Спасителу, во Египет ја покажа светлината на вистината и ја изгони лагата на темнината; идолите паднаа, не можејќи да ја истрпат Твојата сила, а оние што се спасија извикаа кон Богородица:
Радувај се, Ти ги поправаш луѓето;
Радувај се, Ти ги соборуваш бесовите!
Радувај се, Ти си ја победила силата на заблудата;
Радувај се, Ти си ја изобличила идолската измама…
Овие радосни восклици кои во вториот петок од постот го исполнија храмот со својата благодатна сила, ги потсетија браќата и сестрите од нашите два манастири и многубројните присутни верници на големата поткрепа и помош што ние верните ја имаме во Божјата и наша Мајка, Која секогаш со грижа и љубов ја закрилува и заштитува православната ни татковина, како што некогаш ја заштити Ромејската држава од наездите на непријателот. И всушност овие акатистни пофалби не се ништо друго туку наша топла благодарност и, пред сè, најсрдечна молитва кон Пресвета Богородица за доброто на државата и молба за Нејзина благодатна помош во уредувањето на односите во духот на Христовата љубов. А денес е вистинскиот момент искрено да ѝ се обратиме на Онаа Која ја победи силата на заблудата и ја изобличи идолската измама, просејќи од Неа да го простре својот омофор над нашата Татковина која тешко страда растргната од расправиите и неслогата на своите чеда.
Бројни се нашите неволји, Мајко Пресвета, погледни на нас кои сме опкружени со непријатели и како што некогаш паднаа идолите, не можејќи да ја истрпат Твојата сила, така направи да се покајат и сите оние кои не ѝ сакаат добро на нашата земја. Оти нашата земја, како што вели нашиот возљубен Старец е „премногу скапоцен дар, даруван од Бога поради љубовта, надежта и пожртвуваноста на нашите предци. Бог неа ја утврдил и закрепнал на каменот на силната вера на нашите татковци и дедовци, кои ни ја оставиле во наследство со завештание да ја чуваме. Колку само молитви, колку подвизи издигнати кон Бога, колку жртви и колку крв се принесени на олтарот за слободата на оваа земја, исполнета со светињи, како небото со ѕвезди. Оваа земја е земја распната, но украсена со многу светии: со преподобни, праведни, маченици, новомаченици, учители, преродбеници, кои силно озарени од светлината на Христовото Воскресение, се покажале како вистински проповедници и поттикнувачи на слободољубивиот национален дух на овој народ“.
Затоа, Пресвета Владичице и Војвотке наша, направи да се затворат устите на сите оние кои сакаат да ѝ наштетат на нашата Татковина и Црква. Слушни ги нашите смирени молитви, што се осмелуваме да ти ги упатиме и покрај безбројните наши гревови, и заради Својата мајчинска љубов и грижа помоли Го твојот Син и премилостивиот наш Господ да им даде благоразумие и смирение на сите чеда на оваа измачена земја, зашто сите ние сме потомци на оние што гинеа за неа. Вразуми ги и исполни им ги срцата со љубов за неа, па да се потрудат да најдат заеднички јазик, да ги надминат заблудите и идолските измами, и да го стават нашето заедничко добро пред своите лични интереси, покажувајќи свештена почит кон она што ни е најсвето и оставено во завештание.