоа со Него и да совескреснат на денот на Неговото славно Воскресение. И не случајно е тоа што, како по правило, ова чудесно богослужение зрачи со посебна благодат и умиление, невидливо покривајќи ги монасите и присутните верници во храмот со Богородичната топла наметка на љубов, спокој, сострадание и духовно обновување. Сè што е поврзано со благомирисниот Крин небесен – нашата Владичица, преблагословената Богородица, го носи на себе печатот на красотата, милоста, возвишеноста, сладоста Нејзина, па затоа и оваа прекрасна химна во Нејзина чест, испеана во VII век, во славниот Константинопол, како знак на благодарност заради чудото со кое градот беше спасен од варварското нашествие, а која толку слаткогласно прозвучи во Бигорскиот храм, за миг нè пренесе на небото и небото го внесе во храмот, па се најдовме како придружувани од цели хорови на небесни ангели, кои ја слават единствената пречиста, преславна, пресвета Мајка на Оној пред Кого со трепет стојат херувимите и серафимите и сите небесни воинства.

Затоа со восхитени души воскликнуваме заедно со архангелот Гавриил, славејќи Ја, воспевајќи Ја, величајќи Ја благословената „Ризница на животот“:
Радувај се, ѕвездо, Која Сонцето Го објавува.
Радувај се, утробо на Божественото воплотување.
Радувај се, низ Тебе тварта се обновува.
Радувај се, низ Тебе на Творецот Му се поклонуваме.
Радувај се, Невесто Неневестна!