Засветли во Рајчица проповедникот на Таворската светлина

Втората недела од Великиот пост секогаш пред нашите очи и мисли го става учењето на св. Григориј Палама за ликот Божји во нас, бидејќи ние секогаш се прашуваме што значи тоа – ликот Божји врежан од Самиот Бог во нас? На ова прашање тој одговора многу прецизно: ликот Божји во нас е најпрво и пред сè светлина, не физичка, туку онаа светлина со која Господ Исус Христос засветли на Тавор во часот на Неговото славно Преображение. Беседејќи за ова чудесно собитие од животот Христов, Палама вели: „Така Он засветли за време на молитвата и на своите ученици им ја откри таа неискажлива светлина, додека истовремено присуствуваа и најголемите меѓу пророците, за да покаже дека молитвата е причина за ова блажено видение и да можеме да разбереме дека приближувајќи се кон Бога преку силата на добродетелите и соединувањето на нашиот ум со Него, стануваме сведоци на тоа сјаење, кое видливо им се дава на сите оние што преку усрдно творење на добри дела и чиста молитва непрестајно се воздигнуваат кон Бога“. Гласот на овој светија е зрелиот глас на целата наша Црква, глас што ги надминува сите теологии, сите националности, сите административни поими на Црквата и излегува од срцето и душата, зборувајќи им на сите луѓе, било православни или не, и осветлувајќи, оживотворувајќи и преобразувајќи нè нас православните, кога ја бараме и достигнуваме заедницата со Христа.
Укрепени од овие догматски вистини кои извираат од длабоките богословски ризници на Божествениот созерцател на Божјите тајни, монашкото братство и сестринство, возглавено од својот свет Старец, архимандрит Партениј, и овој пат усрдно се потруди најдостоинствено да го прослави неговиот свет спомен. Зашто оние кои монахуваат не можат а да не го имаат во срцето и мислите големиот проповедник на благодатта, учителот на внатрешното молитвено делување, бранителот на светите исихасти, и неуморен молитвеник за подвижниците на молитвата и целомудрието. А за девствените жителки на Рајчица уште и покровител на параклисот, покрај светите Нектариј Битолски и Јован Кукузел, на кого тие, како на татко на монаштвото искрено му ги отворија своите души, просејќи благодатна помош во најважното за нив училиште на молитвата. И ете сега, најпосле, среде ова благословено време на посниот подвиг, момент за торжество во чест на оној чие застапништво тие постојано го барале во своите молитви. За миг параклисот во домот на светиот Победоносец Георгиј се претвори во онаа скромна аскетска пештера на св. Григориј, каде тој во молитва постојано се среќаваше со Бога и стана причесник на Таворската светлина. Налик на таа светлина и молитвеното катче на параклисот беше озарено со една чудесна таинствена светлина, среде која големото мнозинство присутни молитвени души ја созерцаваа небесната слава на светиот. А умилителниот хармоничен спој на двата византиски хора – и оној монашкиот, а и познатите „Хармосини“, кои дојдоа да го збогатат ова раскошно молитвено доживување, совршено го надополнуваа и онака длабоко молитвениот амбиент со своите мистични византиски напеви, натопени со молитва.
А пред да се соединат реално со возљубениот наш Христос преку причестувањето со Неговите свети дарови, присутните мисловно се поклонија на делото на солунскиот боговидец св. Григориј Палама, поттикнати од богопросветлената беседа на нашиот почитуван надлежен архиереј, Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Тимотеј, кој мудро советувајќи ги за ревносно исполнување на посниот подвиг, им го посочи за пример токму великиот солунски молитвеник и подвижник, св. Григориј:

„Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Амин!

Драги браќа и сестри,

Човекот е создаден да Го слави и да Го прославува својот Создател, односно Бога. Но, поради престапот на нашите прародители, ја изгубил таа благодатна состојба и е истеран од рајот. На човекот, наложено му е со пот и со мака да го заработува својот леб. Но, милостивиот Бог, се смилува и повторно му даде можност на човечкиот род, да си ја поврати првобитната благодатна состојба. Состојба која ќе ја здобие преку прославувањето и величањето на својот Создател. За тоа потребни се труд, пост, молитва и подвизи. А како најдобар период, токму за овие подвизи, е Големиот, односно Велигденскиот пост.
И нашиот Спасител Господ Исус Христос, пред да го започне извршувањето на искупителното дело, се повлекол 40 дена во пустината во пост и молитва. Најпрво го победил искушувачот, кој се обидувал на најразлични начини да Го прелаже и да Го натера да отстапи од извршување на искупителното дело. Како што знаеме од светото Евангелие, искушувајќи Го Господа Христа, демонот: „Го одведе на една висока планина и Му ги покажа за миг сите царства во светот. И Му рече ѓаволот: ’Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам. Ако Ти ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое‘. Но Исус му одговори и рече: ’Бегај од Мене, сатано, зашто напишано е: На Господа, твојот Бог, поклонувај Му се и единствено Нему служи Му!‘ “ (Лука 4, 5 – 8).
Наоѓајќи се во постот на светата Четириесетница, ќе нагласиме дека светата Црква, најмногу внимание посветува на спасението на човековата душа. Самиот Господ Исус Христос, доаѓа во овој свет, прима човечко тело, живее со нас, јаде и пие, лекува, а на крај и пострадува. Преку тоа, нè учи, дека ние, како христијани, должни сме да го негуваме и телото и неговите потреби. Но, во никој случај да не даваме предност на телото пред душата. Човекот е создаден како психосоматско битие, затоа, човекот е должен да се грижи и за двете, и за душата и за телото. За да го постигнеме спасението, потребни ни се и облеки, и храна, и пиење, и куќа и многу други нешта, но, вечното спасение е попотребно и без него сето останато е ништо. Оној којшто има спасение, тој има се. А кој нема спасение, тој нема ништо. „Зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости?“ (Мат. 16, 26).
Пример, којшто нè поучува а и нè повикува кон оваа цел, како Христови верници и следбеници, е и св. Григориј Палама, на кого, светата Црква, му ја посветува оваа втора недела од Великиот пост.
Овој Божји угодник, роден во Цариград, потекнува од високо благородничко семејство. Неговиот татко, на крајот на 13 и почеток на 14 век, бил сенатор и влијателен човек на византискиот двор. Св. Григориј ги изучил сите можни високи школи од тоа време. Уште од својата младост, не го привлекувала световната служба и слава на византискиот двор, каде што сите, по некој природен тек, го очекувале. Откако ги завршил овие високи школи, се повлекол на Св. Гора, каде што со пост и молитва и во молчание се подвизувал и ја очистувал својата душа. Растејќи, на духовен план, тој постанал општо познат, како голем мислител и молитвеник.
Во тоа време ќе се појави едно погрешно еретичко учење, кое ќе го проповеда и ќе го учи еден калабриски монах Варлаам. Тој учел погрешно, дека не постои нетварна светлина, туку дека тоа е повеќе некоја си халуцинација на одредени луѓе. Луѓе кои не се доволно просветени и на кои такво нешто им се причинува. Тогаш, св. Григориј Палама, и покрај тоа што бил на Св. Гора, се јавува со своето учење, и со своите пишани трудови, каде што го побива ова погрешно еретичко учење, проповедано од Варлаам и од други. Некои, пак, од оние што погрешно учеле, биле и учители на св. Григориј.
Св. Григориј експлицитно објаснува дека постои и може да се доживее нетварната светлина. Истата онаа којашто ја виделе апостолите Петар, Јаков и Јован, за време на Христовото Преображение. Но, за да се доживее и да истата да се види, возможно им е само на луѓе кои се длабоко проникнати во мистиката и во созерцанието на Бога. Луѓе кои се со очистени срца и души, и телесно и душевно. Само тие ќе можат да ја доживеат и да ја видат таа нетварна светлина. Не можат да ја видат оние коишто сакаат само на интелектуален начин да ја доживеат. Не се духовно просветлени, очистени и облагодетени, а сакаат, без подвиг, пост и молитва да ја доживеат и видат. За таквите ова е недостапна светлина, како што е недостапна и за нас, коишто сме оптоварени со земни страсти и кои сме духовно непросветлени и неосветлени.
Наоѓајќи се и ние во време на овој Велигденски пост, да се поучиме од животот, од подвизите и од делата на овој голем свет учител на светата Православна црква. Од предводникот и од учителот на исихазмот, односно на тихувањето. Та и ние преку пост, молитва и созерцание за духовните нешта, да се обидеме да ги очистиме нашите срца и души од секакви овоземни нешта кои нè привлекуваат кон минливи и времени вредности. Да ги насочиме нашиот ум, нашата мисла, и нашите дела кон повозвишени цели. Да ги насочиме кон светост, кон правда, кон љубов и кон правење на добри дела. Па да можеме и ние да се доближиме до таа нетварна светлина и така да спечалиме вечен и блажен живот за нашите души сега и во сета вечност.
По молитвите на св. Григориј Палама, Бог нека ги услиша нашите молитви, така нека биде. Амин!“