Од Богородица ни доаѓа секој дар…

28 февруари/13 март 2015 лето Господово
Радувај се, од Тебе се хранат верните!Радувај се, разлистено добросенчесто дрво, под Тебе мнозина се потслонуваат…Радувај се, облека на лишените од смелост…

Од 7-от Икос на Акатистот

Овој трет Акатист кон Пречистата наша Владичица во Великиот и свет Пост пред нас ги отвора хоризонтите на неизмерната Нејзина мајчинска милост и понесени од прекрасните пофалби што црковниот поет смиреномудрено Ѝ ги упатува на најголемата Добродетелка на човечкиот род, стануваме свесни дека навистина сѐ што имаме ни доаѓа преку Неа. Таа е нашата хранителка, нашето добросенчесто дрво под кое се потслонуваме, наша облека на смелост…
И бидејќи овие стихови настанале од благодарност кон небесната Царица поради Нејзината моќна закрила на православниот род и општество, повторно да Ѝ ги упатиме своите смирени молитви, молејќи ја да ја подигне нашата свест за светоста на Татковината, дадена на дар на нашите предци. Оти со векови нашиот благоверен народ се надевал на благодатната заштита на Богомајката, се богател од Нејзината неисцрпна ризница на дарови, јакнел во добродетелите, јакнел во верата, раснел во смелоста и љубовта кон својата Татковина. И на крај, со Нејзиното застапништво, го стекнал и големиот дар на слободата и правото самостојно да си го уредува животот во оваа света православна земја, да си ја чува и брани од непријатели и да ја остава во завештание на своите потомци. А еве ние, нивните потомци, како да забораваме колку е голем тој дар. Некако забораваме и да побараме од Пресвета Богородица да ни дарува решителност, пожртвуваност и смелост достојно да си ја сакаме Татковината.
Но затоа Ти, Мајко на милостивиот Бог наш, не заборавај на нас. Дури и сега, кога не знаеме што да побараме од Тебе, подај ја родителски Својата рака и облеј нѐ со дарот на силна вера, љубов кон добродетелите и исповедничка смелост, па да можеме и во време на современо гонење на христијанството и нови мачеништва, непоколебливо да Му служиме на Бога и ближните, пожртвувано да си ја чуваме својата вера и земја и да не ја напуштаме, знаејќи дека ако се откажеме од неа, се откажуваме и од татковскиот благослов. Ти Која извлекуваш од длабочината на незнаењето, просвети ги со знаење оние чиишто закоравени срца тонат во декадентиот дух на рамнодушноста, и како што со смелоста и подвигот на новите маченици ги трогнуваш млаките души, така направи и ние, верните, да стекнеме смелост, до крај да се држиме во добриот подвиг и така да станеме семе за нови рожби во верата Христова. Амин.