Слава и похвала кон великите просветители на нашиот род, свв. Кирил и Методиј

Ако ги запрашаш грчките книжници, велејќи: „Кој ви ги создал буквите, или ви ги превел книгите, или во кое време?“ – ретко кои од нив тоа го знаат. Но ако ги запрашаш словенските книжници, велејќи: „Кој ви ја создал азбуката и ви ги превел книгите?“ – сите знаат и ќе одговорат: „Свети Константин Философ, наречен Кирил, тој ни ја создаде азбуката и ни ги преведе книгите и брат му Методиј“. И ако ги запрашаш во кое време, тоа го знаат и ќе речат – за времето на грчкиот цар Михаил, и на бугарскиот кнез Борис, и на моравскиот кнез Растица, и на блатенскиот кнез Коцел, во годината 6363 од создавањето на светот.

– од „За буквите“ на Црноризец Храбар –

Колку е благословен еден народ кој има такви богомудри родоначалници! Со каква благодарност ги подига тој очите свои кон Бога и со каква љубов ги почитува нив и слави! Блажен и преблажен е нашиот македонски народ што ве има за свои најсвети татковци во Христа, возљубени наши просветители и првоучители, Кириле и Методие! Блажени се и вашите праведни и непорочни родители, што како благочестив корен родија две толку „светлозарни фиданки, носејќи на себе од Бога благословен плод!“ Но три пати блажени сте вие, избрани садови на Премудроста Божја, „еднакви по нарав на апостолите“, „просветители на словенскиот род и негови топли застaпници“, зашто подобно на Авраам станавте „придојдени на туѓа земја“ кај „народ што се поклонуваше на созданието наместо на Создателот“ и како Мојсеј „удостоени со двојна благодат“ ги изведовте луѓето од многумрачното ѓаволско море, го потопивте мислениот фараон и ја уништивте сета сила негова. Откако се вооруживте со вера и со силата на Крстот, го изведовте народот не во пустината, туку го насочивте кон светлината на богопознанието. Извадивте вода не од бесчуствен камен, ами од пречистите ребра на нашиот Господ, и народот го нахранивте не со леб ангелски, ами со самото Тело на нашиот Господ Исус Христос за прошка на гревовите.

„Кој ли пак ќе може да ви искаже достојна похвала? Откако со своите стапки ја минавте сета поднебесна земја, вие го осветивте целиот свет“. Го осветивте не со лажните мудрувања од овој век, ниту, пак, со празната наука на човечкиот разум, туку со Христовата наука на љубовта и смирението.

Се радува денес Црквата Христова и родот словенски што може да се пофали со вашите светли подвизи. Радосни сме и ние, вашите недостојни потомци, што со своите молитви нè закрилувате, и што во ова безбожничко време нè удостоивте нашиот Бигорски скит на планинските височини на Крчин над Битуше да ви го посветиме, вашиот свет спомен торжествено да го славиме, и подобно на вашиот богоозарен живот за чистите детски души светилник на богопознанието да приготвиме, летно школо за веронаука, од каде ќе блеска наоколу светлината на Христовото учење за љубовта, мирот и простувањето. Па како што вие со манната на ова богомудро учење ги нахранивте „словенските народи што гинеа од глад за Словото Божјо“, така и овој манастир што се нарекува со вашето име да биде божествена храна и питие за сите оние кои копнеат по сладоста на вашите „просветителски зборови и поуки“.

„ВЕ ВЕЛИЧАМЕ ВАС, СВЕТИ РАМНОАПОСТОЛНИ МЕТОДИЕ И КИРИЛЕ КОИ, СО СВОИТЕ УЧЕЊА, ГИ ПРОСВЕТЛИВТЕ СИТЕ СЛОВЕНСКИ НАРОДИ, И ГИ ПРИВЕДОВТЕ КОН ХРИСТА“.