Радоста од Благата вест

Архангелскиот глас Ти зборува, Пречиста, радувај се, и повторно – радувај се!

Слушајте сите народи, чујте го ова радосно благовестие! Ова необично известие за слободата, овој глас на веселие, што нè ослободува од ропството! Беседи Гавриил со Пречистата Дева, беседи небесната со земната чистота и подготвува чудо. Зашто е испратен женското бесчестие да го измени во чест, за чистиот Жених да подготви достоен чертог, Создателот со созданието свое да го обручи. Испратен е како утро, кое ја најавува светлината на денот, испратен е како слуга да Го најави Царот, испратен е при чиста Девојка да Ѝ го објави воплотувањето на Словото Божјо: „Радувај се Благодатна! Господ е со Тебе, благословена си Ти меѓу жените!“ (Лк. 1, 28) Чуден и необичен е тој ангелски подрав. Зборови таинствени и несфатливи за така млада и невина душа. Но, о благословено Мариино смирение! Ти не остана безгласна на Божјото призвание, со Своето смирено: „Нека Ми биде!“ го поништи Евиното непослушание. Зашто како што Ева, измамена од зборовите на лукавиот, побегна од Бога, прекршувајќи го Неговиот збор, исто така Ти, благословена Марие, добивајќи ја Благата вест преку зборовите на ангел, Го носеше Бога во Себе, послушна на Неговиот збор. „Еве ја слугинката Твоја, Господи!“ Каква таинствена моќ во овие едноставни зборови на Дева! Беше толку потребно тоа Нејзино скрушено: „Нека ми биде!“ за да се оствари Господовото моќно: „Нека биде!“, – за Божјото милосрдие да најде човечка согласност за тајната на спасението.

А еве, сега, после повеќе од 2000 години светот сè уште се радува на тоа тивко: Нека Ми биде!“ – и одново и одново го доживува како најпрекрасна објава дека, ете, најпосле вратите на темницата што ги држеше луѓето се отворени, одново зачекоривме по патот на спасението и пред нас во сиот свој сјај се простира рајската убавина од која некогаш бевме протерани. Малку е да се каже дека ова е радосен празник. Всушност, тогаш и земјата, и небото, посеано со блескави ѕвезди, и сета твар во таа молитвена Благовештенска ноќ, торжествено го објавуваат „почетокот на нашето спасение“ (од тропарот на празникот). Тогаш и бигорскиот храм со својата небоземна убавина, со своето раскошно празнично руво, својата свечена тишина од земни грижи, својот хармоничен сплет на радосни напеви и химни, како да им благовести на големото мнозинство верни, присутни во храмот, дека „денес е радоста на благовеста, девственото торжество, овдешниот свет со горниот се соединува, Адам се обновува, а Ева од нејзината прва жалост се ослободува. Скинијата на нашето битие стана храм на Бога, преку обожување на примената природа…“ (од службата на Благовештение). Радост, радост, и пак ќе речеме: радост! Нашите души обземени од тој радосен вител, итаат во пресрет на небесниот благовестител, за заедно со него на Пречистата Родителка на Вечниот Живот да Ѝ го воскликнат радосниот поздрав. Застанавме сите во восхит пред Нејзината благост, добрина, мајчинска нежност со која ни ги погали срцата и во нив всели неописливо спокојство и мир. Како да нè зеде во Своите прегратки и го избриша уморот на нашите немоќни тела!

Но најсилно Ја почувствуваме кога ни прозбори низ небесното слово на нашиот богомудар старец, архимандрит Партениј, откривајќи го пред нас неискажливото таинство што се изврши во славниот ден на Благовестието, кога спасителното воплотување на човекољубивиот Бог ги отвори за нас вратите на рајот:

„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!
Се поклонувам пред бескрајната милост на Божјата Мајка што денес мe удостои да ги гледам и да се насладувам од вашите озарени лица, чувствувајќи ја вашата жед за Бога, и со најголема љубов да ви зборувам за благовестието на архангелот Гавриил за големата радост, радост каква не била и нема да биде дури е светот и веков. Оти во споредба со оваа радост, сите земски и световни радости се кратки, како што се вели во псалмите, ‘ќе ги снема заедно со нивната слава и величие; ќе исчезнат како дим’ (Пс. 36, 20); уште не сме се израдувале убаво, а веќе си заминуваат и на нивно место настапува тага. Но оваа радост, радоста што ни доаѓа од Благата вест, Благовештението, никогаш не намалува и се мери само со вечноста. Ја молам сега, Онаа Која нè собра денес овде, Пресветата Богородица и Дева Марија, да го просветли мојот разум и да ми даде благодатно слово за достојно да ја опишам Нејзината слава и причината за оваа наша денешна радост. Зашто ќе зборувам за чуда големи и неискажливи, таинства Божји до кои умот мој со свештен страв се допира, свесен за границите на зборот и немоќта човечка најпрвин да го сфати, а потоа и објасни тоа надразумно таинство, со кое започна нашето спасение и нашата радост непресушна.

Некогаш премудриот цар Соломон, од Бога обдарен да ги спознава тајните на природата, откако разгледа сè што е на небото и земјата – тоа што било, што е, и што ќе биде, на крај заклучи и со уверение рече дека во светот ‘нема ништо ново под сонцето’ (Проп. 1, 9). Но ете ние денес го славиме токму она што е ново под сонцето, новото и совршено дело што го направи Бог, кога направи чудо невидено дотогаш – Девица да стане Мајка, но не било каква, туку токму Мајка Божја! Тоа, чеда мои, е двојно чудо, тоа е највозвишеното дејство на Божјата семоќ, најголема тајна на нашата православна вера. Првото чудо ја надминува природата – гледајте: Дева а Мајка! Имало ли некогаш нешто почудесно од ова кај сета создадена твар? Второто чудо, пак, се издига до врвот на божествената благодат – Дева станува Мајка, но Мајка на Бога! Ова не е само големо чудо, ова е чудо над сите чуда! Но токму тоа чудо го благовести Гавриил кога на Дева Марија Ѝ вели: ‘И ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај’ (Лк. 1, 31-33).

И според премудрата промисла Божја, сите околности тогаш доликуваа на величието на ова чудо. И самиот благовесник, архангелот Гавриил, со своето име го објави таинството што требаше да се случи – надумното соединување на двете природи, божествената и човечката, оти самото негово име токму тоа и го означува. Неслучајно и местото беше Назарет, оти ‘Назарет’ значи ‘осветување’ и е симбол за осветувањето што дојде на човечкиот род преку оваа тајна. Соодветствува и времето, па, како што во месец март се случи создавањето на светот, така требаше во истиот месец со благата вест да стане и пресоздавањето негово. Тогаш непосеаната земја произведе растенија од ништо, сега неискусобрачната Дева зачна без маж и Го роди Бога.

А што да кажеме, пак, за самата Дева! Таа е почудесна од сè! Како што Божјото Слово стана она што не беше и остана она што беше, станувајќи човек и останувајќи Бог, така и Дева Марија стана она што не беше, и остана она што беше, станувајќи Мајка, а останувајќи, како и пред тоа – Дева. Стана Мајка, носејќи Го благословениот Плод во утробата, а ни малку не ја изгуби Својата девствена слава! Каков чудесен сплет на две спротивставени нешта – девствена чистота и мајчинство – неописливо слеани во една Жена! Торжествувај, природо, оти ѝ се воздава чест на Жена! Ликувај, сега, роде човечки, оти се прославува Дева! Радувај се и Ти, Дево, оти Ти се даде првиот пасхален цвет, што архангел Гавриил го држеше во раката своја – благовестието за идната Пасха, во која процвета новиот вечен живот!

И што би можел друго да додадам сега, освен она што Господ му го рече на цар Ахаз: ‘Барај за себе знак од Господа, твојот Бог: барај или во длабочините или во височините’ (Иса. 7, 11). Ете овие Господови зборови се упатени до сите, целиот човечки род, сите христијани, но и до оние што не Го познале Бога: ‘Гледајте’, вели Он, ‘погледнете долу на земјата, видете горе на небото и испитајте ја и сегашноста и сите минати векови и не ќе најдете друго такво знамение како ова, откриено пред многу векови, преку устата на Мојот верен слуга, пророк Исаија: ‘Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Емануил’’ (7, 14). И навистина, Господ насекаде го оставил Своето знамение, за ‘кој има очи да види’, да препознае дека нема друга вистина освен онаа што архангелот Ѝ ја благовести на Дева. Оваа Вистина, ова чудо над чудата, е почеток и крај на сите таинства.

Зарем тоа не е доволно за да се зарадуваат срцата наши? Но, ете, благодат врз благодат, радост врз радост ни извира од овој сечесен Празник, радост што срцата наши уште повеќе ги стоплува и со скрушена благодарност душите наши ги исполнува: Онаа Која во слава седи во недомислива височина, до престолот на величието Божјо, и Мајка Божја, Царица Небесна и Владичица се нарекува, со неизмерното милосрдие кај нас слегува и имајќи нè за Свои чеда, за нас пред Својот Син посредува. Го смилостивува Бога со смелост каква што има Мајката пред Синот Свој, и се моли за нас, христијаните, со љубов на најгрижлива мајка за своите деца. И смелоста и љубовта мајчинска Ѝ немаат крај: што може Таа да помоли, а да не добие од таков Син? Што можеме ние да помолиме, а да не добиеме од таква Мајка? Затоа сите бедни, страдалци, пленици, болни, сите што сте сокрушени и грешни, не тагувајте: Мајката Божја е и наша Мајка! Велат дека една мајчина солза од многу клетви ослободува. А колку повеќе се однесува тоа на премилостивата Богомајка? Една солза Нејзина, еден збор, едно посредништво веднаш гревовите наши ги очистува и од нас праведниот гнев Божји го одгонува.

Таква вера во Тебе, таква надеж во Тебе имаме, Сесвета Дево; Те исповедаме за Дева и Мајка; проповедаме за Тебе како за Мајка Божја и Те знаеме како Мајка на христијаните, почеток и посредница на нашето спасение. Сега, благодарение на Тебе, се отворени дверите на рајот. Огнениот херувим не го попречува влезот, туку ги повикува сите да влезат во радоста на својот Господ. Затоа, Мајко Божја, и Мајко на нас христијаните! Умилостиви Го Твојот Син за нас, Твоите чеда, и удостој нè за благодатта и Царството на Синот Твој. Амин!“